Кога денеска ги видовме впечатоците што одговорните во BBC за музички откритија ги запишале во тек на најраната кариера на David Bowie, и кога знаеме дека сведочевме и сведочиме на неговата генијалност, не можеме да донесеме поинаков заклучок оти кога некој е далеку пред времето, не можат (барем не „на прва“) да го препознаат ниту на адреси како авторитетниот британски јавен радиодифузен сервис.

„Oбична бит група“ со „чуден избор на материјал“, а „вокалистот што звучи аматерски пее погрешни ноти и излегува од интонација“, и затоа „тука нема ништо што може да се препорача“, се впечатоците на BBC од 1965 година за David Bowie и неговиот бенд, пренесува Guardian најавувајќи го документарецот што следната недела ќе има премиера на BBC Two (на каналот, пред две недели, Bowie беше прогласен за најголема икона на 20 век во категоријата забавувачи).

„David Bowie: Finding Fame“ е приказна за неуспесите и одбивањата што ѝ се случувале на иконата повеќе од една декада“, е изјава на режисерот Francis Whately, кој е веќе потпишан на два документарци за Bowie (со новиот ќе биде заокружена David Bowie трилогијата на Whately, „David Bowie: Five Years“, „David Bowie: The Last Five Years“, и сега „David Bowie: Finding Fame“).

Режисерот, кој е и продуцент, за филмот обезбедил снимки кои се сметале за загубени, претходно невидени фотографии и интервјуа со луѓе кои биле пријатели, соработници и љубовни партнери на Bowie, од времето пред да стане ова што го знаеме денес.

Bowie со „The Lower Third“ во 1966. Marquee Club, Лондон

Bowie имал девет различни бендови во период од над 11 години, меѓу кои е „The Lower Third“, со кој добил можност за аудиција во BBC каде тогаш снимил три нумери: „Out of Sight“ на James Brown, авторската на Bowie, „That’s a Promise“, и „Chim Chim Cher-ee“ од Mary Poppins.

Во одлуката на тимот на BBC за селекција на таленти, го пишува и следново:

„Не мислам дека групата ќе биде подобра после повеќе проби – резултатот секогаш ќе биде ова што го слушнавме“; „Третманот на „Chim Chim Cher-ee“ комплетно ја убил песната. Наместо да биде светла и безгрижна, таа станала тажна балада“; „Нема забава во ништо од тоа што го прават. Ова е само група, и тоа многу обична; исто така, имаат пејач кому недостасува индивидуалност“ (?!).

Во документарецот би требало да ја има и снимката од (пра)изведбата на „Starman“ што се мислело дека е избришана, а се работи за настап што се случил неколку недели пред Bowie како Ziggy Stardust да ја изведе „Starman“ на Top of the Pops (TOTP) во 1972 година, што се смета како настан – пресвртнa точка во музичката индустрија.

Снимката од споменатата праизведба, на британската телевизија ITV од шоуто „Lift Off With Ayshea“, Francis Whately ја прогласи за „свет грал“ за фановите на David Bowie, но потоа најави дека очекува да биде најдена уште повозбудлива снимка во контекстот, од проба за изведбата на „Starman“ во Haddon Hall, пространата викторијанска куќа во која Bowie и неговата екипа живееле во Бекенхем, Лондон, меѓу 1969 и 1972 година. Bowie изнајмил опрема „за да се се снима себеси, за да може да работи на своите движења за настапот во „Lift Off With Ayshea“, и ова е вистинскиот „свет грал“, е изјавата на Whately што ја пренесува Guardian. Во документарецот ќе може да се видат и претходно необјавени снимки од патувањето на Bowie низ Сибир во 1973 година.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here