„Icons“ е нова серија на BBC Two од осум епизоди во кои им се оддава признание на некои од најголемите личности на дваесеттиот век. Првите седум епизоди покриваат седум полиња/категории, каде човештвото ја покажало својата извонредност: лидерството, истражувачките експедиции, науката, светот на забавата, активизмот, спортот, уметноста/книжевноста. Во секоја од едночасовните епизоди, четири особено истакнати личности си конкурираат за статусот најголема икона на претходниот век во категоријата, а по нивното завршување публиката гласа одлучувајќи го победникот. Од победниците во секоја од категориите, во финалето, во осмата епизода, што во живо ќе биде емитувана на 5 февруари, гледачите одново гласајќи ќе изберат една, ултимативно најголема икона на дваесеттиот век.

Четворицата кандидати во секоја од категориите се избрани во процедура која подразбирала прво користење на алатката на медиумската лабораторија на MIT (Massachusetts Institute of Technology) за културно мапирање, која ја исцртала важноста што исклучителните личности ја имаат на интернет. Оваа иницијална листа потоа им била испратена на експерти, за да ја сведат на само четири личности во секоја од категориите, според критериумот: достигнувања и наследство, степен на препознатливост за британската публика, и траење на актуелноста во текот на 20 век.

Во досега емитуваните категории, победници, икони, се Nelson Mandela меѓу лидерите (ги победи Winston Churchill, Franklin D. Roosevelt и Margaret Thatcher), Ernest Shackleton меѓу истражувачите (против Neil Armstrong, Gertrude Bell и Jane Goodall), Alan Turing меѓу научниците (vs Marie Curie, Albert Einstein и Tu Youyou), и David Bowie меѓу забавувачите (добивајќи најмногу гласови во конкуренција на Charlie Chaplin, Billie Holiday и Marilyn Monroe). Се чекаат победниците од категориите уметници и писатели (Alfred Hitchcock, Pablo Picasso, Andy Warhol, Virginia Woolf), спортски ѕвезди (Muhammad Ali, Tanni Grey-Thompson, Billie Jean King, Pelé), активисти (Mohandas Gandhi, Helen Kaller, Martin Luther King Jr., Emmeline Pankhurst).

Претставувањето на избраната икона на 20 век во категоријата забавувачи почнува со заклучокот дека David Bowie со неговата врвна (cutting-edge) музика му го даде на светот звукот на иднината, денес.

„Bowie беше константен музички иноватор … ликовите што ги креираше, од Ziggy Stardust до Thin White Duke, му овозможија да насели нови сонични простори. И тој снајперски прецизно ги избираше најдобрите соработници кои му помогнаа да стигне кај што замислил. За разлика од многу други музичари, Bowie остана актуелен во тек на целата своја кариера“, стои во текстот. За неговото антиципирање на иднината, се споменува неговиот албум од 1999 година, „Hours“, кој беше прв од големо музичко име, достапен за симнување на интернет.

Во делот на наследството, се вели дека Bowie и неговата претстојна смрт ја претвори во инспирација за последното дело, „Blackstar“:

„Само некои од нас се навистина подготвени за соочување со смртта, но David Bowie тоа го претвори во уметност.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here