Фото: Лилика Стрезоска

Кога би осмислувале суперјунак за стрип, чија моќ би била креативно-културно да ги разбудува луѓето, во неговата биографија би одговарало да стои дека, на пример, уште во прва година средно имал панк бенд, оти првата, рана фасцинација од книжевноста му ја приредил Данил Хармс, а во светот на ликовната уметност, исто така рано, влегол преку дадаистите. А токму актерот, режисерот, музичарот, концептуалниот уметник Ивица Димитријевиќ, како што сфативме од она што ни го раскажа, уште со „млечните“ заби ја џвакал споменатата цврста културна храна, која вообичаено бара да ѝ се дорасне постепено, преку полесна лектира.

Она што некогаш било зошто, сега е затоа“, вели Димитријевиќ, кој додека како дете си играл со колички, меѓу кои имал и комбе за продавање сладолед, сакал кога ќе порасне или да продава сладолед или да биде ѓубреџија, „зашто беше супер или да им помагаш на луѓето или барем да ги усреќиш“.

Пред панкот, Хармс и дадаистите, моќ на имагинација собирал мистифицирајќи го ридот во чие подножје живеел.

„Како клинец живеев во куќа во Куманово, во една населба блиску до центарот – се вика Зелен рид, ама јас не живеев баш на ридот, туку во подножјето. На ридот игравме фудбал, правевме бункери, се собиравме да ги направиме сите „бељи“. Тоа на возраст од 7 до 13-14 години. Подоцна на тој рид изградија куќи и згради, и повеќе не беше наше место. А мојот светоглед поаѓаше од тој рид – тука си игравме, тој колорит на обични маалски нешта, ми правеше огромно задоволство.“

„Се обидувам да дејствувам во областа на културата, колку што можам, не секогаш со поголеми намери од потребата да излезе од нас она што го собираме, но често го правам тоа што го правам за да им го свртам вниманието на некои луѓе, да се разбудат, да размислуваат за себе“

За првото, прото-актерско соживување со улога до самозаборав, Димитријевиќ како реквизит користел сукало, кое му било пушка.

„До мене живееја повеќе братучеди, сите машки, и сите беа поголеми и можеа да излезат да си играат на улица, а мене, како најмал, не ме пуштаа, ме чуваше баба ми. Сам дома, единствена забава ми беше телевизијата, која, секако, не можеше да се гледа нон-стоп. А на телевизија често даваа каубојски филмови. И мене сукалото ми беше пушка – бев каубоец, до некое време, кога сфатив дека всушност каубојците се тие што ги малтретираат Индијанците, па станав поглавица. Тоа ми се некои први фасцинации и сфаќања дека нешто можеш да правиш сам – дека не ти треба никој – можеш да земеш сукало и тоа да ти биде пушка, и цел ден да поминеш со тоа.“

Претстојниот негов креативен калибар го оддавале и трите детски желби: „Да имам брада, да „закуцам“ топка во кош, и да отидам во Мариово“, а ќе ја пренесеме приказната поврзана со македонската област карактеристична по својата историја, етнологија, традиции, култура …

„Две од желбите ми се исполнија, а третата, да „закуцам“, никако (Димитријевиќ бил избран за кадетска кошаркарска репрезентација, но не продолжил со кошарката, н.з.). Во Мариово сакав да отидам поради причини што веројатно доаѓале од потсвеста, го замислував како некое митско место; ми имаше призвук на место каде што има нешто суштински битно. Најверојатно имале влијание приказните за Итар Пејо и митот дека таму никогаш не стасале Турците. И отидов во Мариово, во Витолиште, со триста куќи и десет жители, на кои им игравме претстава – дел од „Крпен живот“. Беше многу интересно – игравме пред месната заедница каде пишуваше „Среќен 1-ви мај 1975 година“. Во исто време беше и тажно и радосно. Шетавме низ селото во кое нема жители. Бев средно школо, одевме со професорката по македонски јазик, Анита, која мене не ми беше директно професорка, но во гимназијата ја водеше драмската секција. Еден неверојатен дух – се работи за личност за која мислам дека и кога спие, твори добрина околу себе. Таа имаше порив со секцијата да одиме секаде. Работевме сцени од „Крепен живот“, и ајде, зошто да не отидеме да ја видиме куќата на Стале Попов. На претставата (во Витолиште) дојдоа четворица луѓе, а на петтиот што дојде му избегаа кравите во Грција, па мораше да отиде да ги врати … Стварно е фасцинантно Мариово, таа мудрост што ја зрачи не може да се фати, да се затвори во едно книгиче – фати ѝ ја фреквенцијата, ама не се обидувај да ја демистифицираш, да ја урнеш.“

„Горд сум што бев дел од култните The Hip и Т. Б. Трачери“

Ивица Димитријевиќ првиот бенд го оформил во прва година средно школо; се викал „Сизивс Ворк“, напишано на кирилица. Почнал сам да прави песни, и влегол во периодот што трае до денеска, на многу проби, со многу бендови.

