Со Иван Луканов разговаравме непосредно по неговото враќање од Лозана, Швајцарија, каде на 3 февруари делегатите на Меѓународната воздухопловна федерација (FAI – Fédération aéronautique internationale) изгласаа Македонија одново да биде организатор на првенство од прва категорија – овој пат 23. Светско змејарско првенство (23rd FAI World Hang Gliding Class 1 Championship), кое во 2021 година ќе се одржи во Крушево.

И покрај добрата вест, како шега го сфативме неговиот коментар дека „кога се знае оти Македонија конкурира за организација, другите држави се откажуваат, сметајќи нѐ за изгледни победници“.

Но, Луканов уште повеќе нѐ изненади со примерот што го даде како потврда дека не се шегува, односно оти земјава последниве години има одлична репутација во светот на воздушните спортови, во FAI.

Имено, првенства од календарот на Меѓународната федерација требало да се одржат во 2018 во Шпанија, која потфрлила во подготовките и ѝ била одземена организацијата, а FAI за спасување на ситуацијата не ѝ се обратила на некоја од велесилите во спортот, туку токму на Македонија.

„Првенството требаше да биде откажано. Но, ни пристапија од светската организација, со прашање дали би сакале ние да организираме. Сме оставиле впечаток како организатори, и кај натпреварувачите и кај официјалните лица на FAI кои доаѓаат. Кога прифативме уште еднаш да поднесеме кандидатура (после успешната организација во 2016, н.з.) за да организираме во истиот формат – и европско и светско првенство, тоа беше на задоволство и на пилотите кои одново сакаа да дојдат во Крушево, и на Комисијата на FAI, CIVL (FAI Hang gliding and paragliding commission). А кога пилотите дојдоа во Крушево, уште првиот ден ни порачаа дека се надеваат оти ќе поднесеме кандидатура за организација на светското првенство и во 2021. Речиси од сите пилоти добивме ваков комплимент, и тоа од такви што се на врвот во спортот“, раскажа Луканов.

Пред почеток на трка на европско првенство во Крушево

Успешната приказна на организации на летачки првенства од највисок формат почнала во 2014 година, кога во Воздухопловната федерација на Македонија (каде Иван Луканов е член на Комисијата за параглајдерство и змејарство) почнале сериозно да размислуваат за можноста европско змејарско првенство да се одржи овде.

„Ги следевме случувањата на првенствата – европските, светските, но оддалеку – сето тоа ни беше далечно – не можеш да пристапиш до нив. Зашто за да одиш само на еден помал натпревар трошоците се најмалку колку една просечна македонска плата. А пак на европски и светски првенства чини навистина многу. Затоа решивме, кога веќе немаме доволно можности да одиме, првенствата да ги донесеме овде.“

Првиот обид да се организира голем натпревар во Македонија бил во 2016 година, а да се добие организацијата било прилично тешко, „зашто кога се појавивме на пленарната седница на светската организација, не нѐ знаеше никој, првпат доаѓавме од Македонија.“


Змеј над Пелагонија, Кривогаштани

„Змејарството не е спорт каде имаш 5-6 години најактивен период, како во фудбалот, на пример, и завршува натпреварувачката кариера. Искуството овде игра многу голема улога. Најдобрите во спортот неретко се во петтата деценија од животот. Зашто покрај спортскиот, физичкиот дел, се бараат многу големи познавања од аеродинамиката, од метереологијата. Со оглед на ова, создадена е една заедница во која луѓето добро се познаваат меѓу себе. А ние тогаш бевме тотално непознати за нив. На почеток со голема скепса ни ја дадоа организацијата. Но, во 2016 се покажавме, со Европското првенство во Класата 1, и Светското во Класата 5, кои заедно ги организиравме во ист термин и на исто место. После овие првенства, имаше коментар од претседателот на Комисијата за змејарство и параглајдерство на FAI, што официјално беше објавен на веб-страницата на организацијата, во вест со наслов: „Macedonia – Best competition ever?“. Со прашалник, за да се избегне дискриминација на другите, но јасна беше пораката.“

Следеле споменатите организации на првенствата во 2018, по потфрлањето на Шпанија: 20. Европско во Класа 1 и 8. Светско во Класа 5.

Најчесто во Крушево натпреварите на првенствата се во дисциплината „крос кантри“ (cross country) или, на македонски, прелети. Се работи за трки во кои се задава стартно време, точки низ кои пилотите мора да поминат во текот на рутата, и цел, при што победник е тој што најбрзо ќе помине сѐ што треба од стартот до целта. Трките во Крушево се долги од 120 до 160 километри – имало и од 200, со лет што трае меѓу 3 и 3 и пол часа, а една од погодностите на градот што ја ценат пилотите е и тоа што се во урбана средина, од која за неколку минути се стигнува до стартот, за разлика од други места – Луканов како пример го наведе Бразил – каде до стартот летачите морале да се возат час и половина. Репрезентативноста на првенствата што се одржуваат во Македонија е на највисоко ниво, „од првите 10 на светската ранг листа на FAI, во Крушево доаѓаат барем 15“, меѓу кои ланското лето допатувал полн тим од Австралија, со пилотот кој тогаш бил прв на ранг листата, Jonny Durand, официјален пилот на Red Bull.


