Името Jeff Koons често се споменува заедно со големи пари (до неодамна беше најскап жив уметник), габаритни дела, и, соодветно, масивна екипа соработници во неговото ателје. Но, оваа перцепција се повеќе (ќе) се менува.

Четврти пат од 2015 година наваму, Koons значајно го намалува својот персонал, овојпат паралелно со селењето во ново ателје неделава, како што објавуваат Artnet News. Уметникот сѐ повеќе оди од централизиран процес на работа базиран на човечка сила, кон децентрализација и автоматизација.

Според извори блиски до уметникот, околу 30 работници, од вкупно 40 во сликарскиот оддел на Koons, биле отпуштени неделава, а без работа останале и најголем дел од луѓето ангажирани на изработка на скулптури. Еден од изворите на Artnet News вели дека вкупниот персонал ќе се сведе на дваесетина луѓе во сите оддели: сликарски, скулпторски и 3D дизајн, а Koons се сели и во „драматично помало“ ателје од претходното (кое било речиси еден декар).

Jeff Koons, „Seated Ballerina“

Ова редуцирање е дел од еволуирањето на неговиот начин на работа, кој, покрај на нова технологија, сѐ повеќе се потпира и на надворешни организации и поединци. Во 2012, Koons отвори високо-технолошки каменорезачки погон, наречен Antiquity Stone, со единствена цел – фабрикување на неговите дела. Во 2015 погонот вработувал 30 луѓе, 2 роботи и 12 компјутеризирани каменорезачки машини. Уметникот соработува и со професорот на MIT (Massachusetts Institute of Technology) и директор на Центарот за битови и атоми (Center for Bits and Atoms) на универзитетот, Neil Gershenfeld. Koons е еден од спонзорите на центарот, што се опишува како„интердисциплинарна иницијатива за истражување на границата меѓу компјутерските и физичките науки“, што „ги претвора податоците во предмети, и предметите во податоци“.

„Големо ателје веќе не ми е неопходно за да го остварам тоа што сакам“, се зборови на Jeff Koons.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here