Стрип-авторот и посветениот промотор на деветтата уметност во Македонија, Александар Стеванов, до редакцијата на patem.mk испрати интервју што го направил со карикатуристот и стрип-авторот Тоде Блажевски, кој (се сложуваме со Стеванов) заслужува промоција

Звучноста на одредено име, вели малата ризница на големи животни мудрости, не секогаш соодветствува на значењето што неговиот носител го има. За среќа или несреќа, токму таков е случајот со македонскиот карикатурист, хуморист, есеист, стрип автор и аниматор – Тоде Блажевски

Овој скромен скопјанец, роден на 6 мај 1948 година, за првпат почнал да се занимава со уметност во далечната 1966 година, кога во весникот „Студентски збор“ ја објавил својата прва карикатура. А оттогаш, во неговата половина вековна кариера, карикатурите на Блажевски ги разубавувале страниците на бројни домашни и странски весници и списанија. „Остен“, „Млад борец“, „Нова Македонија“, „Вечер“, „Бирлик“, „Република“, „Комунист“, „Трудбеник“, „Просветен работник“, „Металург“, „Мит“, „Корени“, „Огледало“, „Современост“, „Свет“, „Стожер“, „Стремеж“, „Виц“, „Стршел“ и „Плави стрип“, се само дел од публикациите во кои овој македонски автор објавувал.

Но, освен што е практичар, Блажевски се занимава и со длабинско проучување на теоријата на карикатурата. Со својата аналитичка книга „Аспекти на карикатурата“, тој се запишал и како еден од ретките Македонци кои имаат објавено книга на тема од оваа област од човековата креативна дејност. Блажевски се има испробано, и тоа успешно, и на полето на деветтата уметност – стрипот, а како досега наброеното да е малку, се бави и со анимација.

Впрочем, потврда за неуморноста и сестраноста на овој македонски автор, покрај неговиот богат творечки опус, е и ова интервју во кое тој ни малку не ги штедеше зборовите.

Вие сте дипломиран правник, сега во пензија, а воедно долги години се занимавате со карикатура и стрип. Ваквиот опис звучи малку како „Јенки во дворецот на кралот Артур“, зарем не?

Мојата љубов кон уметноста, а посебно кон стрипот и карикатурата датира уште од раните училишни денови, кога преку детските списанија „Другарче“, „Титов пионер“, подоцна „Наш свет“, „Развигор“, „Кекец“, „Политикин забавник“, „Плави вјесник“ и др., се запознав со стрип-јунаците Мирко и Славко, Пајо Паторот, Мики Маус и другите. Оттогаш се појави љубопитноста за тоа како се создава стрипот, како се раскажува своја стрип-приказна, како се испраќа своја универзална порака нелимитирана по географскиот простор и времето.

Но како и зошто се случи да не тргнам по патот на формалното ликовно образование?

Има (барем), две причини за тоа што, покрај со моето основно занимање – правото, започнав да се занимавам и со карикатурата и стрипот.

Првата причина е од сосема прозаичен карактер. Во времето кога требаше да се определам за тоа во која насока да го продолжам своето високо образование, во мојот град Скопје, но и во Македонија, немаше факултет за ликовни уметности. Тоа значеше – студирање во Белград или подалеку некаде. Така мојата желба да студирам на ликовна академија, од семејни причини, не ми се оствари и јас го продолжив образованието на правниот факултет во Скопје.

Втората причина е од попродуховен карактер. Желбата да учам, да бидам активен во ликовната уметност, да цртам, создавам, објавувам и изложувам, беше многу голема, и така се најдов (а и сѐ уште сум) во ликовната уметност и во уметноста воопшто и тоа како дипломиран правник, а не како дипломиран ликовен уметник.

Е сега, а во контекст на алузијата од вашето прашање, може да се запраша некој што бара старец меѓу уметниците – стрип-цртачи, а имајќи го предвид нашето општо убедување дека стрипот, па и карикатурата и цртаниот филм, се медиуми за младите творци и реципиенти. Но, има објаснување. Ако некој ги засака карикатурите и стриповите во младоста, а уште ако и од љубов ги продуцира и негува, не знам која сила и причина на која што човек може да влијае, ќе го оттргне и во староста да не ги сака и да не ги создава. Моето интересирање за овие медиуми во последниве 5-6 години дури и се зголемува. Па така се случува, да воведам и новитети во продукцијата, изработувајќи ги карикатурите, стриповите и цртаните филмови, покрај на класичниот начин – на хартија, и дигитално – на компјутер. Тие, заедно со уште некои форми на моето уметничко изразување, со децении веќе, се начин на моето перцепирање на светот, начин на моето живеење, начин на моето функционирање.

