Лазар Диманин, првиот градител на виолини во Македонија, не можел ниту да претпостави колку неговите пророчки зборови кажани пред цел век ќе бидат преисполнети со успесите што неговата правнука, Ева Богоевска, ќе ги пожнее како виолинистка веќе на детска возраст. Нејзината, пак, мајка, Марија Диманин – Богоевска, отишла преку желбата на прабабата, зашто не само што свири, туку е и професор по пијано. Ние, во разговор со Ева и Марија, сакаме да научиме да слушаме што повеќе од убавината на репродуктивната музичка уметност

Патем: Ева е виолинистка, а Марија педагог по пијано. Има ли корени и поназад во вашето семејство оваа традиција во музиката?

Заедно. Куала Лумпур

Ева: Мојата баба и нејзината сестра изучувале пијано, но никогаш професионално не се занимавале со тоа. Повеќе можам да кажам дека педагогијата е еден вид традиција во моето семејство. Имено, уште на мајка ми двајцата прадедовци биле учители; нејзиниот дедо, а мој прадедо бил професор по статика; мојот дедо, пак, професор по историја … Што се однесува до корените кои имаат допирна точка со музиката, би го издвоила Лазар Диманин – првиот градител на виолини во Македонија. Тој многу одамна ѝ велел на мојата прабаба да си земе неколку негови виолини за да ѝ свират внуците на виолина, а таа му одговарала дека сака нејзините внуци да свират пијано, како нејзините ќерки. Тој бил упорен и велел – „земи барем една, можеби некое дете на твоите внуци ќе свири виолина“. Дедо Лазар никогаш не дозна дека тоа што тогаш ѝ гокажал на мојата прабаба се исполни.

Патем: Кога изведбата на едно музичко дело станува уметност? Што ѝ дава додадена вредност на прецизно отсвирената партитура?

Марија: После совладувањето на сите технички барања кои произлегуваат од делото, интерпретаторот треба да се пронајде себеси (во делото), и да му даде свој личен печат кој публиката ќе го восприеми, и тогаш изведбата станува уметност. Секоја изведба на едно уметничко дело е на некој начин уникатна, и мислам дека токму во тоа е убавината на репродуктивната уметност. Иако кога еден уметник изведува дело тој има однапред зацртан концепт на изведбата, секогаш постојат разлики од изведба до изведба.

Ева: Постојат разлики во концептот и техниката на изведбите во зависност од разликите меѓу разни школи (германска, руска, француска). Потоа постојат традиционални начини на изведба не едно дело, а сега и разни современи толкувања во интерпретациите на делата. Прецизно и точно отсвирена партитура, дури и при високо ниво на техничка спретност, само по себе не е доволно. Она што ги разликува изведбите е токму тој личен печат што треба да биде препознатлив и уникатен.

Карнеги Хол, Њујорк

Патем: Во што се разликува врвниот инструменталист од, да речеме, просечниот? Mузички неедуцираната публика тешко дека ги разликува изведбите на пијанистите или виолинистите од првиот и од вториот вид.

Марија: Врвните инструменталисти, според мене, пред сѐ имаат брилијантна техника и изведувачки апарат кој беспрекорно одговара на сите технички предизвици кои се сретнуваат во виртуозните дела. Но, тоа е само база. За да биде препознатлив, особено во денешницава кога конкурентноста во светот е на многу високо ниво, врвниот инструменталист треба да го поседува она што го викаме харизма. Има изведувачи кои со својата природност, спонтаност, леснотија и препознатливост на изведбата, заслужено се наоѓаат на врвот.

„Во публиката има луѓе со различен степен на познавање на класичната музика, а солидниот инструменталист би требало да успее да го задржи вниманието на сите“

Ева: Во овој контекст морам да дополнам и дека усовршувањето на еден инструмент е секојдневен и долготраен процес. Како и кај спортистите, и кај инструменталистите многу лесно се излегува од форма. Ние музичарите обично велиме вака – ако еден ден не вежбам, другиот (ден) ќе приметам самиот – ако два дена не вежбам, ќе приметат колегите – а ако три дена не вежбам, сите ќе знаат дека не сум вежбал. Музички неедуцираната публика исто може да почувствува дали некоја изведба е интересна, допадлива или не. Понекогаш и тоа е одличен параметар за нас изведувачите, бидејќи кога свириме на концерт во публиката има луѓе со различен степен на познавање на класичната музика, така што солидниот инструменталист би требало да успее да го задржи вниманието на целата публика. Постојат одредени правила, како и традиции на изведбата на делата кои зависат од карактеристиките на епохата кога е создадено делото – од стилот на композиторот, начинот на изведба на одредени елементи застапени во делата, доследност во почитувањето на ознаките во нотниот текст; постојат разлики и во изданијата на делата и т. н. Сите овие нешта секако дека ќе ги примети музички едуцираниот. Како и во сите професии, одредени работи не се видливи за луѓето од друга професија, но уживањето при восприемањето на уметноста е она што ја обединува целата публика, а енергијата од страна на публиката има многу важна улога во репродуктивната уметност.

