Гоце Наневски е визуелен уметник, професор на Катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, официјален претставник на Македонија на Венециското биенале во 2009 година, со десетина самостојни изложби во странство наведени само во селектираниот дел од оваа категорија на неговата биографија. Би се рекло – нема многу простор да се жали на кариерен план, но, говорејќи ни за тоа што значи да се биде професионален ликовен уметник во Македонија, тој ни прозвучи подвижнички, да не речеме сизифовски, со тоа што во ниеден момент не покажа малодушност – сомневање во незалудноста на неговата работа.

А не може да не се сложи со него секој што од какви и да се причини се заинтересирал до каде сме со културното дереџе:

„Зборуваме за нешто што е многу кревко, да не речам отфрлено од заедницата, како што е областа на културата. Сведоци сме дека со децении живееме во тенденција на континуирано исфрлање на културата од идентитетот на оваа земја. Заедницата системски не покажа апетит, интерес, дека културата може да биде нејзиниот врвен идентитет. Особено ова се однесува на визуелната култура, односно ликовната уметност, која е на маргините од маргините на општеството. И тоа е нешто со кое секојдневно се бориме, не само во ателјеата, во галериите и музеите, туку и во секојдневната комуникација, во различните ситуации што го проблематизираат тој момент на апстрахирање како нешто нерелевантно за развојот на едно општество … до степен некои луѓе и да сочувствуваат со нас што сме професионално во ликовната уметност“, вели Наневски.

Главниот проблем не е преживувањето на уметничкиот еснаф, туку начинот на кој се супституираат културните потреби на општеството, и како тоа се одразува на нашето однесување на улица, на работа …

„Ако свеста за културата како еден суштински, интегрирачки елемент во заедницата ја нема, тогаш се јавуваат девијации, аномалии, од видот на различни „меинстрим“ појави, кои диктираат влијание – на пример со соблекување „го рушат“ Instagram, па читаш медиумски наслови, „падна интернетот“, затоa што некаква старлета се сликала и објавила фотографија од сопствената бања. Таквите појави се искачуваат до позиција на „инфлуенсери“, и во оваа лавина на вака (ново)креирани „вредности“, ти треба да се избориш со феномени кои не се ништо друго туку канцерогена инсталација врз темелите на едно општество. А средствата за борба се сопствената креативност и никаков буџет, недоволен за продукција на дела, особено какви што бара скулптурата во најпроширена смисла на зборот.“

Гоце Наневски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во 1996 година, во класата на Васил Василев, професорот кај кој и магистрирал во 2002 година. На ФЛУ се вработил во 2004 година како помлад асистент, а во моментов е вонреден професор на предметите вајање, вајарски техники и цртање. Во 2009 година беше претставник на Македонија на 53. Венециско биенале, со проектот „Педесет или Педесет“. Практикува скулптура, објект, инсталација, кинетичка скулптура, видео, звук, фотографија …

Со проф. Васил Василев во неговото ателје, 2018

Од сите достигнувања во кариерата, со голема гордост го издвојува искуството на наставник по ликовно образование во училиште за деца со посебни потреби, потенцирајќи дека кога овде вели драгоцено искуство, мисли и во професионална смисла, не само општествено одговорна.

„Во Посебното основно училиште „Иднина“ работев седум години. И од професионален аспект никогаш нема да заборавам каква љубов покажаа некои од тие дечиња кон визуелното изразување, кон сликањето, кон графиката – имавме и графичка преса; направив еден многу убав кабинет во кој работевме и скулптура. Учествувавме на различни изложби, правевме самостојни изложби на училиштето; учествувавме на конкурси во Европа, добивме златни медали за колекции на графики, на пример. Тоа се некои референци, што многу ми значат професионално“, вели Наневски.

„Педесет или Педесет“, МСУ Бања Лука, 2010

Пораката на уметничкото дело мора да биде кристално јасна, но за прием потребни се и предзнаења на гледачот

Од Гоце Наневски побаравме да ја прокоментира потребата и можноста да се зголеми публиката, за (да ја наречеме така) повисоката култура, во ситуација кога голем дел од потенцијалните посетители на изложби таму би оделе очекувајќи да видат „коњи на поило“, а би затекнале уметност која почнува да функционира дури откако ќе се прочита „словото“ на кураторот или авторот.

„Прашањето содржи два суштински моменти. Би ги раздвоил, иако се испреплетени како спирала. Каква треба да биде позицијата на уметникот, како мислител, (до)носител на став; и другиот: колку денешната уметност го има занаетот како есенцијална компонента?

Факт е дека уметникот како единка, ја наследува сета онаа акумулација на поднебјето во кое се развил, од емоционалниот, социјалниот, семејниот, па и политичкиот амбиент и контекст, од традицијата на земјата, од интересот на културната свест, од љубовта, и задачата на авторот е да ги надмине тие граници. И конечно успехот се појавува тогаш кога авторот ги надминува тие граници. Овде (во Македонија, н.з.) сѐ уште се судруваме со една, на пример, предрасуда на просечниот македонски граѓанин, кој сѐ уште смета дека уметникот мора да има бушава коса, да биде измачкан со бои и терпентин, да мириса на алкохол. Еден одамна надминат романтичен стереотип спротиставен со ликовни истражувања кои најчесто се лоцирани зад хоризонтот на поимањата на обичниот незаинтересиран гледач. Од друга страна, факт е и дека информатичката технологија го направи, го прави и допрва ќе го прави своето, и претставувањето на визуелната уметност, која е прво визуелна, а после сѐ останато, ќе оди сѐ понатаму и сѐ подалеку во една глобална геометриска прогресија.