Слично како што творештвото на доајенот на македонскиот стрип – Миле Топуз, се врзува првенствено за настани од македонската национална историја, најголемиот дел од вашите стрипови се од хумористична или од детско-едукативна природа. Како автор, толку многу се пронаоѓате во тие теми што никогаш не сте посакале да направите нешто жанровски различно или?

Уште кога започнав со карикатурното творештво, така – самата по себе, ми се наметна определбата да создавам во духовит–сатиричен манир, и таа остана и до ден-денес. Во другите мои уметнички изразни форми опфаќам и поинакви жанрови, но во стриповската, карикатурната, анимираната и прозната, остана комичната односно духовито-сатиричната изразна форма. Неа ја применив и во стриповите наменети за децата, и мислам дека тие беа добро примени (стрипот „Детестоп“ излегуваше цела учебна 1996/97 година во „Колибри“, во весникот „Нова Македонија“). Таа (мојата определба), ми изгледа поатрактивна и подостапна, и секогаш е интересна за многу широк круг реципиенти–читатели, бидејќи духовитото и смеењето е својствено за секого, секогаш и секаде. Истовремено таа има и доволно богат духовно-духовит, па и ликовно-графички капацитет, и е подеднакво сериозна и интелектуално вредна како и другите жанровски определби. Овде ќе направам мала дигресија. Да не заборавиме – според мое длабоко убедување, дека смеењето воопшто, а следствено на тоа и смеењето поттикнато од восприемањето на стрипот, карикатурата и цртаните филмови – анимацијата, е сосема сериозна психофизичка активност на секој човек што е во нормална психофизичка состојба. Смеењето и смешното, како и сѐ што е видливо и поимливо во природата, во смисла на поставеноста на нештата, нивната задача, цел, функција, полза или штета и т. н. и т. н. е сериозно. Всушност сѐ во природата – вклучувајќи го тука и човекот, е така поставено што се наметнува заклучокот дека се работи за нешто што го нарекуваме: сериозност, или: сериозно. Исклучок е глупавоста. Но, за ова, и на ова место – толку.

Од друга страна, слободната диспозиција што ја имаат стрип-цртачите, карикатуристите и аниматорите за создавање многу богата, содржајна и добро срочена идејно-естетска и прецизна – концизна своја авторска приказна, им дава можност релативно лесно и брзо да воспостават врска со корисниците на нивните дела, со реципиенти–читатели, и за релативно кратко време – преку сатирата–критиката, да им ја пласираат својата размисла, идеја–порака, без да ги остават во никаква дилема. Духовитото–смешното во делото, е она што ги привлекува реципиентите кон делото, кон стрипот, карикатурата, цртаниот филм. Но тоа не значи дека и делото како дело е духовито–смешно, или само духовито-смешно. Духовито-смешна е содржината, она што како интелектуалност е содржано во него. Тоа пред сѐ и над сѐ е сериозно нешто, бидејќи по смеењето следува восприемање на идејата – пораката-критика од авторот, она на што се смеел реципиентот. Дури, без претензии за некоја уметничка надмоќност над другите видови уметност, овие три видови уметнички дела се во извесна предност поради својата експлицитно јасно прецизирана–концизна и, што е најважно, брзо восприемлива порака. Ова релативно кратко време, оваа голема брзина на воспоставување ефикасна врска на стрип-авторот, карикатуристот и аниматорот со реципиентите на нивните дела, противниците на уметничките вредности на стриповите, карикатурите, па и на цртаните филмови, го сметаат за површност и непродлабоченост, односно за главен аргумент за непостоење на духовни, односно уметнички вредности во овие дела. Па така, за да не остане на крајот, стрипот, карикатурата или анимираниот филм само со шареноликоста на боите и со својата гола идеја – порака-критика, добриот стрип-мајстор и карикатурист (и сценаристот и цртачот), треба, со своите мајсторски изведби и во визуелно-ликовно-графичката компонента (елемент на стрипот, карикатурата…), и во идејно-духовната компонента (елемент на стрипот, карикатурата…), да обрнат големо внимание уште при изборот на темата, сценариото т.е. содржината на стрипот. Потоа треба да се вложува голем труд во самата изведба, а сега веќе, мислам, дека е потребно и сѐ повеќе да се применуваат и современи ликовни техники (компјутерската, на пример), и посовремени ликовни знаци и симболи. Со тоа реципиентот ќе биде заинтересиран и ќе ужива во восприемањето на стрипот и делото воопшто, за сето време додека го восприема и тоа и во ликовно-графичкиот дел и во идејно-духовниот дел, нестрпливо очекувајќи го расплетот на фабулата, со цел што побрзо да ја разбере авторовата идеја, порака.

