Спектакуларното бегство од строго чуваниот затвор Clinton Correctional Facility во американската сојузна држава Њујорк, на 20 километри од канадската граница, што се случи во 2015 година, доби големо медиумско внимание, и поради тоа што на двајцата затвореници кои избегаа им помогнала вработена во затворот, која со нив била во сексуална врска/триаголник. Истрагата/потрагата по двајцата бегалци траеше 23 дена и чинела 23 милиони долари (по милион секој ден), како што објави тогаш ABC News.

Со ѕвездена актерска екипа, која е за секоја пофалба, е снимена мини-серијата „Escape at Dannemora“, базирана на вистинските настани, во која Benicio Del Toro е Richard Matt (осуден за убиство, а и самиот убиен во потрагата), Paul Dano е David Sweat (вториот бегалец, осуден за убиство на полицаец, кој е ранет и вратен во затвор), а оскаровката Patricia Arquette го износила најтешкиот актерски предизвик, да ја портретира Joyce „Tilly“ Mitchell, средовечната супервизорка на затворската кројачница.

Токму главниот адут на серијата се одлично разработените и одиграни ликови, зашто и режисерот Ben Stiller (попознат како актер), кој овде завршил солидна работа, не барал преносни значења, туку (како што може да се заклучи од изјавите на екипата на „Escape at Dannemora“) што поверно портретирање на комплексните ликови и на околностите кои довеле до нивната интеракција што ги создала условите за спектакуларното бегство.

Del Toro и Dano за целта и го запознале David Sweat (преживеаниот бегалец), кој им помогнал споделувајќи многу детали од настанот, и како што вели актерот кој го игра во серијата: „(Sweat) Нѐ натера да замислиме што би било со него кога нештата би биле само малку поинакви, да не завршил веќе на 16 години во затвор; кога некој малку повеќе би вложил во неговото воспитување … сфативме дека е доволно интелигентен за да можел да стане и инженер …“

Ликот, пак, што го игра Del Toro, Richard Matt, бил многу добар сликар, „што ја создава контроверзата околу него, и ѝ дава дополнителна димензија на оваа комплексна личност“, како што вели актерот.

Но, Arquette и физички ја имала најтешката задача, да се здебели 20 килограми, само за почетокот на обликувањето на нејзиниот лик.

„Многу долго се занимавав со ликот и ми беше интересно толкавото менување. Секој ден ми ставаа алкохол и други средства на кожата за да изгледам постаро …“

Во случајот на ликот на Arquette, Joyce „Tilly“ Mitchell, околностите што ја претвориле во протагонист на „Escape at Dannemora“, се нејзиното откажување од очекувањата од животот, „хибернирање“ во малото место каде е сместена казнено-поравната установа, сѐ дури можност за бегство во заборавениот свет на романтичната возбуда не видела во затворот, што Richard Matt го искористил за со Sweat да избегаат оттаму.

Оскаровката е сосем уверлива во доловувањето на очајот на „Tilly“, кој се мери со опасноста на која се изложувала барајќи „живот“.

Arquette не сакала да ја запознае „Tilly“, бидејќи гледајќи ги нејзините интервјуа заклучила дека од тоа нема да има многу корист. Имено, „Tilly“, иако случајот е разјаснет со докази, уште глуми „наивна“, тврдејќи дека нема никаква врска со бегството на Matt и Sweat (така и почнува серијата – со интервју со „Tilly“ во функција на истрагата).

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here