„Со средното школо дојде панкот. Имав среќа да бидам дел од два за мене култни бендови од Куманово, од Македонија – „The Hip“ и „Т.Б. Трачери“. „Сизивс Ворк“ беше панк бенд, со наши песни, со тотално импровизирани инструменти, бубњеви од машина за перење – баш од бубањот; чинели од сообраќајни знаци, а бубњарот имаше само една полуфункционална фус машина, од братучед му. Добошот беше од тенџере со рентгентски „кожи“. Појачалото, пак, ми го направи брат ми кој заврши во Скопје, во „Орце Николов“, ниска струја … Прва свирка ни беше Гитаријада во Свети Николе. Тоа беше фасцинантно, зашто толку колку што собира плоштатчето во градот, толку луѓе имаше. Јас носев шлем, од фирмата KBR, со знакот на Супермен и зелен криптонит. А бевме многу лоши – панк како Half Japanese, оние двајцата браќа Jad и David Fair. Тие на првиот албум не знаеле да свират – колку знаеле, толку. Ние знаевме многу малку да свириме, но имавме голема желба. Во Свети Николе отсвиревме и една песна од Nirvana – требаше бендовите да имаат по една преработка, а наша беше „Grandma take me home“ (Sliver), која ја преработивме во „Бабо води ме дома“.

Сизивс Ворк“ подоцна се трансформирал во друг бенд што се викал Јоркшир, кој траел кратко, и од панк преминувал кон пост-панк, со малку повеќе влијанија од Joy Division, Bauhaus … – ама сѐ тоа на наш начин – не сакавме да копираме.

Кога потоа ме викнаа да свирам во The Hip, не ми се веруваше. Дојдов дома и не верував дека мене ми се случува. Со нив свирев две години“, раскажува Димитријевиќ, кој 11 години бил дел и од Т. Б. Трачери, со кои памети „преинтересни моменти, предобри концерти“.

Некогаш со Т. Б. Трачери …

А во нијансите на супкултурната палета на рокенролот почнал да навлегува во осмо одделение, благодарение на радио станица од Врање, Србија.

Кога бев осмо одделение брат ми слушаше Радио Б92. Се фаќаше во Куманово. Се фаќаше и уште некое од белградските државни, а имаше и прекрасни кумановски радија. Со лудачка програма, топ емисии. И едно врањанско радио, Јумко, каде имаше една емисија, што ден-денеска ја имам снимено на касети, која беше „крем де ла крем на андерграундот. Најавна шпица им беа Pixies, па сега да не ти кажувам – сѐ што оди со тоа – Sonic Youth, Einstürzende Neubauten, Joy Division, Bauhaus, Sisters of Mercy – зависи кога како ќе затераат – дали накај готика повеќе, или панк, Ramones, Sex Pistols; па хард кор, Minor Threat … сѐ што се подразбира под таа супкултура на рокенролот во пошироката смисла на зборот.

Во прва година средно до Димитријевиќ дошла и „Циркус принтипрам“, од Данил Хармс …

Зелено, мало книгиче, во издание на Темплум. Фасцинација тотална! Па, што е ова човече?! Кога ме праша професорката во школо што читам, јас викам Данил Хармс. Мислеше се фолирам додека не ѝ ја покажав книгичката. Не знаев што читам, но знаев дека тоа што го читам ме фасцинира премногу. Оттогаш почнав да купувам книги … се отвори лудачки свет пред мене, преголема фасцинација.

… и денеска со RIB

Слично „наглавечки“ влегол и во светот на ликовната уметност, благодарение на професорот по ликовна уметност, и уметникот Часлав Марковиќ …

Ни предаваше ликовна уметност како да предава нешто од животно значење. Тој викаше: Не мора да имаш петка ликовно – како математика немаат сите петки? Ако не си научил, ќе си имаш тројка. Кај него правевме и контролни по ликовно. Така во историјата на уметноста дојдовме до дадаизмот, каде ми се повтори моментот со Хармс – тотална фасцинација. Почнав да читам на темата, почнав да сфаќам кај ќе ми биде патот. Во исто време (средно школо) одевме кај Љубиша Петрушевски кој во Куманово правеше своевидни културолошки студии. Тој е мислам еден од најголемите познавачи на филм ноар во Македонија; ни предаваше на оваа тема, па за поети како Езра Паунд, Вилијам Јејтс, Т. С. Елиот, што, исто така ми отвори неверојатен свет.