Но, ова прашање е за поширока дискусија, па и за него, и на ова место – толку.

Покрај Владимир Величковски, според моите сознанија, вие сте единствениот македонски автор кој објавил книга на тема карикатура. Потешко е да се биде практичар или теоретичар?

Факт е дека многу малку се на број делата (книгите, статиите и сл.), со теориски проучувања, студии, анализи и расправи за стрипот, карикатурата и цртаниот филм. Освен една студија од Томислав Османли за стрипот, за жал, стрипот, карикатурата и цртаните филмови, научно-стручно, малку, скоро и да не се проучувани кај нас. Токму тоа ме поттикна пред повеќе години да се зафатам и со извесни проучувања на некои сегменти на овој вид творештво. Така, во еден подолг период од дваесетина години, се начнаа некои скриени вредности на овие ликовни дела, како што се: „Критиката и духовитоста во карикатурата“, „Оптимумот на уметничкиот израз во карикатурата“, „Стрипот и цртаниот филм“, „Симболизмот во карикатурата“ и други. Дел од овие десетина есеи–статии за карикатурата, но и за стрипот, беа објавувани во континуитет од неколку години (секоја година по еден), во Анкара – Турција, на турски и на англиски јазик. Од овој материјал беше составена книга што излезе од печат во 2013 година под наслов „Аспекти на карикатурата“, во издание на издавачката куќа „Магор“ – Скопје.

Мојата цел беше (меѓу другите), да заинтересирам и други истражувачи да започнат со теориски проучувања на овие ликовни дела, и на пошироката културна јавност, научно-стручно и подетално да им ги презентираат нивните уметнички и други вредности. А дека имаат такви вредности овие дела потврдува и фактот оти тие се објавуваат и наградуваат и кај нас и во светот, на многу меѓународни фестивали и други културни манифестации. Македонија сметам дека е една од поистакнатите земји со долга стрип и карикатурна традиција.

Што се однесува до прашањето дали е потешко да се биде практичар или теоретичар, не сум размислувал многу на оваа тема. И кога работам на нешто теориско, и кога работам стрип, карикатура, цртан филм и друго, се посветувам исцело. Во текот на работата многу пати се навраќам на сработеното, честопати наоѓам грешки (но и „грешки“), повеќе пати преправам, правам варијанти, проби, ако може така да се каже. И така, на крајот, по подолго време се решавам за конечниот изглед на тоа што го работам.

Но, ако веќе се бара попрецизен одговор на ова прашање, може да се рече дека иако на почетокот – освен идејата, не го знам ни приближно изгледот на делото чија реализација ја започнувам, практиката односно работата на уметничкото творештво, (стрипот, карикатурата и…), ми дава голема слобода во изнаоѓање на најлесниот пат до нивниот конечен изглед.

Додека пак работата во теоријата, работата на теоретските трудови ме ограничува со конкретните прашања (со конкретните проблеми) што се поставуваат и со врамените одговори до кои мора да се стигне. Конкретно, ако поставеното прашање гласи: има ли оптимум во уметничкиот израз на стрипот воопшто, како изгледа тој (оптимумот), и патот до одговорот е ограничен и мора да се води во таа поставена рамка. А тој – патот, е непознат, допрва треба да се распретува. И така… Па во таа смисла се состои тоа тешкото (и најтешкото), во работата на теоретичарот.

Сепак, големо задоволство ми прави тоа што го правам и како практичар и како теоретичар во ликовно-сатиричната творечка област, особено кога ќе го видам објавено некаде.