Денес глобално, уметничкото дело станува сѐ подостапно; и станува предмет на интерес на различни групи кои се интересираат за визуелната уметност од многу различни апсекти, и автоматски е поголемо/помасовно критичкото опсервирање на истата. Уметноста колку и да има филозофска длабочина, а нема јасна прочистеност во својата морфологија кога се обраќа, нема успешно да ја испрати пораката, таа ќе имплодира во самата себе. За да допре делото до потенцијалниот консумент/гледач, пораката мора да биде кристално јасно формулирана во рамките на визуелното, во системот на сите тие артикуланти со кои уметникот артикулира. Но неопходни се и предзнаења на гледачот. Различни визуелни и ликовни искуства кои имаат изградено некаква подлога, се многу добредојдени.

На инсталирање на проектот „Мо(ну)мент“, НГМ, 2014

Е сега, од друга страна факт е и дека занаетот е интегрален дел од визуелното изразување. Занаетот, особено во скулптурата, е многу присутен. Но, не смееме да се ставивме во позиција негативно да арбитрираме, ако во одредено дело не е вклучена компонентата занает, автоматски да го отфрлиме како нерелевантно, неуспешно …Новите технологии и тоа како го заменуваат уметникот занаетчија и тука нема ништо спорно.

Занаетот не смее да биде единствен критериум за заземање став. Морфологијата на делото ја сочинуваат различни елементи, структури, физички, мисловни, семантички, текстуални … и мора да се има потребниот критериум/предзнаење за да се согледа ова, и уметноста да може да се посматра не само низ призмата на занаетската умешност“, вели Наневски, кој за една од своите изложби направил упатство како треба да се гледа уметничко дело, а меѓу препораките била и оваа: Кога одите на изложба оставете ја суетата дома, но погледнете ја суетата на авторот кога го анализирате неговото дело – така полесно ќе допрете до него.

Констатирајќи дека нашево општество нема апетит за вредности, и соодветно апетит за културна вредност, Наневски причина за проблемот (што некогаш била последица) гледа во тоа што уште во раното образование „децата се образуваат и се учат низ систем во кој културата од старт е нешто кое не треба да биде императив за достигнување на некакви вредности, уште помалку да се разбере и да се живее“.

Добра стратегија за развој на културата, на еден систем што ја разбира истата, би требало во системот на образованието да го преиспита местото на ликовното образование, како и медиумскиот третман што го добива уметноста, но и да стимулира иницијативи и системи како да им се олесни продукцијата на оние кои се занимаваат со создавање.

„Врвни постигнувања на македонски уметници, или многу малку, или воопшто не се истретирани медимуски. Во медиумите генерално не постои сериозен критериум за третирање на визуелната уметност (чест на исклучоците). Тоа немање критериум, е она што подоцна создава шум, шунд, искривени вредности. Колку повеќе шунд, толку повеќе лабилност. А на лабилност не се градат темели, не се гради физиономија“, смета Наневски.

Со проф. Славица Јанешлиева-Бачварска и Dimitris Michalaros, на студентската изложба „Remembering the past – building the future“, Кодра, Солун, 2016

На прашањето, делата на кои автори му ја одржуваат страста за создавање, одговори дека имал среќа во животот доста да патува, и да види многу врвни дела. Од неговата главна струка, скулптурата, ги издвои Olafur Eliasson, „поради неговиот експериментален пристап, истражувањето во различни материјалности, медиуми … работата со светлината …“; „Anish Kapoor ми е исто така брилијантен, можеби и омилен – имав среќа да видам негова голема самостојна изложба во Pinchuk Art Centre во Киев, каде во цела една галериска просторија беа поставени само негови работни скици за големи проекти, и ако нешто некогаш ме има возбудено, тоа е тоа – еден приказ како Anish Kapoor се занимава со земјата и со воздухот, односно со најесенцијалните нешта што ја чинат скулптурата, односот на масата и просторот на еден генијално еклатантен начин“. Влијание врз Наневски имал и има Robert Smithson, „со работата во ленд артот, со истражувањата спроведени во неговиот прекраток живот – се работи за автор кој евидентно бил пред времето и делувал длабоко зад хоризонтот за многу негови современици.

„Потоа Robert Morris, кој неодамна почина, и е една фантастична елоквентна приказна – да ти се замрзне крвта читајќи ги неговите епитафи за феноменологијата на создавањето. Од новите генерации, Leonardo Drew, кој работи акумулација; Турчинот Server Demirtas, кој работи кинетичка скулптура, робот арт … Wolfgang Laib, кој прави дела од полен … Richard Serra кој му се обраќа на гледачот од позиција на моќ, прави џиновски спирали од 200 тони, при што физички можеш да се движиш низ скулптурата, што е и поентата, да се направи делото надмоќно над индивидуата; понатаму авторите Tim Noble & Sue Webster, Derick Melander, Ai Weiwei, New British Sculpture, групата rAndom International, Miroslaw Balka, Iván Navarro и т. н.

Со синот Горазд, Лазарополе, 2017

За крај, Наневски, како извесна инспирација на која често се навраќа, како на остварена возвишена визуелна култура, го остави како препорака за оние што уште не го уживале, филмското творештво на Paolo Sorrentino.

„Sorrentino страшно ме допира и инспирира. На ниво на контекст, на истражување на социјалните норми, на културата, на религијата, на етиката во општеството; ме фасцинира неговата фотографија, звукот во неговите филмови. Се работи за генијален автор што го слика ова време на фантастичен начин, и ќе речам дека е калибар на Stanley Kubrick, David Lynch или на Krzysztof Kieslowski … На неговите филмови се навраќам неброено пати – цели или во фрагменти – дури сум ги гледал и „мејкинг оф“ видеата … Возвишено, возвишена визуелна култура …“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here