На 11 декември беше отворен нов проект на познатиот исландско-дански уметник Olafur Eliasson, на отворен, јавен простор во Лондон. Како повик за акција против климатските промени, блокови мраз донесени од гренландскиот фјорд Nuup Kangerlua, се поставени до галеријата Tate Modern и низ други делови на англиската престолнина. Се работи за 30 парчиња од 10-те илјади кои се откинуваат од гренландскиот глечер и паѓаат (па се топат) во океанот секоја секунда.

„Мислам дека да се направат апстрактните работи експлицитни и јасни, е еден од начините да се мотивираат луѓето да направат нешто“, вели Eliasson, кој смета дека во природата на луѓето е да се фокусираат само на работите што очигледно стојат пред нив – им се на патот. Имајќи го ова предвид, го избрал овој начин ранливоста, кршливоста на светот, да ја стави во изострен физички фокус.

„Грешиме кога мислиме: нема да се случи во тек на нашиот живот и далеку сме од местото на опасноста. Забораваме дека паѓањето на температурата на Гренланд влијае на климата во Кина и Америка.“

Секој од блоковите мраз од проектот „Ice Watch London“ тежел меѓу 1,5 и 6 тони во моментот на поставувањето на лондонските локации. Eliasson по поводот повикува на соработка меѓу науката и уметноста, кои имаат слични ургентни цели – зашто ако науката помага да дејствуваме одговорно, уметноста може да ја инспирира промената.

„Мислам дека може да се копродуцираат една со друга, да се поддржуваат, особено зашто уметноста е често поемоционална и искуствена, а добро е и податоците и науката да бидат тука.“

Уметникот на прашањето дали може да претпостави како би реагирал во однос на проектот американскиот претседател Доналд Трамп, кој ги повлече САД од Парискиот климатски договор и се заканува да ги намали државните пари за уметност, одговара:

„Мислам дека тој јасно стави до знаење оти мисли дека уметноста е ѓубре, и оти не го интересира културата. Културата има долга традиција на критикување арогантни и тоталитарни луѓе како Трамп, па тој веројатно нема да каже ништо. Се сомнавам дека воопшто препознава уметност.“

Ова е трет дел од проектот „Ice Watch“, по одржаните во Копенхаген (2014) и Париз (2015).

Уметникот порачува дека спречувањето на природната катастрофа зависи од личната посветеност на луѓето кои можат да предизвикаат системски промени гласајќи за политичари кои се силно посветени на целта, зашто нештата што треба да се направат се на институционално, политичко ниво.

Во борбата со климатските промени преку културата, уметникот годинава го промовираше и проектот „Little Sun“, со рачната ламба на соларна енергија (светлината е една од клучните теми во творештвото на Eliasson), а 500.000 вакви уреди беа дистрибуирани во потсахарска Африка на луѓе кои живеат без пристап до електрична енергија.

„Little Sun“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here