Во споредба со пред 20, 30, односно 40 години, на кое ниво е македонската стрип-сцена денес? Се забележуваат ли логични темпорални закономерности на развој и континуитет или сѐ се сведува на периодични проблесоци поврзани со одредена личност или група, со што секоја генерација е осудена да започне од нулта точка?

Пошироко гледано, би рекол: состојбата на македонската стрип-сцена – како што велите, не е добра. Кога го велам ова мислам пред сѐ на објавувањето, а не на создавањето на стриповите. Кај нас има и стрип-творци, и стрип-реципиенти, но нема пласман. Пред неколку децении имаше издавачки куќи, редакции, творци, списанија и верна едуцирана публика – реципиенти.

Ако земеме предвид за анализирање подолг период, на пример периодот од последните седумдесетина години, може да се рече дека стрипот кај нас има развој, па и континуитет, но со осцилации. Неговото воздигнување (издигнување), и развој, беше проследено и со падови што пак се должи на големите промени во нашиот општествено-политички систем и промените во сопственичките имотни односи, и други фактори, за кои малку нешто ќе кажам, подолу.

Во поранешниот, социјалистички систем, стрип-центрите како организирани генератори на стрип-продукцијата беа во државна (или општествена сопственост – како што тогаш се нарекуваше државната сопственост). Тоа значеше дека водењето грижа за овој сегмент на нашата култура беше на највисоко можно општествено-државно ниво. Но како што е познато, многу од тогашните стрип-дела беа проткаени со идеолошки предзнак што одговараше на тогашната општествено-владејачка идеологија, со што тие дела во најголема мера се без или со сосема малку, односно со ограничени уметнички вредности.

Денеска – главно стрип-центрите не се државни. Државата е, ќе речам во контакт – допир со овој вид творештво, исклучително и делумно, и секогаш преку неизвесното финансирање. Неизвесно и во поглед на висината на средствата, и во поглед на времето на доделувањето.

Приватниот, економски сектор, речиси воопшто не е заинтересиран за поддржување на стрип-творештвото.

Ваквата имотно-правна поставеност на неколкуте организирани стрип-центри кај нас се одразува и на самата продукција и реципициенција на стрип-уметничките дела. Радува фактот што во последно време, веќе има интерес за стрипот и карикатурата во нашиот образовен систем. Во училиштата веќе и практично им се посветуваат извесен број часови. Се забележува дека има настојувања и материјалот од самата наставна програма да биде предаден на учениците на стриповски начин. Тоа значи дека за стрипот како стрип има сѐ повеќе интерес. Но за нас стрипот (и карикатурата и анимираните филмови), се значајни и важни како творечко уметничко дело. Па во таа смисла и треба да биде насочен нивниот третман во образовниот систем, и воопшто интересот на државата и општеството за овој вид творештво.

Општо земено, кај нас стрип-конјуктура постои, според мое мислење, додека постои некој стрип-круг што собира ентузијасти, а кога некои личности ќе се тргнат, спласнува продукцијата, интересот… Иако постои ентузијазам, иако постои заинтересираност, тешко и инцидентно се создава стрип, тешко се објавува, а бројот на реципиентите се намалува.

А кога сме веќе кај ова, овој број (бројот на реципиентите), се намалува и губи и поради појавата на други предмети и области на интересирање на реципиентите, особено на младите. Тоа се умните–паметните телефони со можностите за забава и комуникација што ги нудат, компјутерите, социјалните мрежи Фејсбук, Твитер…, ноќниот забавен живот и сл. Овие нови забави и предмети на интересирање, на еден голем дел од младите им одземаат многу време, енергија и пари. Ним малку интересирање им останува за попродуховени форми на културна надградба, надградба што пак бара малку и интелектуален напор и едукација (едукативна навика) за пријатно и со уживање следење на стрипот, карикатурата, анимацијата. Тој факт треба да се има предвид. Бидејќи ако се изгуби културната навика да се реципира стрипот, карикатурата, анимацијата, се губи и начинот на восприемањето, а потоа се губи и директното интересирање за овој (овие) медиум(и). Тоа во уметноста веќе се има случено. Да се потсетиме само на случајот со вестерн филмовите. Поради хиперпродукцијата и неинвентивноста, најнапред се изгуби интересот за нив, а со тоа се изгуби и вестерн филмската публика. Со текот на времето (мислам на времето без вестерн филмови) се заборави и начинот или системот за нивното поимање – разбирање. И така се дојде до нивниот крај. Сега веќе нема никој што ќе се нафати да го обнови вестерн филмското творештво, кога за тоа веќе нема интерес и едуцирана филмска публика, и кога неуспехот е сосема извесен.

