Beatles, David Bowie, Joy Division, Pink Floyd, Rolling Stones, Queen, Led Zeppelin, Sex Pistols, Clash, Aphex Twin …, се само неколку што ни паднаа на памет од „неприкосновените“ музички имиња од неспорно „великата“ на овој план Велика Британија. А ново истражување открива перспективи во блиска иднина да следи нов бум од музички гиганти од „островото“.

Студијата „Звукот на следната генерација“ (The Sound of the Next Generation) што британската добротворна организација посветена на помагање на децата и младите да се занимаваат со музика, Youth Music, ја спровела заедно со Ipsos MORI (компанија за пазарни и општествени истражувања), покажала дека повеќе од две третини од младите луѓе во Велика Британија активно музицираат.

За целта биле анкетирани над 1000 деца (од Британија) на возраст од 7 до 17 години, во врска со нивните музички навики. Секако не е чудно што 97% од нив посветено слушале музика во неделата пред анкетата, но, дури 67% од нив биле ангажирани и во „некоја активност на правење музика“. Ова е голем раст од 39% во 2006 година, од кога датира претходното истражување на Youth Music.

Меѓу оние кои одговориле дека прават музика, пеењето било најчестата форма на музички израз, со 44%, наспроти 17% во 2006. Инструмент свират 30% од анкетираните деца, од кои во категоријата самоуки спаѓаат 39%, при што пијаното е најпопуларно со 44%, па следи гитарата. Единаесет отсто прават музика на компјутер, а нешто под 10% рапуваат или се занимаваат со диџеинг.

Интересно е што активностите како рапување, диџеинг, компонирање и дигитално правење музика се значително поголеми меѓу децата кои живеат во семејства со помали примања. Затоа извршниот директор на Youth Music, Matt Griffiths, во воведот на извештајот од истражувањето ги подвлекува некои од проблемите поврзани со можностите за правење музика од страна на младите луѓе.

„Додека имаме онлајн пристап до повеќе музика од кога и да е претходно, ние сѐ уште не можеме да си дозволиме да одиме на одреден фестивал, почесто да одиме на концерти, да правиме проби со бенд или да го купиме инструментот што одамна го посакуваме. И, кога сме кај училиштата, станува сѐ потешко во нивната програма да се добие потребното музичко образование, чија важност во многу случаи е деградирана“.

Оттука авторите на извештајот препорачуваат „јавните фондови за музичко образование да таргетираат меѓу оние кои се соочуваат со најголеми бариери во однос на пристапот (до она што им треба за да се занимаваат со музика)“ и оти „инволвираните во поддршката на развојот на младите луѓе треба да обрнат поголемо внимание на улогата што музиката може да ја одигра, и на тоа како страста на младите луѓе за слушање музика и нивните секојдневни креативни животи можат да се вклопат во пошироките стратегии за поддршка на доброто ментално здравје“.

Целиот извештај можете да го погледнете овде

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here