Дарко Стефановски е професор на Универзитетот на Пенсилванија (Penn), а под прекарот Мече е скопска легенда. Ги имам честа и задоволството да го познавам долго и добро, а за да им го доловам на оние кои не го познаваат, ќе кажам само дека и самото споменување на неговиот прекар во круг на луѓе што го знаат, ја разведрува и најтмурната атмосфера.

Конкретниот повод за овој разговор со него е финиширањето на последната, дванаесетта сезона од омилениот ни ситком, The Big Bang Theory. Сакавме да ги сумираме впечатоците, од на почеток кратките сезони во доживувањето на фановите, од кои се бараше минута повеќе, до подоцна развлечените, од кои на моменти ни беше и премногу; со некој кој е човек од науката, а кој со ликовите од серијата може да се поистовети и како припадник на „Нердистан“.

Патем, Дарко Стефановски е соодветен соговорник за целта и од причини што спаѓаат во она што се нарекува филмска тривија; а имено, на пример, на свадбата на Howard Wolowitz и Bernadette Rostenkowski, од финалето на петтата сезона на The Big Bang Theory, кога камерата се оддалечува од покривот, на сателитската снимка се гледа зградата каде Стефановски живеел со семејството, „од карши каде што се одржуваше свадбата“.

Пред Caltech – Millikan Library

Тој е нетипичен „нерд“, но како што самиот вели, вистинските нердови и се нетипични; останатите се само „wannabe“. Уште како дете, односно додека беше помлад и живееше во Скопје, отстапуваше од стереотипот за нердовите. Беше најпрепознатлив член на тогаш популарната музичка група „Нулта позитив“, беше вичен во неколку спортови, беше широко и длабоко социјализиран … Но, и знаеше, во времето кога ретко кој имаше компјутер, со часови жестоко да се расправа со другар му Дарко Димитров за тоа дали е подобра Amiga или Windows/MAC. Рано пројави претприемачки дух, и беше еден од првите кои во Македонија продаваа Macintosh компјутери. Речиси половина година на Mac го рендерираше првиот македонски видео-спот со целосно компјутерски генерирана графика, за композицијата од албумот „Voanerges“ на Оливер Димитров, „Cosmic Continuum“. Во тоа време, шегувајќи се со него дека е штребер/бубалица (тогаш не се употребуваше нерд и гик), го провоциравме дека од спорт го бива само за бочање и карлинг …

Дарко Стефановски-Мече го прашавме колку е реална претставата за гиковите/нердовите што ја создава The Big Bang Theory.

„Серијата почна многу добро. За навистина да успеат, мораше да имаат добро развиени карактери, со вистински ликови во основата. Секој кој некогаш бил на факултет, сигурно знае барем двајца-тројца вакви ликови. Тоа и ја направи серијата толку успешна. За жал, со време дел од карактерите станаа претерана карикатура на себеси … И самиот следам блогови каде авторите се нердови, и можеше да се види како со време, и покрај големата љубов за серијата, луѓето од оваа заедница почнаа да се чувствуваат оддалечени од карактерите. Во последниве две сезони дури сметаат дека серијата ги навредува. Овде би направил и разлика меѓу гикови и нердови. Мене ликовите од The Big Bang Theory повеќе ми наликуваат на нердови, иако секој од нив има по некоја карактеристика на гик. Wolowitz сметам дека е единствен исклучок – пола-пола гик и нерд. Студирав со нердови и гикови, и тие сосем знаат каде спаѓаат“, вели Стефановски.

„Секој кој некогаш бил на факултет, сигурно знае барем двајца-тројца вакви ликови. Тоа и ја направи серијата толку успешна. За жал, со време дел од карактерите станаа претерана карикатура на себеси“

Одредени медиуми пишуваа, повикувајќи се на статистики, дека The Big Bang Theory го зголемила интересот за студирање физика, и воопшто мотивите на младите да се посветат на наука. Стефановски го прашавме за коментар.

„Не можам да кажам колку серијата придонесе за овој тренд, бидејќи кога почна, веќе постоеше еден култен статус на нердовите како супкултура. Хипстерите беа резултат на овој моден тренд, кој сѐ уште трае. Така што, мислам дека Chuck Lorre (креаторот и продуцент на серијата) бил свесен оти серија за нердови во тој момент ќе биде огромен хит. Пред овој период беше многу популарно да добиеш школување со магистратура во бизнис администрација (MBA) и да станеш менаџер. Сите млади сакаа да бидат бизнисмени, менаџери, директори – парите беа најпопуларни, односно начинот да стигнеш до нив. Тоа сето си отиде со кризата во 2008-2009. Мислам дека големата криза предизвика едно ресетирање и луѓето почнаа одново да зборуваат за квалитетот на животот. И факт е дека имаше значаен раст на бројката млади кои сакаа професионално да се реализираат на полето на STEM (Science, Technology, Engineering, Mathematics). Статистиките не ги знам прецизно, но знам дека и од моите колеги слушав за зголемен интерес. Како што споменав, Lorre има чувство за генерални трендови и со мали карикирања ја отслика реалноста што резултираше со зголемен интерес и за серијата.“