Да не дозволиме да го дотераме стрипот, па и карикатурата и анимацијата, до ваква положба.

Спомнавте дека бавењето со карикатури и сатирично-хумористични стрипови ви создава големо задоволство, каков што убеден сум дека e случај и со читателите на вашите дела. Но, дали ваквото творештво, налик на случајот со римскиот поет Овидиј, некогаш ви создало и несакани ситуации и реакции „од горе“?

Вообичаено, уметниците од сите профили, искористувајќи ги ваквите можности, секогаш настојуваат да се прикажат како големи самостојни борци против замислениот режим или режимите во кои ја создавале својата уметност, небаре „режимот“ е секогаш режим и тоа неподносливо репресивен и опасен, ниту на крајот на умот непомислувајќи дека токму тој и таквиот „режим“ им го овозможил и обезбедил и животот и кариерата и сето друго. Затоа на ова прашање ќе одговорам директно со не. Не ми се случило така отворено да добијам некаква забрана или закана од некого или од некаде, како што имало случаи со некои други сатиричари. Познат е, на пример, случајот од пред неколку децении, со нашиот еминентен сатиричар Бошко Смаќоски и со забраната на неговата радио емисија што многу години се емитуваше рано наутро на програмата на Радио Скопје, и што почнуваше со неговото директно обраќање до слушателите со: „Добро утро драги слушатели, а за денот не ви гарантирам.“ Емисијата, одеднаш и нечујно ја снема од програмата и само затоа што некоја ВИП-личност се препознала во некој сатиричен текст од овој хуморист. Мене тоа досега не ми се случило, а не ми се случи ниту тогаш кога во еден подолг период интензивно се занимавав и со создавање карикатури и по некој стрип, со политичка тематика. Во тоа време објавив околу 200 политички творби претежно во дневниот весник „Нова Македонија“, а еден голем дел од нив потоа се најдоа и во мојот албум „Хомо балканикус ептен занесеникус“. Сепак, и тогаш не доживеав некоја голема и видлива пресија директно на своја кожа – што се вели. Но секогаш, или ако не секогаш – често, имало и сѐ уште има тивка реакција, тивок бојкот. Правнички кажано немам докази за тоа, но имам индиции иако (пак правнички кажано), тие, како докази, во доказната постапка во правото, не се земаат в предвид [ха, ха].

Општо земено, никој не сака критика, особено не јавна, каква што е критиката во карикатурата и сатирично-комичниот стрип. А секој сака пофалби. Од друга страна пак, карикатурите и сатирично-комичните стрипови не се прават за пофалување на некого или на нешто. Напротив, се прават за критика (критикување) на некого или нешто, се разбира, во добронамерна смисла на зборот. Па затоа и сега ми се случува чуден отпор, чуден бојкот.

Еве неколку примери што датираат од последниве две-три години.

Мојата најнова книга со хумористични раскази, карикатури и афоризми „Јас не сум виновен за ништо“ излезе со еден расказ помалку. Зошто? Бидејќи така решил некој од редакцијата на издавачот. А така решил бидејќи во расказот–хумореската, „препознал“ критика упатена до еден негов личен пријател за кого тој сметал дека е позната и полезна јавна личност.

Втор пример, кога една моја карикатура (малку стриповски направена), што го третира пијанството (во неколку амбиентални ситуации), беше одбиена за јавно изложување на изложба и јавно објавување во каталог, од два домашни и од еден меѓународен фестивал. Зошто? Не знам. Претпоставувам дека причината е пијанството кое за некого не е тоа туку е само потрошувачка-продажба на алкохол инзаработка (инаку, карикатурата меѓу другите фестивали, беше пријавена на конкурс распишан од Домот на културата од едно наше познато винарско место).

Една карикатура не ми беше објавена јавно на еден истакнат – би рекол, меѓународен електронски портал, бидејќи третираше тема од Библијата.

И така натаму, и така натаму.

По релативно добрата соработка во еден подолг период со некои медиуми (телевизии, весници), што се случуваше по повод излегување од печат на некоја моја книга, албум, изложба или завршување на цртан филм, денес (во последниве 4-5 години) имам би рекол (пак) отворен молк (отворен бојкот). Јас не ја знам причината (или причините), но молкот е очигледен. А би рекол, и не е само во врска со мене, туку и со други сатиричари.

