„Cities and Memory“ е глобален проект што опфаќа теренско снимање на звук, уметност на звукот (sound art) и звучно мапирање/ремиксување на светот. Со „Градови и сеќавања“ слушачот може да истражува/доживее локации низ светот преку нивните оригинални звуци, како и да слушне верзии во кои музичари интервенирале инспирирани од оригиналите, со идеја како овие места би можеле да звучат.

Од почетокот на проектот во 2014 година, креирани се звучни мапи фокусирани на протести (може да се чуе како звучеле масовните изразувања незадоволство на повеќе места низ светот), сакрални простори, фотографии (со звучна подлога за истите) …

Cities and Memory“ сега се оддалечил од луѓето и нивните (звучно загадувачки) активности, насочувајќи се кон подрачјата со (условно) невознемируван природен свет.

Се работи за Sounding Nature“, што е најголемата глобална колекција на звуци од природата, и вклучува скоро 500 звуци од 55 земји, од џунгли до глечери. Мапата има два дела: самите теренски снимки, и нивните музички ремикси креирани од инспирирани музичари. На мапата се и звуци од Македонија што ги снимил мултимедијалецот Тони Димитров, на три локации: Непроштено (општина Теарце), Мавровско Езеро и Водно.

Во разговор за Thе Verge, композиторот Stuart Fowkes, кој е креаторот на „Cities and Memory“, вели дека со Sounding Natureсакале да понудат звучна „слика“ на светот исчистена од звучно загадување поврзано со луѓето.

„Ова беше тешко да се направи зашто луѓето се навистина, навистина многу бучна маса, и цело време стануваме погласни. Бучавата во океаните се удвојува секои 10 години во последните пет децении, и трендот се одржува дури и во оддалечените подрачја“, вели Fowkes, кој како цел на проектот ја наведува намерата да се алармира за бучавата што ја произведуваат луѓето, а која има сериозно и драматично влијание врз природниот свет.

Ова влијание, како што вели, предизвикува и физиолошки промени кај животните, од кои „првата и најочигледна е губењето на слухот, за која не се размислува често кога се во прашање животните, а кои мора да ја имаат можноста да ги слушнат предаторите“.

Според него, најзагрозени од бучавата, наспроти очекувањата, не се животните во средини како Њујорк, кои иако изложени на голема бучава, веќе се адаптирани, туку опасноста е најголема во подрачја каде бучавата се зголемува нагло, поради забрзана урбанизација.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here