„Ликовите од The Big Bang Theory повеќе ми наликуваат на нердови, иако секој од нив има по некоја карактеристика на гик. Wolowitz сметам дека е единствен исклучок – пола-пола гик и нерд. Студирав со нердови и гикови, и тие сосем знаат каде спаѓаат“

Самиот Стефановски вели дека The Big Bang Theory се појавила во клучен момент од неговиот живот.

„Постдипломските студии ми беа еден од потешките моменти, кога се чувствував изолиран. Дури се прашував дали правам добар избор поради сето она што требаше да го жртвувам. Во тој момент се појави серијата. Едноставно, чувствував дека The Big Bang Theory е потврда оти сум го одредил вистинскиот пат. Малку звучи банално (сопругата секогаш ме зафркава што гледам знаци на потврда во сѐ и сешто), меѓутоа малите смешни работи ги прават тешките моменти поподносливи.“

Вистинскиот нерд и кога е нетипичен, се гледа „од авион“

Дарко Стефановски дипломирал во 1999 година на Shepherd College (сега Shepherd University) во Западна Вирџинија (компјутерски и информатички науки). По дипломирањето се вработил како истражувач специјалист (research specialist) на University of Pennsylvania, каде со тим развивал програми што се користат за дијагностицирање дијабетес. Во 2003 година магистрирал на полето на биоинженерингот, по што се префрлил во Калифорнија, на University of Southern California (USC), каде докторирал на физиологија и биофизика, a одново, фокусот на дисертацијата бил дијабетесот. Во 2010 станал асистент професор на Одделот за физиологија и биофизика на USC, а со колегите во 2012 година се преселиле во Cedars-Sinai медицинскиот центар, исто така во Лос Анџелес, каде го формирале Институтот за дијабетес и дебелина (Diabetes & Obesity Research Institute – DORI). Во 2014 година се вратил на Penn, како асистент професор, каде работи и денеска.

Спортски, со синот Иан

Овде се потсетивме на погоре споменатите бочање и карлинг …

„Пред две години мој студент беше капитенот на карлинг тимот на Penn. Си викав, кај се сега да ме видат другарите од Скопје! Инаку, во детските и помладите години во Македонија, баскет вртевме редовно, се занимавав и со тенис, и со скијање. Пливав неколку години и се спремав дури и за натпревари, но за жал добив алергија на очите и морав да се откажам. Играв и пинг-понг, што е многу популарен меѓу гиковите и нердовите. Како нерд, и јас ја сретнав сопругата во пинг-понг клуб во Њујорк, на Менхетн“, ни раскажа Стефановски, пред да наведе уште еден пример дека колку и да ги крши сите стереотипи, вистинскиот нерд се гледа „од авион“.

„Еден од моите истакнати колеги, со кој имаме издадено научен труд, Francis Collins, е директор на Националните институти за здравство (National Institutes of Health – NIH). Од оваа позиција е во директен контакт со претседателот на САД; мислам дека стана директор во мандат на Џорџ Буш, и уште е на функцијата. Во секој случај, очекуваш über-nerd! Меѓутоа, ако го побараш на интернет, ќе видиш дека „батката“ вози мотори, свири гитара …, има баш на YouTube како свири со Joe Perry oд Aerosmith. Исто така, припаѓа на малата група научници кои отворено зборуваат за верата и за улогата на религијата во неговиот живот. Но! Ете го и на тоа видео со белата кошула и пантолони – останува нерд. Овој статус (на нерд или гик), оние кои го имаат го носат со гордост. Па, сега е „најкул“ да си нерд! Од маици со Packman, вицови на тема Star Wars, маиците на Sheldon Cooper од The Big Bang Theory со бројот 42, што е „одговор на ултимативното прашање на животот, универзумот и на сѐ“ во „Автостоперскиот водич низ галаксијата“, па сѐ до „тупење“ во претресувањето на серии како Dr. Who и Battlestar Galactica, што е сѐ материјал на „Нердистанците“.“

Со Александар Велики, British Museum

„Нердовски ќеиф“, му направило, како што ни раскажа, тоа што весници во Македонија пишувале за научен труд без да проверат/знаат дека Македонец, а имено Стефановски, бил дел од тимот што го изработил.