И еве, ми изминаа повеќе децении со активно занимавање со сатирично, стриповско, карикатурно и слично творештво, но сѐ уште ме „одбегнуваат“ сите значајни државни награди, општествени признанија, еснафски награди и слично.

Колку за илустрација: во нашево општество, до пензионирањето, сите академици, универзитетски професори, општествени дејци, артисти, писатели, сликари, музичари, музиканти, пејачи и уште кој ти не, се наградени со сите возможни вакви награди и признанија, а ние сатиричарите само ги чекаме, чекаме…

И уште малку на оваа тема.

Секој сам може да забележи колку малку се зборува кај нас за сатирата, стрипот, карикатурата, мислам на нив како пројава, како општествено-културолошка корисна активност. Овие дела секој ги сака и ги восприема со големо задоволство и уживање, но досега воопшто се нема случено некое посериозно научно-стручно проучување или воздигнување и третман на оваа духовито-сатирична уметност на некое повисоко и пошироко општествено ниво. Зарем тоа не е тивок бојкот, несоодветно третирање, и зарем сатирата не е општествено-корисно духовно добро?

На маргините на 10-тиот Меѓународен салон на стрип – Велес 2012, на кој што му беше врачено признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип, долгогодишниот уредник на „Детска радост“ – Киро Донев, изјави дека стриповите правени во негово време, со туш на хартија, биле веродостоен израз за авторското мајсторство, за разлика од сега кога со помош на компјутер секој може да прави стрипови. И додека многу карикатуристи и стрип-автори од вашата генерација успешно одолеваат, па дури и ги негираат придобивките на новото време, забележав дека вие ги боите вашите стрипови дигитално. Кој е вашиот став по однос на користењето дигитални наспроти традиционални алатки?

Гледано од технолошки аспект, ако може така да се рече во стрип-творештвото, рачното правење стрип со туш на хартија и боење е макотрпна работа, која што бара време, стрпливост, концентрација, енергија и т. н. Но, на крајот задоволството од конечниот изглед на делото е големо и потполно бидејќи – генерално, тоа е резултат исклучиво на умот и раката на уметникот.

Но, напредокот во технологијата во многу области на производната сфера на човечкото живеење е неминовен. Аналогно на ова и напредокот во употребата на нови средства, алатки и методи во уметноста, а тоа значи и во создавањето на стрип-делата, кој што сѐ повеќе е евидентен, исто така е неизбежен. Употребата на дигиталната технологија во уметноста, пред сѐ во графиката преку компјутерската техника и другите дигитални технички средства, сѐ повеќе е евидентна и во стрип-творештвото. Тоа се нови техничко-физички средства што се користат за творење на стариот – добар изглед на стрипот, но и на некои негови нови ликовно-изразни форми. Сепак, да нагласам дека со нив не е толку лесно да се работи колку што – од страна гледано, изгледа. Раката и умот на стрип-творецот и понатаму остануваат главни во овој вид творештво.

Една од поглавните карактеристики на дигиталното стрип-творештво (компјутерското стрип-творештво), е специфичниот квалитет во визуелна смисла на зборот и кога тој се гледа како таков (дигитално) на компјутерот, телевизорот и сл., па и кога е напечатен. Велам: па и кога е напечатен, бидејќи неговиот естетски изглед зависи и од квалитетот на печатењето. Значи, да нагласам: не се работи за поголем (повисок), квалитет, на стрипот изработен во оваа техника, туку се работи за поинаков квалитет. За да го разбереме ова еве една илустрација: се работи за разликата во квалитетот како кога зборуваме за истуширан стрип обоен во акварел техника и истуширан стрип обоен со молив во боја (дрвени бои). И во двата случаи се работи за врвен квалитет, но не ист, туку различен.

Овде пак, се појавува една опасност – површноста, ласцивноста, која може да го заведе и понесе творецот, но, заради просторот и времето, нема да ја шириме темава.

Друга, исто така една од поглавните карактеристики на дигиталното стрип-творештво (компјутерското стрип-творештво), е неговата (на стрипот) лесна достапност до неговите реципиенти, бидејќи тој лесно, брзо и ефтино се пренесува до нив. Овде мислам на неговото пренесување – транспортирање преку интернетот, дигиталните социјални мрежи и сл.

