Три акварели што му се припишуваат на Адолф Хитлер, а понудени на аукција во Германија, се запленети од германската полиција поради сомнение дека се фалсификати. На делата се насликани река, планински пејзаж и човек кој седи под дрво. Сите се наводно од почетокот на претходниот век, кога, во тоа време непознатиот Хитлер, изработил куп поштенски картички и слики, што ги продавал за ситни пари. Познато е дека сонот да стане уметник престанал да го сонува откако два пати по ред не успеал да го помине приемниот испит на Виенската академија на уметностите.

Портпаролот на берлинската аукциска куќа Kloss, за Reuters изјавил дека трите акварели „немаат уметничка вредност’, но оти хитлеровиот потпис им ја зголемува цената.

„Ако прошетате покрај Сена и сретнете 100 уметници, 80 ќе бидат подобри од ова“, стои уште во изјавата. Иницијално, акварелите биле понудени за 4.000 евра по парче, како што објави новинската агенција AFP, и сите имале потврда/печат за автентичност, дадена од експерт.

„Комисија за криминал поврзан со уметнички дела истражува обид за измама и фалсификување документи“, објави, пак, на Twitter берлинската полиција, додека оригиналните продавачи/сопственици на акварелите побарале да останат анононимни. Досега нема апсења во случајот.

Инаку, се знае дека постојат стотици слики и други уметнички дела на Хитлер. Најголем дел поседува Армијата на САД, која ги конфискувала по победата на Сојузниците во Втората светска војна (оваа колекција никогаш не е изложена). Дела на Хитлер ретко се продаваат во Германија поради табуизираниот статус во земјата, во духот на форсираното чувство на колективна вина, и евентуалните аукции често се проследени со гневни протести од роднини на жртви и преживеани од Холокаустот. Во Германија не е нелегално да се продаваат платна на Хитлер, но само доколку не содржат нацистички симболи. Постои податок дека самиот Хитлер во времето на својата моќ наводно наредил да се соберат каде и да се, и да се уништат сите негови уметнички дела, но, како што кажавме погоре, стотици сѐ уште постојат. Негово дело продадено во Нирнберг во 2014 година значајно ги надминало проценетите 48.000 евра и се продало за 130.000. Продавачот, чиј дедо го купил делото во 1916, донирал 10% од сумата за добротворни цели, за деца со попреченост.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here