„Со колегата, Dr. Richard Bergman, на USC развиваме нов индекс за дебелина, бидејќи има проблем со користењето на BMI (body mass index), во што не би навлегувал сега … Генерално, светските медиуми брзо го прифатија овој труд и излегоа статии ширум светот, дури и на ноќни шоу-програми; но, најдрага ми беше статијата објавена во Македонија, која ја имав закачено на вратата во канцеларијата.“

Стефановски го прашавме и дали и сега е активен како музичар.

„Со доаѓањето во Америка ми потстивнаа музичките активности, но само до 2004 година, кога заминав за Лос Анџелес. Тамошниот мој ментор, Richard Bergman, кој оригинално е од Чикаго, е огромен љубител на блуз. Со него се вратив на мојата стара љубов, свирењето тапани. Прво се собиравме кај него дома, но наскоро, бидејќи Bergman организира забави во тек на најголемата конференција за дијабетес, почнавме и таму да свириме со еден колега од Ново Мексико, Rick Dorin, и колешка од Бостонскиот универзитет, Caroline Apovian. Околу 2009 година, со еден друг колега од USC, Robert Farley, формиравме рок бенд. Со него висевме и вежбавме по студија во Лос Анџелес. Па, следеше бендот со еден мој многу добар колега од Перу, Orison Woolcott, кој свиреше бас, јас на тапани, и една колешка која тогаш беше студент, а сега професор, Melia Tabakian, пееше. Melia има фантастичен глас. Ова беше за наш ќеиф. Кога се преселивме со колегите во Cedars-Sinai, таму секоја година има забава за новогодишно-божикните празници. Rick, Caroline, Richard и јас правевме џумбус таму секоја Нова година. Нормално, секоја свирка завршуваше со „Отвори го пенџерчето“.“

Професорски бенд. На сликата: Orison Woolcott бас, Melia Tabakian вокал, Дарко Стефановски тапани

Секако, на крајот го прашавме и за неговата културна лектира.

„Кога стигнав во САД, Македонците со кои се дружев, исто нердови, беа по електронската музика. Тогаш се вртеше Chemical Brothers и Crystal Method. Исто следев, а и денеска знам да пројавам интерес за транс – Paul van Dyk, Tiësto, Above & Beyond, и секако Paul Oakenfold. Во Лос Анџелес се вратив на моите корени. Dead Can Dance – баш Paul Oakenfold ги измикса на „Another World“; одев на концерти на Depeche Mode и Massive Attack. Ги гледав и The Cure, a исто тако и Willie Nelson – старо рокериште! И John Williams, со музиката од Star Wars, Indiana Jones … Исто така, во Лос Анџелес почнав да слушам Balkan Beat Box, а се вративме малку и на Драгачевски труби – едно време беше голем хит овде слушањето „brass“ музика. Колегата Richard Bergman ме запозна со bluegrass, еден од стиловите кои, исто така, доста ми се допаѓаат. И нормално, доста слушав блуз, зашто тоа свиревме.“

Ryman Auditorium, Nashville, Tennessee

Филмски фаворити на Стефановски се Christopher Nolan, Neill Blomkamp, Luc Besson, Ridley Scott – „сѐ SF режисери, така што ова е уште еден доказ на мојата припадност на „Нердистан“. Како четиво по негов вкус ги издвои биографиите на Ајнштајн и Стив Џобс од Walter Isaacson.

„Ми се допаѓа и Michael Lewis, по чија книга е направен филмот „Moneyball“. Многу значајна книга/филм, бидејќи покажува како статистиката, односно аналитиката го менува бејзболот како еден од најбитните американски спортови. Друга негова книга што ми се допадна е „Flash Boys“. Од фикција голем фан сум на Michael Connelly, на неговите новели за детективот Hieronymus „Harry” Bosch, именуван по големиот холандски уметник. Старо даркериште е Connelly. Неговиот опис на Лос Анџелес е еден од најдобрите што ги имам сретнато – поголем дел од местата за кои зборува ги имам посетено, така што, тврдам.“

Семејство Стефановски

1 COMMENT

  1. Секоја чест за Мече.
    Имав слушнато дека е во USA и дека е професор, ама ова што го прочитав ми остави голем впечаток, поготово тоа што, покрај “нердувањето“, сеуште има време да се занимава со тоа што го сака – музиката.

    Јас сум од времето кога песните на “О+“ се слушаа од секое ќоше, каде и да се свртиш.
    Од “Отвориго пенџерчето, преку “Мара“, “Big Beng“, “Цуцла“, “Чудна жена беше Вера“, “Шокантна ноќ“, “Ќумур“, “Цветко“, “Транс-Фузија“ …..па до “Стој“ и “Атентатот на Киро“.
    Неретко си ги наоѓам на YouTube и си ги пуштам.

    Поздрав,

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here