Организацискиот комитет на Олимписките и Параолимписките игри што ќе се одржат во Токио во 2020 година објави дека очекува да ги оствари целите зацртани со планот медалите за олимпијците да бидат направени од искористена електроника.

„Имаме голема поддршка од јавноста и од компаниите во Јапонија, како и од националните и меѓународните спортисти“, објавија организаторите, заедно со информацијата дека досега собрале 47.488 тони електронски отпад.

Тука спаѓаат повеќе од пет милиони искористени телефони што граѓаните за потребите на кампањата ги оставаат во салоните на најголемиот оператор за мобилна телефонија во Јапонија, NTT Docomo, а места за собирање на ислужена електроника има и во пошти и во други јавни објекти. Таргетот да се соберат 2,700 килограми бронза бил остварен во јуни, додека 93,7% од потребните 30,3 кг злато, и 85,4% од 4,100 кг сребро, се обезбедени во октомври. Изгледно е дека ќе се стигне до 100% и од овие материјали, од „урбаниот рудник“ за скапоцени метали, до завршувањето на кампањата на 31 март.

Во заднината на кампањата е надежта дека ќе се зголеми свесноста за ризиците поврзани со електронскиот отпад, додека Јапонија бара посеопфатен систем за собирање на искористената електроника. Во Јапонија годишно се создава околу 650.000 тони електронски отпад, а главно за производство на нова електроника се собираат/искористуваат помалку од 100.000 тони. Кога ова е вака во Јапонија, можеме да замислиме колку е полоша ситуацијата во други земји. Многу јапонски општини не успеваат да ги исполнат таргетите за собран е-отпад зададени од тамошното министерство за животна средина, и надежта е дека кампањата со олимписките медали ќе придонесе за рециклирање на поголем дел од отфрлената електроника.

Електронскиот отпад стана една од главните причини за загриженост на организациите за заштита на животната средина, а и Обединетите нации предупредија дека е „еден од светски најбрзо растечките отпадни трендови“. Во извештај на ОН од 2013 беше проценето дека глобалното количество на електронски отпад ќе порасне за 33% во 2017, зголемувајќи ја можноста за загадување на природата со отровни материјали како олово, жива, кадмиум.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here