Змеј над Пелагонија, Кривогаштани (2)

За заокружување на овој дел од разговорот, за Македонија како организатор на светски и европски првенства од календарот на FAI, Иван Луканов не заборави да го спомене и придонесот на Македонецот кој е потпретседател на Комисијата CIVL (на FAI), Горан Димишковски, „прилично ценет во светската организација“, кој истовремено е претседател и на Paragliding World Cup, моментално најголематa организација што ги опфаќа параглајдинг летачите. Како многу заслужен во контекстот, како коорганизатор на натпреварите на светско и европско ниво во Крушево, го спомена и претседателот на Воздухопловната федерација на Македонија, исто така змејарот, Владимир Бараковски.

За да бидеш добар летач мора да си одличен метереолог

„До пред три години исклучиво летав змејови, а сега параглајдер, за ќеиф“, вели Иван Луканов, кој првпат полетал во 1994 година. На прашањето зошто го избрал овој меѓу адреналинските спортови, ни одговори цитирајќи негов пријател, пилот: „Човекот отсекогаш сакал да лета, и денес кога има можност е многу глупаво да не леташ“.

„Отсекогаш летањето ми било желба. Таа е исконска. Од митолошкиот летач Икар натаму, може да се следи желбата на човекот за летање. Леонардо да Винчи имал идеја, знаел како, но немал можност да ја оствари, зашто не постоеле соодветни материјали. Тој прв ја разбрал механиката на летањето на птиците. Првите летови на Ото Лилиентал се продолжение на нацртите на да Винчи“, вели Луканов кој веќе не лета змејови, после една потешка повреда, со што ја отворивме темата за екстремноста на споротот, во смисла на безбедносните ризици.


Со параглајдер над Галичица, Охрид

„Мојата повреда беше моја лична грешка. Недостаток на концентрација, на внимание. Условите за летот не беа причина. На слетување направив грешка, што ако бев доволно внимателен лесно ќе ја избегнев. Концентрацијата мора да се одржува на 100% цело време во текот на летот, особено при полетувањето и слетувањето. Се случува да леташ со уште дваесет други пилоти околу тебе, дали со параглајдери, дали со змејови. Плус, тука има една друга димензија – во секојдневниот живот не размислуваш тродимензионално, за разлика од летањето. На улица не размислуваш дали имаш доволна висина за да стигнеш до одредена точка. Колку и какво место ќе ти треба за слетување. Кое место е погодно, дали ќе стигнеш дотаму. Сето тоа бара приличен умствен ангажман цело време. Треба да знаеш и да ги прочиташ временските услови, конфигурацијата на теренот, за да знаеш каде би можело да се формира термика за да можеш да добиеш висина. Кои облаци се активни, кои во распаѓање.“

Од разговорот заклучивме дека добриот пилот – змејар или параглајдерист, е и одличен метереолог. Луканов ни потврди.

„Има точки на формирање термика (топлински столб), кои треба да ги знаеш. Тоа се широки области на загревање на воздухот, кој кога е загреан се шири, со ширењето му се намалува притисокот, станува полесен, и почнува да се движи нагоре, но не се крева целиот. Има места, тие се „тригер поинтс“ (точки на активирање), каде се создава интензивно движење на воздухот кон горе. Обично на тие места каде што завршува термиката се формираат кумулуси. Тоа е еден показател каде може да се најде. Друг е, ако е рамно местото, а има некое ритче што е поистакнато, обично тоа е тригер поинт. А може тригер поинт да биде, ако сѐ е рамно, и некој трактор што работи и иницира термика. Сите овие работи треба да ги процесираш во тек на летањето.“

Метереологијата е првото што се учи кога почнуваш со летање, зашто јасно е дека истата не е само во функција на летачките перформанси, туку од неа клучно зависи безбедноста. Факторите што се во надлежност на науката за атмосферските појави се уште една од предностите на Крушево како домаќин на светски и европски змејарски и параглајдерски првенства.

„Се има случено во Италија од 14 натпреварувачки денови, само два да се лета, кога изненадуваат временските услови. За разлика од кај нас – покрај останатото и затоа пилотите го сакаат Крушево – стабилно е времето, предвидливо. Ние имаме првенства со 80-90% денови во кои се лета, односно од десет натпреварувачки денови, осум или девет условите се добри.“

На старт во Медуно, Италија

Брзините кои се постигнуваат при летање со змеј се движат и до 120 километри на час.

„Овде зборуваме за воздушна брзина, која во однос на земјата не е секогаш иста. Ако се движиш со грбен ветар може и да е поголема – ако одиш во челен ветер се намалува. Змејовите ги тестираат, за да може да се сертифицираат, на брзина од 80 километри на час. Тоа е значи некоја брзина за која тестот гарантира дека змејот ќе ја издржи без никаков проблем. Но, најчесто натпреварувачите се и конструктори кои работат во фирми што произведуваат, и тие ги „тримуваат“, па може да се постигне брзина и од 100, а некогаш и од 120 километри на час.“

Висината до која може да се оди во тек на летот во Македонија се договара со Агенцијата за цивилно воздухопловство и со македонската навигација (М-НАВ), која врз база на документ NOTAM (a notice to airmen), ги информира другите воздухоплови дека се одржува летачки настан. Кај нас натпреварите одат од три до четири илјади метри надморска висина.

Иван Луканов на крајот ја спомена општата констатација дека спортот кај нас (воопшто, не само змејарството и параглајдерството) не само што стагнира, туку и опаѓа, но наведе дека е охрабрувачки тоа што откако ја обновиле организацијата на лигата во параглајдерство, веднаш се појавиле „нови деца, кои почнале да летаат пред само 2-3 години, а веќе сакаат да се натпреваруваат“.

„Сериозно инвестираат и во опрема. Има неколку параглајдеристи, млади деца, кои навистина имаат потенцијал да бидат успешни натпреварувачи од Македонија.“

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here