Вчера беше објавена ветувачка информација дека во релативно блиска иднина ќе биде завршено монументалното уметничко дело на James Turrell, кој веќе четири и пол децении трансформира кратер на изгаснат вулкан во отворена опсерваторија. Се работи за ленд арт проектот на сега 75-годишниот Turrell, чии интервенции на кратерот Роден во северна Аризона почнале во раните седумдесетти од минатиот век, а за кој Државниот универзитет на Аризона вчера објави партнерство со непрофитната организација Skystone Foundation, задолжена за обезбедување средства за реализација на проектот.

Една од инсталациите во кратерот Роден е 275 метри долгиот тунел што треба да претставува микро камера низ која посетителите ќе можат да се движат

Новото и иновативно партнерство меѓу Turrell и ASU (Arizona State University) ќе помогне да се комплетира „магнум опусот“ на уметникот, правејќи го достапен за многу повеќе луѓе и развивајќи академска компонента за Turrell да ја сподели неговата уметничка визија, и да инспирира трансдисциплинарни пристапи кон креативноста. Здружувањето треба да обезбеди барем 200 милиони долари за да го зачува наследството на Turrell со изградба на инфраструктура на местото, вклучувајќи центар за посетители, и да обезбеди зачувување на една од најреномираните културни вредности на нацијата“, стои во објавата на Универзитетот на Аризона.

Досега се обезбедени 40 милиони долари, а ако се стигне до бараните 200 милиони, проектот ќе биде отворен за јавноста во рок од 5 години.

Прилично внимание привлече и денеска објавената информација дека музичарот Kanye West донирал 10 милиони долари за да го помогне финансирањето на Roden Crater Project. West го посетил кратерот (во моментов затворен за јавноста, а може да се посети само по покана од надлежните за проектот) на 11 декември, и како што објави на Twitter, таму доживеал искуство од оние што го менуваат животот.

Kanye е голем човек со големо срце и љубов за уметноста. Јас сум восхитен што ја имам неговата поддршка и партнерство во овој критичен момент за проектот“, се зборови на James Turrell што ги пренесе Turrell Art Foundation.

Краткото претставување на проектот, што може да се прочита на веб-страницата на уметникот, е на претседателот на Skystone Foundation, Michael Govan:

Од 1972 година, James Turrell го трансформира кратерот во монументално уметничко дело, поврзано, преку светлината како медиум, со универзумот на околните земја, небо и култура. Организиран како дистинктивен сет од искуства на светлината што се менува, интервенцијата на уметникот врз природната форма на кратерот содржи серија од соби, патеки, тунели, и отвори низ кои се пробива небото, кои пак овозможуваат менување на перцепцијата на гледачот. Одредени простории во кратерот ќе овозможат да се види и измери минувањето на времето преку движењето на ѕвездите и планетите. Други простори ја откриваат посубјективната природа на човечката врска со времето, со светлината и со просторот – пиротехниката на изгрејсонцето и зајдисонцето, или сензацијата од светлината како материјална супстанција. Ова не е споменик во традиционалната смисла на зборот. Попрво, „зауздувајќи“ ја драмата на светлината, на пределот и на небеските настани, туреловиот Роден кратер го возбудува и разбудува нашето субјективно доживување на универзумот, и како таков е споменик на човечката перцепција сама по себе, без која културната историја и достигнувања не би биле можни.

Кратерот Роден во времето кога Turrell „го открил“

James Turrell е уметник пионер во користењето на природната и електричната светлина како медиум, образуван во математиката, геологијата, астрономијата; со дипломи од перцептивна психологија, и, секако, ликовна уметност. Покрај останато, тој е и пилот, и кратерот Роден го открил додека надлетувал западно од Карпестите планини (Rocky Mountains), барајќи совршена основа за неговата монументална уметност. Пред 6 години, неговата работа предизвика пошироко внимание со симултаните изложби во њујоршкиот Guggenheim Museum, хјустонскиот Museum of Fine Arts и Museum of Art (LACMA) на округот Лос Анџелес.

James Turrell

Делото на Turrell на кратерот Роден е фузија од уметност, инженерство, астрономија, архитектура и невронаука, и како такво природно се совпаѓа со интересите на ASU, изјавил деканот на Хердерберг институтот за дизајн и уметност, Steven Tepper.

По шест декади, завршени се шест простори од Roden Crater Project, а планирани се над дваесет.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here