Од Ерусалим … со Гранд-при

Патем: Се сложувате ли дека не е соодветно класичната да се нарекува сериозна музика (наспроти другите видови)? Кои музичари или албуми, песни, што не се класика, сметате дека во иднина заслужуваат да добијат таков статус?

Ева: Имајќи предвид дека класичната музика што ја создавале многу композитори како Моцарт, Хајдн, Штраус и други, во нивно време била забавна музика и се изведувала во дворовите, на баловите, можеби навистина како термин не соодветствува. Кај нас дома кога не слушаме класична музика се слуша Depeche Mode. Мајка ми е нивен обожавател од дете, а и јас израснав со нивните песни, така што, освен музиката, ми се допаѓа тоа што нивните песни имаат и моќни текстови. Мислам дека ние двете на оваа група би ѝ го дале приматот.

Патем: Препорачајте ни, како некаков ориентир за класичната музика денес, одредени тенденции и имиња што треба да се следат?

Марија: Моја омилена пијанистка е Марта Аргерич, и неа би ја препорачала на читателите да ја слушаат. Денес сме сведоци на една цела плејада на млади и многу успешни пијанистки, кои покрај тоа што се извонредни како инструменталистки, посветуваат многу внимание и на сценскиот настап, пленат и со својата шармантност, стилот на облекување и т, н. Од тој стил на една нова тенденција во класичната музика – би го нарекла стил кој се труди да оди во чекор со времето, би ја издвоила пијанистката Катја Буниатишвили.

Ева: Јас од виолинистите би ги издвоила Исак Перлман, Сара Ченг, Ани Софи Мутер.

Американска катедрала, Париз

Патем: Како ја доживувате, од позиција на уметници, Македонија како културна средина?

Ева: Македонија е земја која има таленти, и иако е мала, има со што да се гордее. Секогаш кога ќе освоев интернационална награда го помислував тоа. Исто така, мислам дека во Македонија оној кој сака да концертира и настапува, има можности. Можеби немаме многу сали како во големите метрополи, но има богата музичка програма и концерти во текот на целата година. Имаме можност да слушаме врвни светски имиња кои гостувааат во Македонија како солисти, а тоа е многу важно за развојот на уметниците.

Театар Марчело, Рим

Патем: Со оглед на супер-успешната кариера на Ева, реално е да имате високо поставени амбиции. Кои се вашите следни предизвици?

Ева: Во моментов започнувам да работам нов програм, и тоа е огромен предизвик за мене. Сега сум трета година студии на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професор Олег Кондратенко. Покрај настапите и ангажманите кои секојдневно никнуваат, приоритетот го ставам на моето успешното завршување на додипломските студии, а потоа планирам за магистратура да заминам и да се доусовршам во странство.

Марија: Јас како родител, се разбира, секогаш сум тука да ја поддржам и охрабрам во секоја нејзина одлука.

Ева Богоевска е родена во 1999 година, во Скопје, а почнала да ја изучува виолината на седумгодишна возраст, во класата на професорката Ана Кондратенко. Уште на самите почетоци на музичка кариера победила на меѓународниот фестивал за класична музика, „Охридски бисери“, и добила покана за два концерти во Братислава, Словачка.

На 16-годишна возраст се запишала на Факултетот за музичка уметност во Скопје, како најмлад студент во државата, во класата на професорот Олег Кондратенко.

Од 2017 година, Ева Богоевска е член на „FAMES film orchestra“, каде снима филмска музика учествувајќи во многубројни проекти.

Како претставник на Македонија, на земјава ѝ донела повеќе први меѓународни награди и признанија, меѓу кои позначајни се првата награда на фестивалот Сан Ремо-Јуниор во Италија во 2012 година, и лауреат од прв степен на реномираниот меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург – Русија, во 2014 година, со 150 учесници од целиот свет. Во септември 2016 година, Богоевска како претставник на Македонија на меѓународниот фестивал за класична уметност и култура, кој се одржа во Ерусалим, ја освои највисоката награда – Гранд-при на Фестивалот.

Во април 2017 година таа ја освои првата награда на најголемиот интернационален натпревар за класична музика, „Рондо“, што се одржува во Њујорк, и како првонаградена во својата категорија (во која се натпреварувале 200 кандидати од сите континенти) реализираше концертен настап во познатата сала Карнеги Хол во Њујорк.

Повеќепати настапувала како солист со Македонската филхармонија, како и со Националниот оркестар на операта и балетот во Хо Ши Мин – Виетнам. Како солист остварила настапи во Словачка, Малезија, Виетнам, Италија, Русија, Австрија, Чешка, Унгарија, Америка, Израел, Франција и, секако, во Македонија.

Во 2017 година Богоевска одржа солистички концерт во Театарот Марчело во Рим, Италија, а во септември 2018 година во Американската катедрала во Париз, Франција.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here