Кога дошло време за факултет, прва желба на Димитријевиќ била да студира филмска режија, но бидејќи таа година немало ваква класа, се одлучил за втората опција, глумата.

„Дојдов на ФДУ (Факултет за драмски уметности), немаше таа година режија, па се обидов на глума. Немав некоја подлога, бев „табула раса“, а како млад интелектуалец – тоа е многу лошо, кога мислиш дека си нешто – го подготвив почетокот на „Странецот“ од Ками. Со тоа ќе одам на приемен, монолог. И среќа што ме виде колегата Сашко Коцев. Тогаш работев во едно кафуле, и тој ме виде и ме праша дали се подготвувам за приемен на академија, па ме викна во театарот да ме ѕирне заедно со другите што се подготвуваа. И јас доаѓам и почнувам, „Мама умре денес, а можеби вчера ..,“ а тој ме гледа и вика: „Супер е сѐ ова, брат, ама со овој монолог или од прва ќе те примат, или од прва ќе те бутнат. Земи некоја класика, што ќе ја имаат сите, за да можат да споредат – дали те бива или не. Земи ја „Мечка“ од Чехов.“

И Димитријевиќ бил примен на ФДУ, каде завршил во класата на сега покојниот Владо Цветановски, голем дел од времето поминувајќи и во стручната библиотека на факултетот.

„Уметниците се алатка, сол да стават“

„Се обидувам да дејствувам во областа на културата, колку што можам, не секогаш со поголеми намери од потребата да излезе од нас она што го собираме, но често го правам тоа што го правам за да им го свртам вниманието на некои луѓе, да се разбудат, да размислуваат за себе. Не ми е за да кажат – колку си ти добар, колку си ти паметен – ништо посебно не сум измислил, но доволно е три секунди некој да помисли по повод тоа што го правам, и кај него да се разбуди потреба тој да почне да прави нешто. Толку, не треба повеќе“, вели Ивица Димитријевиќ, додавајќи дека можеби затоа отсекогаш го фасцинирала „таа шок уметност“, што тера да размислуваш.

Но, денеска не е лесно да предизвикаш шок, покрај сѐ што гледаме на вести. И ако не се држиш до некои вредности, кои ги има и денеска, но кои ако не ги најдеш си ставен во едно трло, баш како во една нова претстава што ја работимеДенешниот свет кој толку инсистира на различност, ја почитува различноста, сака сите да ве втера во едно трло, а вам ви е само битно во трлото да имате телевизор и клима. Многу точно го кажала ова српската писателка Јелена Кајго. Вака да се погледнеме во огледало е секогаш добро, колку и да боли. Нам, како на уметници ни е дадено да бидеме алатки. Како што, на пример, инженерот е алатка за да живееме подобро. Ние сме алатка, сол да ставиме (на раната, н. з. : ).

„Да се погледнеме во огледало е секогаш добро, колку и да боли“

За состојбите во културата во Македонија, Димитријевиќ вели дека таа „не е на колена, туку е веќе легната, но, не се предава уште – и натаму има луѓе кои работат, создаваат вредности“.

„На Запад исто има мас-култура, со целото нејзино влијание, но овдешната … Ние и лесно забораваме. Ние паметиме зло, сѐ друго забораваме. Одело, одело нешто добро, и во еден момент ни се случила некоја историска грешка, по која останале некои кои го знаат континуитетот, но тие се веќе грешката во новиот систем. И се мачат, се обидуваат, иако знаат дека не можат ништо да сменат, но таа заблуда на креативноста е посилна.“

Димитријевиќ зборуваше за богатото византиско-црковно наследство, одржувано и надградувано овде и во социјализмот, кое сега е „во некое мало џепче во фармерки во кое ретко кога пуштаме рака“.

