Reuben Wu е фотограф кој како попрецизен опис за себе вели дека е уметник кој работи со фотографија, со крајна цел да овозможи да видиме некој тешко достапен предел (за пошироката популација), некоја „непозната територија“, во сосем нова перспектива, во поинакво светло.

Во неговата визија за фотографии што се „ехо на времето и местото“, многу е важна можноста да слика ноќе. За целта користи дронови со светла закачени на нив, за да ги осветли пределите како што би направил кога би можел да ги смести во фотографско студио.

Отсекогаш бил опседнат со планините, со карпестите формации, а бидејќи израснат во Ливерпул, глечерите биле предметот на неговата опсесија до кој пристапот му бил најограничен.

Но, како што вели во краткиот документарец што го приложуваме, можност да покаже глечер на начин „што претходно не бил виден“, му била дадена со рекламната кампања за пивото Coors Light.

Се работи за Пасторури ледникот (глечерот) (Pastoruri glacier) во Перу, кој е дел од планинскиот венец на Андите, и е еден од последните останати во Јужна Америка.

Глечерот висок околу 5,250 метри, загубил 22% од својата големина и 15,5% од својата маса мраз во последните 30-35 години. Затоа Wu со своите фотографии од Пасторури сака да го сврти светлото и кон глобалното затоплување. Како што самиот вели, од сликарите ги позајмува техниките за изолирање на елементите на фотографијата, во смисла, што ќе биде осветлено, а што ќе остане во мрак.

Досега во нова светлина има покажано предели од Источна Јава, од Патагонија, од пустината Атакама во Чиле, од Свалбард архипелагот во Норвешка …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here