„Денес е сè поизвесно дека развојот на општествената сфера и динамиката на релациите речиси и да не зависат од елитните форми на уметност, академската сфера и научните сознанија, ниту од традиционалните чувари на знаењето. Тие неспоредливо многу повеќе зависат од динамиката на популарната култура, од индустриите за забава, од политичката и корпоративната пропаганда“, е тезата со која кураторот Владимир Јанчевски го почнува својот осврт на изложбата „Протрузија/Обиди за избивање“, на уметниците Гоце Наневски, Игор Сековски и Борис Шемов, што во петокот (23 ноември) беше отворена во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“, во Кавадарци.

На јазот/прашањето што неизбежно го отвора оваа теза: тогаш, чуму уметноста?, односно, дали уметникот и самиот е една аномалија, девијација во вака дефинираниот и несопирлив хипернормирачки тек, уметноста треба да одговори, пишува Јанчевски, во форма што ќе ја истакне нејзината критичка и еманципаторска димензија.

Наневски, Сековски и Шемов се автори кои се активни на локалната и меѓународната сцена од средината на деведесеттите, и често изложувале заедно, во рамки на бројни групни изложби, а во досегашното творештво разработувале различни прашања и користеле различни медиуми. Но, сега првпат се претставуваат заедно како иницијатори на проект во кој освен изложување на индивидуалниот труд, насочувајќи го фокусот кон отворениот процес на работа низ размена, отворен е нов простор за преиспитување на сопствената работа и увид во можните точки на вкрстување, преку нови дела кои премиерно се претставени на оваа изложба насловена „Протрузија“ или „Избивање“.

Наневски со кураторот Јанчевски

„Тоа што може да се посочи како заедничко во делата на тројцата автори во рамки на оваа изложба е обидот да се долови чувството на тегобност кое произлегува од статус квото; состојба на привидно движење и промена, кои не нè упатуваат на некоја цел. Истовремено зборува и за потрагата и исчекувањето да се случи некоја неодредена, но сонувана трансформација, како солидна метафора за чувството кое го обележува времето во кое живееме“, пишува Јанчевски.

Погледнете ја фото-галеријата од „Протрузија“, изложбата што на 11 декември ќе допатува и во Скопје, и ќе биде дел од поголема групна изложба во „Јавна соба“, организирана од „Арс Акта“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here