Во главниот град на Катар, Доха, отворени се за јавноста 14 колосални скулптури во бронза на британскиот уметник Damien Hirst, што прикажуваат различни фази од зачнување до раѓање на бебе.

Колекцијата наречена „The Miraculous Journey“ (Чудесното патешествие), почнува со скулптура на оплодување на јајце клетката, и преку разни етапи од развојот на фетусот во матката, кулминира со 14-метарско бебе.

Скулптурите се високи од 5 до 11 метри, а целата композиција тешка 216 тони е распоредена покрај новиот Sidra медицински и истражувачки центар (Sidra Medical and Research Centre), изграден за 8 милијарди долари, а кој поседува завидна колекција современа уметност, вклучително и инсталација на Tracey Emin (дел од Young British Artists, групата каде заедно токму со Damien Hirst е меѓу водечките уметници).

Скулптурите платени 20 милиони долари официјално ги овозможила љубителката на уметноста и претседателка на Qatar Museums, шеика Al-Mayassa bint Hamad bin Khalifa Al-Thani (сестра на емирот на Катар, шеикот Tamim bin Hamad Al Thani), како дел од повеќето културни иницијативи со цел да се надминат традиционалните граници меѓу источната и западната уметност на Блискиот исток“.

Ова дело на Hirst всушност било готово и отворено уште во октомври 2013, но 14-те бронзени скулптури биле покриени до големото отворање, сега во октомври, за да се заштитат од можни оштетувања поради изградбата на болницата.

Не очекуваме секому да се допаѓаат, не очекуваме секој да ги разбере. Затоа и се тука (скулптурите) – да создадат повод за дебата и рефлексија. Веруваме дека ја одразуваат мисијата на Sidra да се грижи за здравјето на жените и бебињата“, е изјава од одговорната за уметност во владината Qatar Foundation, Layla Ibrahim Bacha.

Самиот Hirst во 2013 година изјавил дека сакал да создаде „нешто монументално, и во суштина хумано“.

На крајот на краиштата, патешествието кое бебето го поминува пред да се роди е поголемо од кое и да е што ќе го искуси во неговиот живот. Се надевам дека скулптурите ќе всадат во гледачот чувство на стравопочит и чудо од овој извонреден човечки процес.“

Уметникот пред 5 години предупредил и на можните контроверзи што би ги предизвикала оваа прва „гола“ скулптура на Блискиот исток, но од официјален Катар потсетуваат дека и во Куранот има стих за чудото на раѓањето, кој младо момче и го изрецитирало на отворањето, во прилог на објаснувањето дека делото на Hirst не е против исламската религија и култура.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here