Да се споменува со должна почит серијата/креацијата на Nic Pizzolatto, „True Detective“, заслугата е на актерската и на режисерската егзекуција на Matthew McConaughey/Woody Harrelson, односно на Cary Joji Fukunaga, од првата сезона. Филмските критичари, кај кои, како и кај публиката, втората сезона помина со оценката „просек“, тоа што не го добија она што го очекуваа по магичната прва едносезонска приказна, го објаснија со отсуството на споменатиот Fukunaga зад камерите (со Pizzolatto се разминаа поради „креативни разлики“).

Него го нема ниту во новата, трета сезона, но се врати „вистинскиот детектив“, во ликот што го донесува Mahershala Ali. Овде веднаш ќе го кажеме нашиот впечаток, дека Pizzolatto паметно се вратил на успешната формула од првата сезона, со двоец детективи што ја води истрагата (во случајов убиство на 12-годишно момче и исчезнување на неговата две години помлада сестра) измачуван и од сопствени „демони“; местото на настаните одново е американскиот југ (Арканзас, што е сосед на сојузната држава Луизијана од првата сезона); приказната е раскажана низ неколку временски периоди, а во неа одново се провлекува окултното.

Главниот товар на дејствието го носи Mahershala Ali, преку ликот на детективот Wayne Hays, кој не е филозоф од форматот на Rust Cohle (ликот на McConaughey од првата сезона), но по углед на Cohle има способности кои до моментот на истрагата од серијата се непотребно поголеми од оние што од полициската работа ги бара главно „реднековскиот“ менталитет на руралниот американски југ.

Маестралните трансформации на Mahershala Ali: детективот Hays во 1980, 1990 и 2015

Случајот што го истражува Hays со својот партнер Roland West (одлично одигран од Stephen Dorff) се случува во 1980 година; одново е отворен десет години подоцна поради новонастанати околности/докази; но, не е затворен ниту 25 години потоа, во 2015, годината на последниот временски период низ кој е раскажана приказната.

Совршените маски на „мејкап“ уметниците ангажирани за третата сезона на „True Detective“, соодветствуваат на беспрекорната трансформација на Ali од мотивиран, фокусиран, енергичен детектив во осумдесеттите; преку збунетиот, разочаран и недоверлив Hays во деведесеттите при повторното отворање на случајот; до изгубениот старец во 2015 година, чие сеќавање (кое сака да го чуе филмска екипа што снима документарец за случајот) сериозно оштетено од деменција (не се сеќава ниту зошто ја нема ќерка му во неговиот живот), силно заискрува само кога ќе почне да зборува за истрагата што му ја одбележала кариерата и животот, оставајќи впечаток дека во контекстот му се случило нешто такво, што мора да продолжи да го крие.

Да не должиме повеќе, нашата препорака за третата сезона на „True Detective“ е без резерви, и ветува чиста, прецизна режија, кохерентно сценарио/приказна, извонреден перформанс на целата актерска екипа, и соодветна на приказната ноар атмосфера на која се сеќаваме од првата сезона.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here