Од друга страна и рачно изработениот стрип ја има магијата на авторското мајсторство, како што беше веќе констатирано, а ја има и дополнителната вредност на оригиналноста, и на уникатноста, бидејќи делото – како такво, го има само во еден примерок. Па, во таа смисла, мајсторството на раката на еден Дарко Марковиќ и неговите мајстории со моливот во боја (дрвените бои), се познат квалитет кој ја изнесе македонската карикатура и стрип во светот, како врвен производ од овој вид.

Истото се случи и (и сѐ уште се случува) со бравурозните мајстории во оваа иста техника во портретите на нашиот познат потрет-карикатурист, Никола Анѓелкоски.

И така натаму.

Токму затоа мислам дека овој вид творештво ќе опстане и во иднина, како што напоредно со него, ќе се развива и дигиталното (компјутерско стрип) творештво.

Со вас имаме доста слични размислувања во врска со општествената улога на стрип-авторот. Можеби едно од ретките несогласувања е што за разлика од моето мнение дека авторот треба да ги наметне своите погледи и идеали, вие сте со поалтруистички сфаќања, сметајќи дека неговата благородна мисија се состои во тоа да му го даде на читателот она што му е потребно. Па, какви стрипови ѝ требаат на Македонија денес?

Ова прашање има две строго поделени солуции.

Првата солуција доаѓа до израз кога авторите се во размислување за изборот на темите, стилот, методот што ќе го применат во работата врз стрипот и т. н., и т. н. Но ова пак – до некаде значи ограничување на нивната слободна диспозиција особено кога се работи за дело по нарачка, или кога авторите помодно следат некој тренд во стрип-творештвото и т. н. Сепак тие не се сосема лишени од една ваква слободна своја диспозиција, од слобода во творештвото. Секогаш на нив самите, останува колку ќе ги искористат своите таленти, можности, при изработувањето на конкретниот стрип, а со тоа и колку ќе ги искористат своите шанси за градење на својата успешна уметничка стрип-кариера.

И втората солуција доаѓа до израз во почетната фаза, но откако авторот веќе се определил за конкретниот стрип, пред пристапот кон неговата реализација. На стрип-авторот (или стрип-авторите – ако се работи за двајца автори: автор-сценарист и автор-цртач–реализатор) тогаш му се наметнуваат основните прашања: кому е наменет стрипот, кои ќе бидат неговите реципиенти, дали им е токму таков стрип потребен, како ќе биде прифатен и разбран и така натаму, и така натаму.

Откако ќе се расчисти со одговорите на овие прашања ќе се пристапи кон реализацијата на стрипот. И токму тогаш стапува на сцена, да речам, благото наметнување на волјата на авторот, неговата идеја – порака. За да имаме реципиенти треба да имаме стрипови атрактивни за нив. Не е добро да се создаде стрипот, а да нема реципиенти. Во светот на уметноста веќе има примери на дела што никогаш не биле побарани од ниеден реципиент. Пред година-две во Њуjорк се одржа изложба на книги од библиотеки кои што никогаш од ниеден читател не биле побарани да бидат прочитани.

Затоа, сметам дека е поцелисходно и пополезно стрип-авторите да обработуваат актуелни, современи теми, она што е секојдневие на луѓето со цел – преку нив полесно да ги пласираат своите пораки, идеи. Сето тоа да го прават со дискретно следење на нивните интересирања, знаења, идеали и идоли и сл. Бројот на денешните стрип-реципиенти е мал, па барем со еден ваков пристап во стрип-творештвото, тој број да се задржи и постепено да се зголемува. Стрипот, според мое мислење е во криза. Кога зборувам за криза во стрип-творештвото, не мислам толку на квантитетот колку на квалитетот и тоа најмногу на комик-стрипот, односно на карикатурниот, духовитиот стрип. Денеска е тешко да насмееш некого, а и општо земено, луѓето сѐ помалку се смеат.

