Вообичаено на крајот на годината се избираат најдобри филмови, а ние, немајќи таква намера, „случајно“ токму сега налетавме на филмот што најмногу ни се допадна во 2018. Се работи за вестерн, во кој браќата со презиме Sisters, Charlie (совршено одигран од Joaquin Phoenix) и Eli (исто така, одличен перформанс на John C. Reilly), израснати без да знаат за поинаков живот од суровиот на стариот американски запад, во семејство со татко насилник/алкохоличар (на кој му пресудил синот Charlie, а Eli жали што тоа не го сторил тој, како постар брат), „ненамерно“ ја откриваат цивилизацијата, спокојот што го ветува можноста за ненасилно решавање на животните проблеми.

Браќата Sisters се платени убијци чиј шеф е таинствениот Commodore (го игра Rutger Hauer), кој ги праќа во потрага по хемичарот Hermann Kermit Warm (Riz Ahmed; да не додеваме повеќе: и тој, како и целата актерска екипа, беспрекорно си ја завршил работата), за не бирајќи средства од него да ја извлечат формулата за хемикалија која кога ќе се истури во река во која има злато, прави да заблеска скапоцениот метал меѓу обичните камења. За полесно да го најдат хемичарот, во претходница е пратен John Morris (Jake Gyllenhaal), нетипичниот за средината пацифист, доброволен бегалец од цивилизацијата

На актерската перфекција името одамна ѝ е Joaquin Phoenix

Ова се четирите главни ликови кои во „The Sisters Brothers“, што е деби на англиски јазик на режисерот Jacques Audiard (го паметиме по одличниот „Rust and Bone“ од 2012 година), ги произведуваат метафорите за златната треска која (во случајов и буквално) заслепува/ослепува; за утопијата дека со науката (во случајов хемијата) може да се создава богатството што ќе ја овозможи благосостојбата на светот, без луѓето да се убиваат, грабајќи се за златото и за другите ретки природни ресурси; утопијата што големиот бизнис сѐ уште ја ветува додека ја мултиплицира златната во нови отровни трески; отровни и во буквалната еколошка смисла, како методот на хемичарот во „The Sisters Brothers“. На последново режисерот Audiard прави најјасна алузија кога два пати, во долги кадри, го покажува грбот/симболот на куќата на Комодорето (имево е земено од воениот морнарички чин, и во филмот очигледно го означува капетанот на бродот во кој нѐ качиле архитектите на поредокот; соодветно, Комодорето во „The Sisters Brothers“ е „засенчен“ лик, чиј глас не го слушнавме ниту еднаш), со испишаното мото: In cauda venenum, што значи „отровот е во опашката“, односно, на крајот доаѓа затруеноста.

The Sisters Brothers“ е филм за бескомпромисно синеастичко уживање, совршено поставен, мајсторски граден; во кој сѐ е добро обмислено и легнато; без ниту трошка режисерски вишок; без слаба страна во ниту еден од уметничко-техничките елементи на филмската продукција. Внимавано е на секој детал; на пример, ни паднаа во очи запоставените заби на ѕвездите во филмот (наспроти вештачките холивудски што заслепуваат со белината), соодветни за времето во кое, како што гледаме во филмот, Дивиот запад ја открил четката и прашокот за миење заби.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here