Светски познатиот кинески уметник и активист, Ai Weiwei, уште како дете, како син на поетот Ai Qing, кој бил означен како „народен непријател“ поради своите стихови и политички ставови во текот на Големата пролетерска културна револуција, со своето семејство поминал 5 години во егзил. Оттука му потекнува нагонот своето лично искуство, подоцна „збогатено“ и со 81-дневен притвор, како и соодветно развиената сензибилност што ја покажува глобално за жртвите на неправда, да ги претвора во креативна акција.

Логично, тој ја добил и ја прифатил поканата од организациите за човекови права од Обединетото кралство да биде дизајнер на знамето со кое се одбележува 70-годишнината од Универзалната декларација на човековите права. Знамето промовирано вчера ќе се вее во училишта, болници, затвори (…) во Обединетото Кралство, во рамките на 7-дневната кампања за човекови права во јуни 2019 година (24-30 јуни). Клучен елемент на дизајнот е отпечаток од стапало, како универзален знак на она што значи да се биде човек, да се застане слободно како човек; што истовремено е и референца за миграцијата низ светот, во ситуација кога сѐ поголем број луѓе се принудени да бегаат од нивните домови поради климатските промени, конфликтите, угнетувањата од друг вид или само поради нивната различност. Конкретната стилизација на отпечаток од стапало е базирана на серија фотографии што вклучуваат калливи отпечатоци на стапалата на бегалците од етничката група Рохинги, под притисок на нападите на мјанмарските војници.

Инаку, Ai Weiwei, (и) поради неодамнешното (во август) демолирање на неговото пекиншко ателје, во последно време одново го сврте неговиот ангажиран креативен интерес кон Кина, со неговата прва голема изложба поставена во Лос Анџелес, „Ai Weiwei: Life Cycle“, што ќе трае до 3 март следната година. Со изложбата се осврнува на современото кинеско општество, застапувајќи ја идејата дека прогонетата уметност е начин да се поттурне Кина кон радикално нова ера, при што ја користи кинеската митологија и симболи за да го каже односното.

Малцинските групи, вклучувајќи ги Тибетанците и Ујгурите, се соочуваат со особено критична репресија, со милиони од нив кои продолжуваат да живеат во услови на недоволни човекови права. Ова не е случај само со дисидентите, од кои веќе нема многу во Кина. А оние кои ги има, или се во затвор или се присилени да ја напуштат земјата. Користењето кинески материјал во Life Cycle е начин да се сподели пошироко нашата загриженост и да се изрази јасно поврзаноста меѓу совеста на луѓето и моменталната состојба на човештвото. Единствено можеме да се најдеме себеси преку анализа на начинот на кој ги третираме другите“, е став на Ai.

Да се вратиме на почетокот на текстот, Ai Weiwei, продолжувајќи ја татковата мисија, додека студирал на Пекиншката филмска академија бил дел од субверзивниот уметнички колектив Xingxing (Ѕзезди), кој се залагал за лична уметничка експресија, наспроти онаа што се витка до точката на крешење за да ѝ служи на заедницата, односно на државата. Од 1981 година живеел во САД, главно во Њујорк, каде особено го вдахнале делата на Marcel Duchamp и Joseph Beuys, од концептуалната и минималистичката уметност. По враќањето во Пекинг, во 1993 година, со уметнички акции предупредува на сѐ поголемиот јаз меѓу „идеалното“ и реалното кинеско општество, традиционалните вредности и забрзаната модернизација на Кина, истовремено иронично реферирајќи на догмите од владеењето на Мао Це Тунг. На пример, во инсталацијата „Сончогледови семки“ (Sunflower Seeds, 2010, Tate Modern, Лондон) се осврнува на маовата синтагма за кинескиот народ како сончоглед што треба да се свртува кон него (кон Мао). Направена од 100 милиони порцелански семки што рачно ги изработиле 1.600 кинески занаетчии, инсталацијата зборува за денешното сфаќање на поимот „made in China“, и вредностите на класичните кинески занаети и нивното исчезнување. Третирајќи општествени теми, сѐ повеќе го нагласува својот активизам, и предупредувајќи на крешењето на човековите права особено ја брани слободата на говорот, вклучувајќи во својата уметност нови форми на општествено ангажирање. Еден е од првите концептуални уметници кои користат дигитални медиуми, пишувајќи блогови во кои критикува одредени постапки на кинеската влада, тамошната корупција и пропаганда, активирајќи ја заедницата да учествува во неговите креативни процеси/акции.

Директноста на неговите субверзивни инсталции, фотографии, видеа и филмови резултираше со различни репресивни одговори на кинеските власти, како споменатиот притвор. Со преселбата во Берлин поради ваквите околности, во 2015 година, креативно-активистичкиот интерес му се пренесе на светски теми, како бегалската хуманитарна криза, а со јавни склуптури во Њујорк („Добрите огради создаваат добри соседи“ – Good Fences Make Good Neighbors, 2017) одговори на новата (трампова) имиграциска политика на САД.

„Good Fences Make Good Neighbors“, 2017, јавна скулптура во Њујорк, со која Ai ја коментира новата (трампова) имиграциска политика на САД

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here