Рускиот концептуален уметник со париска адреса, Андреј Молодкин, одново ќе изложи инсталација што ќе вклучува човечка крв, и одново го оправдува ваквиот начин на привлекување внимание („Во огромната Русија научив дека за да те чујат, потребна ти е нешто моќно како пропаганда“, се негови зборови) со концептот.

На сајтот на галеријата BPS22, во Шарлроа, Белгија, каде ќе биде поставена инсталацијата (од 9 февруари до 19 мај; заедно со дела на рускиот уметник од постарата генерација, Ерик Булатов (1933) – клучната фигура на „Московските концептуалисти“), стои следново:

„Инсталацијата „Млада крв“ (Young Blood) го внесува гледачот во клиничко и видео опкружување, во кое букви се полнат со човечка крв. Буквите формираат фрази што се користат во сленгот на младите луѓе и нудат синтетизирана визија за културата и преокупациите на младите“.

Булатов ќе се претстави со монументални платна на кои слика концептуално поаѓајќи од популарната фраза „да се посереш“, напишана на руски јазик (НАСРАТЬ), и цели да создаде илузија на длабочина, постигнувајќи ја/заменувајќи ја со типографски елементи.

Ова истражување на јазикот на помладите руски генерации е платформата што на Молодкин и Булатов им овозможува најдиректно да ги адресираат прашањата што ги отвора подемот на екстремно десничарскиот национализам и неолиберализмот.

Erik Bulatov, „To shit on your exit“

На Андреј Молодкин (роден 1966) ова не му е прво креативно „валкање“ на рацете со човечка крв.

Во 2009 година беше меѓу претставниците на Русија на 53. Венециско биенале, и на изложбата во рускиот павилјон, „Победа над иднината“, настапи со делото „Црвено и црно“, мултимедијална инсталација што вклучуваше две проѕирни шупливи реплики во акрилна пластика на познатата хеленистичка скулптура Ника од Самотраки („Крилестата победа“). Со систем од пумпи, крв од руски војници и ветерани од Чеченската војна, беше испумпувана во едната склуптура, а чеченска нафта, во другата. Видео камери го снимаа процесот, а снименото беше проектирано комбинирајќи ги видеата од двете скулптури на божицата на победата од грчката митологија, „оживеана“ за да ја симболизира и амбивалентноста на секоја победа.

Andrei Molodkin, „Le Rouge et le Noir“

Во 2013, со изложбата „Католичка крв“ во Дери, Северна Ирска, Молодкин уште еднаш предизвика контроверзи, зашто користените материјали за инсталацијата вклучуваа крв на локални католици (36 луѓе се пријавиле да донираат крв за целта, вклучувајќи и син на католички свештеник). Крвта била испумпувана во реплика во проѕирна акрилна пластика на розетен прозорец од Вестминстерска палата. Јасно, уметникот упатуваше на историските крвави поделби во Северна Ирска меѓу протестантите и католиците.

Andrei Molodkin, „Democracy“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here