„Последниве години на ова наследство сѐ повеќе му ја снемува трагата. А кога ќе ги заборавиш тие работи, подложен си на удари од различни страни, и затоа имаме таква масовна култура – начин на живеење денес. Многу критериуми се изгубени. Нема инстанци на насочување. А мислам дека постоел во времето, на пример на светите Кирил и Методиј, некој појак интернет од денешниов; ние ја имаме загубено моќта на таа комуникација. Тоа не да било авангарда, го потресло целиот тогашен свет. Ние сме ја загубиле спознателната моќ, можеби е фантазмагорично ова што ќе го кажам, ама верувам дека тогаш имало луѓе кои комуницирале по принципот, јас ќе помислам на тебе кој си во Индија, и нешто таму ќе ти се каже … или се телепортирале. На толку места, во исто време, да се случуваат толку големи нешта, во различни култури … Имале таква поврзаност со нешто, што сака нека е, а сега кога гледаме сѐ на интернет, остануваме на земја, вертикалата никаде ја нема.“

„Филмаџии научени дека им следуваат буџети по дифолт“

На прашањето што гледа, во што ужива во последно време, Ивица Димитријевиќ наброи куп инди (независни) филмови.

„Веројатно зашто и ние правиме такви“, објасни, имајќи предвид дека со продукцијата „MI Film“ продолжуваат после одличниот „Копање“, режиран од Димитријевиќ и Мартин Иванов, а направен речиси без буџет.

„Под инди секако не подразбирам само мал буџет, зашто инди се однесува и на темата, на размислувањето, на начинот на кој е направен филмот … Иако, парите во последно време се многу важни за таа независност“, ни рече Ивица пред да ги издвои режисерот Nathan Silver, „кој е фасцинантен зашто секоја година вади филм – од 2012 има осум филма, „до даска“ независни, и по тема, и по начин на правење“; браќата Duplass „веќе отидени во меинстрим, иако почнаа со mumblecore (поджанрoт на независниот филм), што го измислија, не буквално, ама го испукаа на вистински начин, и дојдоа до тоа сега да имаат серија на HBO, Room 104“; па тука се браќата Safdie …

„Копање“ во театар …

„Паралелно повторувам и стари лектири. Филмоман сум – гледав едно време по три филма дневно. Класика, ново и нешто помеѓу. Сето тоа денеска си има зошто. Сите класици, да не ги споменувам … (Ingmar) Bergman, (Jean-Luc) Godard од најстари филм ноари, крими американски филмови од триесеттите години … Ново што гледам е, на пример, (Андреј) Звјагинцев – сѐ што ќе сними сакам да го видам. Па, стари европски, и не толку познати филмови. Има една интересна андерграунд сцена во Европа 70-80-90-ти години, која правела интересни филмови. Nicolas Winding Refn. Стално се навраќам и на (Rainer Werner) Fassbinder, една луда човечка машина која продуцирала филмови, театар … за кратко време над 40 филмови и серии, и плус театар …“

Како проблем на македонскиот филм, Димитријевиќ го наведе пристапот со погрешни побуди, поврзани со злоупотреба на позицијата што ја даваат големите буџети, со уметници научени дека „им следува“.

„А ништо не ни следува. Мора да се бориме секојдневно како што се бори тој што оди на работа да копа во рудник. Овде, како впрочем и во Европа, државата дава пари за филм. Во Америка пари дава тој што заработува од филм, продуцентот. Кај нас продуцентите како да се повеќе благајници кои само правилно ги распределуваат парите на државата. Не викам дека овде нема продуценти кои размислуваат како да створат услови да се направи филм, но …“

… и на филм

За крај на разговорот, Димитријевиќ го прашавме за моменталните ангажмани.

„Третиот албум со RIB (во чиј настап уживавме неодамна, во рамките на музичкиот караван „Вардар Триглав“, н.з.), кој го снимивме летово, се микса во Англија; правиме пак плоча (винил), која се надеваме ќе излезе во јануари. Периодов свиревме низ поранешните југословенски простори. Работам нова претстава со Срѓан Јаниќијевиќ, на српски јазик, по покана на „Спона“, културно-информативниот центар на Србите во Македонија; премиерата ќе биде на 5-6-ти декември. Работам музика за една претстава во Куманово – ме повика колешката Драгана Милошевска. Чекаме одговор од Фондот дали ќе ни дадат пари за пост-продукција за нашиот втор долгометражен игран инди филм со наслов „Т.М“.; почнуваме да селектираме материјали од претходно снимен уште еден, документарен филм; исто така без пари, со нашата „MI Film“ продукција; до февруари сум активен и во театар, а од февруари одам малку „трбухом за крухом“, работам една нова претстава во Швајцарија. Во меѓувреме работам уште еден огромен театарски проект, финансиран од европски фондови, кој го добивме годинава со театри од Минхен, од Грац и од Лондон – јас сум координатор на нашиот проект. Се работи за „Орестија“, треба да излезе во наредниве две години, а ќе има тука и воркшопови, истражувања; главната тема е „што за нас претставува демократијата денес“, и затоа е земена „Орестија“ (од Есхил), како почеток на демократијата.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here