Во светот на рекламата Super Bowl е најголемата сцена, и големите брендови запнуваат од петни жили за со највисока можна продукција да понудат ефектни/ефикасни креативни идеи или големи ѕвезди, или пак комбинација од двете, за што поголема исплатливост на инвестираните над 5 милиони долари за пола минута рекламно телевизиско време (Bloomberg објави дека за синоќешниот пренос од Атланта, CBS продавал 30 секунди за цена меѓу 5,1 и 5,3 милиони долари).

За нас, во овој дел на 53. финална пресметка во која шампиони на NLF (National Football League) станаа New England Patriots, имаше неочекувана ѕвезда, Andy Warhol, кого Burger King го стави во служба на своја кампања повеќе од три децении по неговата смрт. Рекламата од 45-секунди е „one shot“ во кој водечката фигура на поп-артот тивко јаде Whopper, бургер од понудата на Burger King. Спотот што завршува со хаштагот #EatLikeAndy, веднаш го постави прашањето дали видеото е автентично … или?

Одговорот е да. Клипот е сегмент од документарниот филм од 1982 година, од данскиот режисер Jørgen Leth, насловен „66 Scenes from America“, а кој содржи серија сцени што го доловуваат животот во САД. Warhol во филмот се појавува нудејќи како образец за американскиот начин на живот четири и пол минутен оброк во кој јаде Whopper. Овој клип, познат како „Andy Warhol јаде хамбургер“, е дел и од поставката на тековната ретроспективна изложба „Andy Warhol: From A to B and Back Again“, поставена во музејот Whitney (Whitney Museum of American Art) на Менхетн.

Според соопштението за јавноста на Burger King, со рекламата се целело да се разбие традиционалното во рекламниот блок на SuperBowl, и наместо експлозии, изнасилен хумор и ѕвезди, да се понуди речиси немо, но моќно уметничко дело.

Компанијата обезбедила дозвола од Фондацијата Andy Warhol, како и од претставници на режисерот (Jørgen Leth).

„Едно од нештата што беше уникатно во преговорите беше тоа што ние не сакавме да го смениме филмот на каков и да е начин што ќе го оддалечи од оригиналната намера“, изјавил за AdAge првиот човек на маркетингот на Burger King, Marcelo Pascoa.

На својот YouTube канал, Burger King го постави и целиот клип со Warhol од документарецот.

Пред кампањата #EatLikeAndy, Burger King пуштил мистериозен клип во кој маскотата на компанијата („Кралот на бургерите“) слика – е во својство на ликовен уметник. Со овој спот наречен „Art Takes Time“, заинтересираните биле повикани да се пријават ако сакаат да добијат извесна „mystery box“, заедно со порачка од Burger King. Како што објавува Artnet, оние кои ja порачале, во „мистериозната кутија“ добиле шише кечап, винтиџ хартија за завиткување на хамбургер, и „ворхоловска“ сребрена перика. Секако, пред синоќешната реклама со Warhol, се чуделе чуму периката.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here