Во 2016, родениот во Индија британски уметник Anish Kapoor, во најмала рака ги зачуди колегите кога си обезбеди ексклузивни права за користење на најцрниот од црните пигменти, познат како Vantablack. Материјалот е развиен од британската компанија Surrey NanoSystems, со воени цели на ум, и го држи рекордот за најтемна супстанција произведена од човекот.

Vantablack ефект

Потегот на Kapoor најсилна реакција предизвика кај британскиот уметник Stuart Semple, кој пигментите со кои работи си ги произведува веќе 20 години.

„Сега очигледно целата уметничка заедница мисли дека тоа беше крајно погрешен и гнил потег (на Kapoor)“, вели Semple во видеото за неговата неодамна лансирана Kickstarter кампања (таму можете да прочитате за пикантериите од битката Kapoor-Semple) за финансирање на креирањето црна боја што ја нарекува Black 3.0, а со која сака да ѝ парира на Vantablack. Black 3.0 е втора од „супер црните“ бои на Semple, а неговата Black 2.0 беше популарна меѓу уметниците кои ја порачуваа со години.

„Најцрната црна боја на светот! Black 3.0. Создадовме боја што апсорбира 98-99% од видливата светлина, и сакаме да ја поделиме оваа црна дупка во шише со сите уметници и креативци“, стои во ударното објаснување на Kickstarter кампањата.

Stuart Semple во односното видео објаснува дека Black 3.0 е толку напредна (хај-тек) боја, што „не можеме да ја произведеме во нашето мало ателје“ (уметникот со неговиот тим работи во ателје во Дорсет, Англија), па затоа му требаат средства за префрлање на производството во фабрика. За целта, поканети се заинтересираните да направат преднарачка на пакување/туба Black 3.0. Бараната сума од 32.394 долари беше тројно надмината само во првите неполни два дена од стартот на кампањата (во моментот на пишување на текстот собраната сума беше 209.548 долари, а кампањата трае до 22 март).

Како што беше наведено, Black 3.0 апсорбира импресивни 98-99% од видливата светлина, приближувајќи се до 99,96% на Vantablack. Кога се аплицирани, ваквите пигменти создаваат привид на црна дупка во форма на 3D објект, кој исчезнува ако е поставен пред соодветно црна позадина. Бета верзијата на Black 3.0 им била испратена на 1.000 уметници низ светот, заедно со прашалник, според чии одговори 93% од нив ја преферираат 3.0 во однос на претходната (2.0).

Black 3.0 е тестирана во споредба со 45 постоечки црни бои, а на сликата се покажани неколку покрај новиот производ на Stuart Semple

Stuart Semple наведува дека останатите „супер црни“ се комплицирани за употреба и екстремно скапи – бараат специјално загревање, научни лаборатории и соодветна обука за да бидат аплицирани. „А ние сакаме да направиме супер достапна, лесна за употреба боја, на која уметниците ќе нема потреба да се навикнуваат, туку ќе можат да се концентрираат на својот креативен израз“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here