Кога (сега) го одгледав „The house that Jack built“, сфатив дека со овој филм Lars von Trier годинава се врати во Кан (од Канскиот фестивал беше протеран во 2011, по прес-конференцијата за „Melancholia“, зашто не беше разбрано неговото „разбирање“ за Хитлер) за таму да го постигне токму тоа што се случи – над стотина луѓе од публиката ја напуштија проекцијата, на чиј крај, пак, преостанатите го испратија филмот со стоечки овации. Самиот von Trier потврди дека целел на ваков ефект, кога коментирајќи ја реакцијата на канската публика изјави: „Не сум сигурен дека доволно го мразат (филмот)“.

На априорните „хејтери“ данскиот режисер во „The house that Jack built“, на тацна, „на прва“, им ги оправдува сите предрасуди од хајката против него – дека е женомразец, симпатизер на екстремната десница, манипулативно склон кон садизам …, па, вака инспирирани плукања не недостасуваат во многу од рецензиите на филмот: „ужасно едноставна, плитка симболика“, „банални метафори“, „немање смисла“, „празна психологизација“ …

Но, тешко е да се сфати како одредени критичари поверувале дека на von Trier, на режисерот на „Dogville“, на „Dancer in the dark“, на „Breaking the waves“ …, можело да му се случи од некои други причини, освен намерно, да направи банален филм за сериски убиец, односно да конструира свет во кој главниот лик (во „The house that Jack built“), Jack (Matt Dillon), ја тера „кариерата“ на исклучително брутален егзекутор во серија, со гротесктно неподнослива леснотија, и на очиглед на полицијата, a благодарение на неверојатната глупавост на сите други луѓе.

Доволно е малку да се знае контекстот низ годините со von Trier, за да се сфати дека режисерот под намерно плиткото оди подлабоко, алудирајќи на неможноста хајкачите да го одвојат уметникот од неговата уметност, поточно од одредени теми на неговото творештво. Така von Trier себеси, како уметник, се портретира во Jack, кој по професија е инженер, но, несуден архитект, кој во архитектурата е губитник, зашто и по безброј обиди не може да ја изгради ниту својата куќа, па своите „уметнички“ фрустрации ги лекува убивајќи, односно заговарајќи естетика, уметност на убивањето. Во оваа смисла von Trier им дава за право на оние кои сакаат да сметаат дека самиот не е уметник, туку инженер, односно механичар, кој се продава како уметник, а всушност склопува филмови играјќи на картата на скандалозното, и на „глупавата“ публика која секогаш одново се враќа да ги гледа/да се шокира, одржувајќи му ја репутацијата. Оттука и куќата што Jack не успева да ја изгради од материјали што се користат во архитектурата, на крајот ја завршува од лешовите на своите жртви.

Lars von Trier доброволно се жртвува во „The house that Jack built“, за да ги нахрани „тигрите“ душегрижници. Во филмот убиствата на Jack, цинично, за острење на забите на „тигрите“, се објаснуваат и низ призмата на тигарот и јагнето од поемите на William Blake – предаторот и жртвата кои не можат да побегнат од она што се

Понатаму „во длабокото“, на едно друго ниво, во Jack дефинитивно е портретиран и денешниот човек неспособен за емпатија. Jack е емотивно осакатен/тотално празен, кој за потребите на социјалните интеракции што треба да го доведат до нови жртви, пред огледало вежба покажување одредени чувства, гледајќи слики исечени од весник, на луѓе кои со лицата изразуваат различни емоции. Исто како денешниот човек кој ја има загубено емпатијата, за сметка на тоа колку научил да биде „префинет“ во користењето на социјалните норми според потребите: причините поради кои многу луѓе во овој свет, во кој, како што би рекол Сартр, „пеколот се другите“, се самоубиваат, умираат прерано, убиваат, полудуваат … , директно ги создаваат други луѓе од позиција на соодветно влијание, кои секоја вечер си одат дома и мирно спијат. Овде одново во „The house that Jack built“ функционира метафората со „глупавите“ луѓе, кои прифаќаат да бидат горивото на овој систем. „Во овој пеколен град, во оваа пеколна држава, во овој пеколен свет, никој не сака да помогне“, извикува Jack откако сигурен во своето тврдење ѝ дозволува на својата жртва да вреска колку што може, залудно барајќи помош во сцена што се случува среде град …

Да не должиме повеќе, „The house that Jack built“ е филм со кој Lars von Trier (режисерот навести дека може ќе му биде и последен) дава добар одговор на нападите на кои е изложен лично, и заедно со неговите филмови: на оние кои инсистираат да го видат како мизогин им сервира недвосмислена потврда (речиси сите жртви на Jack се жени, нереално глупави – едната дури и ја нарекува „Simple“) очигледно тестирајќи дали ќе одат дотаму за да поверуваат; им одговара на оние кои сакаат да си потврдат дека Lars знае да прави филмови само за самиот себе, нарцисоидни, во кои интелектуално се самозодоволува со болни идеи за тоа што е уметноста; како и на оние кои „си врзале во крпче“ дека е про-наци“ (во филмот одново се навраќа на Albert Speer, фалејќи го неговиот концепт за убавината на урнатините, секако, археолошки вредните) … На ваквите следачи на неговата филмографија, von Trier преку ликот Verge (Bruno Ganz), кој подоцна се покажува дека е Вергилиј што го носи Jack во пеколот како некогаш Данте, веднаш на почетокот на филмот им порачува да не очекуваат нешто што претходно не го виделе:

Не верувам дека ќе ми кажеш нешто што не сум го чул претходно“, му вели римскиот поет на Jack, пред последниот да ја почне својата „исповед“. А на оние кои не сакаат да се прскаат во плиткото, Lars von Trier им дава целосно задоволување за два-и-пол часа долгиот негов тестамент (ако се покаже дека ова му е последен филм), при што можеме да се обложиме дека и ваквата растегнатост на „The house that Jack built“ е за да им се даде дополнителен аргумент на „хејтерите“.

REVIEW OVERVIEW
Наша оценка
9,5
Previous article„Сѐ што видов во далечината“, прва самостојна изложба на Ристе Мицевски
Next articleСуеверие

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here