Достоен наследник на оригиналниот „Halloween“ од 1978 година, „слешер“ мастерписот на John Carpenter – тоа сакале и успеале да го направат авторите на новата филмска „Ноќ на вештерките“, 40 години подоцна. Режисерот David Gordon Green, кој е и сценарист заедно со Jeff Fradley и Danny McBride, ги игнорирал десетината продолженија и римејкови од франшизата што се појавија низ годините, и продолжил кај што застана првата приказна.

Во „Halloween“ 2018 дејствието продолжува четириесет години подоцна, а Gordon Green успева да нѐ увери дека и главните протагонисти, Laurie Strode (и сега ја игра Jamie Lee Curtis) и Michael Myers, четири децении живееле опседнато чекајќи да се случи она што се случува во филмот.

Кај Laurie откако преживеа во седумдесет и осма, сѐ е подредено на фиксацијата на Myers – од нејзината куќа направила тврдина со арсенал, опрема, скривалишта (…, што одговараат на приказот дека Myers е повеќе од човек во однос на силата и отпорот што ѝ го дава на смртта); воспитувајќи ја ќерка си главно за спремно пресретнување на ново соочување со убиецот со маска на Captain Kirk (игран од William Shatner) од „Star Trek“ (обоена во бело), таа го загубила и старателството врз неа.

Myers е не помалку фиксиран на Laurie, а ситуацијата што ја овозможува нивната повторна средба се случува ноќ пред Ноќта на вештерките, откако институциите се откажуваат од обидите за некаква негова рехабилитација, па од рехабилитацискиот затвор одлучуваат да го префрлат во класичен, со максимална безбедност. Јасно, трансферот не успева и Myers е одново на слобода, а барајќи ја Laurie, патем убива сѐ човечко (со исклучок на едно бебе, што е веројатно обид за хумор на режисерот; демек и Myers има некоја граница).

За музиката на филмот нема што да се зборува – перфектната Halloween тема на Carpenter е тука, сега надградена од мајсторот и неговиот син, Cody Carpenter, и кумашинот Daniel Davies (Carpenter, како и Jamie Lee Curtis, се меѓу извршните продуценти на „Halloween“ 2018).

П.С.

Предупредување за оние кои не се љубители на поджанрот, што значи ретко гледаат „слешери“, а ќе му дадат шанса на новиот „Halloween“; нека не претеруваат со барањето логика ако не сакаат да го пропуштат она поради што се гледаат вакви филмови.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here