Кога вели, „Сѐ што видов во далечината“, како што е насловена неговата прва самостојна изложба што беше отворена во средата (26.12.) во Домот на млади во Штип, младиот сликар Ристе Мицевски мисли на светлината што ја гледа низ „калливата вода позната како минато, низ која испливав“, зашто „мракот не може да сузбие мрак – само светлината го може тоа“.

Во неговата експликација приложена во каталогот за изложбата и од она што можевме да го чуеме од разговорот со него, видливо е доживување на светот како негостопримлив, уште од првиот момент на поапстрактно согледување на конкретните, лични ситуации, со студен одговор на неговите добронамерни очекувања/давања.

„Кое фајде да се родиш здрав, ако околината неизбежно те осакати?“, прашува Мицевски, кој, сепак, најмногу се измачил во „борбата со сопствениот демон“, кој, пак, го добил наместо очекуваниот ангел чувар. Дотичниот секогаш бил тука, сликарот му ја давал својата рака и за да се изрази на сликарското платно, иако често, „ангелот со крилја на лилјак“, преферирал да црта со длабок печат на кожата на Мицевски.

Во придружниот текст за сликата „Дно на дното“, пишува:

„Душата е окована од емоции кои прскаат ретко. Не случајно секое прскање е агресивно, зошто доминантна е емоцијата на бесот. Како змијата кога плука отров, како океанот кога „плука” цунами, како земјата кога „плука” торнадо.“

Ристе Мицевски е роден во Штип (1999 година), каде и студира класично сликарство на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“. Средното образование го завршил во Скопје, во Државното средно училиште за ликовна уметност и дизајн, „Лазар Личеноски“. Како свои влијанија ги наведува делата на Alberto Burri и Oskar Kokoschka.

Во продолжение погледнете ја галеријата од „Сѐ што видов во далечината“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here