За добри стрип-мајстори, добри цртачи, и сценаристи, не е голем проблем, не е непремостлива тешкотија да направат добар стрип со Принц Валиант, Хогар, Астерикс, и други историски ликови од некоја туѓа историја, или стрип од Дивиот запад, со Били Кид, Зоро и сл. Се поставува прашањето колку тоа во денешново време е интересно за нашите реципиенти, пред сѐ младите реципиенти. Ако имаме релативно добар број стрипови, релативно добра продукција со наши национални јунаци и други елементи, дали имаме и доволен број реципиенти за нив. Се запрашал ли некој глобално, колкав е бројот на стрип-реципиентите. За ова – според мене, доволно покажува фактот што стрип-творештвото кај нас не може да опстане на комерцијална основа, и од стрип-творештво не може да се живее. Така?

Годинава бевте еден од учесниците на првата Стрип колонија во Велес. Од впечатокот стекнат преку дружењата со помладите колеги од Македонија, според вас каква е иднината на домашната стрип-сцена?

Работата на колониите е динамична, интензивна. Таквата работа за ново стрип-дело (малку нескромно речено), мене, глобално не ми одговара. А, работата на стрип-колониите и воопшто на уметничките колонии, токму со тоа се одликува. Како да се работи за натпревар, бидејќи сите брзаат. А уметничката работа бара мир, спокој, размислување, а не брзање. Со брзањето може да се поткрадне грешка која може да биде фатална за делото. За да се избегне тоа, на уметничките колонии се довршуваат делата започнати дома – во своето ателје, делата за кои долго се размислувало, за кои се извршени потребните подготовки и кои веќе дома – во ателјето се почетно поставени. Со сигурност можам да кажам дека врвните дела на уметниците не се направени на временски кратките уметнички колонии на кои покрај уметничкото творење краткото време се троши и за други активности: дружење, меѓусебно запознавање, размена на искуства, запознавање на околината и т. н.

Веќе реков нешто за иднината на домашната стрип-сцена. Според моето мислење, стрипот воопшто, а посебно комик-стрипот, односно духовитиот стрип, кај нас има перспектива. Иако луѓето по природа се љубопитни, по малку и самобендисани и помодни, а со тоа и поподложни на лесно прифаќање на новини и нови сфери на интересирање кои често пати се и некорисни и штетни, мислам дека нема туку-така, да се откажат од реципирање на стрипот. Живеењето со стрипот, како генерациска навика и едукативно-воспитен метод во културолошко издигнување и оформување на младата личност, кај нас има долгогодишната традиција. Затоа сметам дека гладта кон овој вид духовна храна, уште долго ќе постои кај луѓето. А, на стрип-авторите задача им е повеќе да ги следат стрип-реципиентите кај нас. Нивниот начин на живеење, ментален склоп на нештата и сл. Ова (пак ќе речам) заради кризата и опасноста од згаснувањето на интересирањето за стрипот. Македонија има млади стрип-автори и тоа е добро за перспективата на стрипот кај нас.

Добро е и што има млади стрип-творци. Тоа дава надеж за неговата иднина во нашата земја.

За крај, знам дека работите на серијалот кратки хумористични стрипови во кои протагонист е Русето. Имате ли можеби и други планови за во иднина?

Што се однесува до стрип-серијалот „Русето и Маричето“, со задоволство можам да кажам дека беше правен во соработка со нашиот голем стрип-вљубеник и стрип-творец, почитуваниот Ване Трајков. Сега засега немаме договорено понатамошна соработка. Можеби ќе има во иднина. Тој е поупатен во трендовите на македонскиот стрип и пошироко, па секоја соработка со него е многу плодотворна и полезна.

Инаку, во своето делување често се навраќам на стрипот, велам често бидејќи работам и друго (цртани филмови, хумористични раскази, слики). Но, реков, не го заборавам ниту стрипот, особено не – последниве пет-шест години. На тоа ме потсетуваат и роковите на стрип-фестивалите на кои што редовно учествувам (Велес, Белград…), И така, малку по малку и се изродува по некоја нова стрип-табла. Во последно време (има четири-пет години), на пример, во работата ја воведов компјутерска техника. Како и секој, така и јас кога се втурнувам во некој нов свет на непознати творечки можности и предизвици, сакам да сум со компјутерот. Сакам да изведам, да испилам како што се вели, нешто врвно, нешто квалитетно Волтдизниевско (ова намерно го велам вака, бомбасто и на овие мои години), со цел повеќе да ги заинтересираме и младите за стрипот.

Во стрип-творештвото сега засега немам некои големи планови, но имам во план редовно да создавам, па, ќе видиме што ќе биде.

Александар Стеванов

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here