„Кога ќе видиме било која од овие слики, гледаме еден момент на тенденциозна комуникација со посматрачот на сликата. Верувам дека и вие кога сте во овој простор, наеднаш сте импресионирани од моментот на боите. Кој ги има боите, ја има енергијата на животот. Таа енергија на животот, силна и радосна, зрачи од сликите на Стефан“, се зборовите со кои ликовниот уметник Горјан Ѓорѓиев, вчеравечер, во Галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ), ја отвори самостојната изложба на Стефан Димовски.

А во самите 30-тина дела во комбинирана техника од ова ново претставување на Димовски, како врзивно ткиво во концептуалниот дел, може да се забележи препознавањето на жената/женското, во одредени карактеристики на оние претставници на животинскиот свет со кои некои метафорично ги поистоветуваат жените, од видот на „риба“ или „мачка“.

„Се обидувам да ги поврзам жените како животинско битие, со останатиот животински свет. Тука правам едно поврзување на животот како целина – во секоја моја слика е присутен животот. Го сакам животот, го искажувам така како што го доживувам, преку боите, преку текстурите, и секоја слика зрачи сама по себе со поглед, и покрај опсервацијата што ја прима од гледачот. Самата слика го опсервира гледачот“, објасни Димовски за patem.mk.

Стефан Димовски е роден во 1983 година во Скопје, во уметничко семејство, a сериозно почнал да се занимава со акварел во 1995, за по долгогодишен престој во Франција, каде воспоставил контакти со познати акварелисти, да ја усоврши акварелната техника до перфекција.

 

Учествувал на повеќе групни изложби во Сан Рафаел, а изложувал и во повеќе галерии на југот на Франција. Во 2011 добил награда за акварел во конкуренција на 60 сликари и акварелисти, на 12-тиот саем за сликари и акварелисти во Сан Рафаел. Истата година ја добил и втората награда за скулптура изработена од отпад за рециклирање, во организација на Пакомак. Во 2017 следи наградата „Златна четка“ од ДЛУМ, на МиниАРТура во галеријата на НЛБ …

Дела на Димовски се наоѓаат во повеќе институции и приватни колекции во земјава и во странство, а работи покрај чист акварел, и комбинирана техника (акварел, колаж, акрилик, сепиа, пастел). 

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here