Со франшизата „Cloverfield“, J.J. Abrams, чии фанови сме особено поради „Lost“, покажа дека на неговиот „њух“ за вложување во „мали“ филмски проекти треба да му се верува. „Overlord“ (2018), филмот режиран од непознатиот Julius Avery, а продуциран од J.J. Abrams преку неговата Bad Robot Productions, е уште една потврда.

Се работи за воен хорор со историска основа во околностите на сојузничката инвазија на Нормандија во Втората светска војна, а во кој Avery исклучително вешто го раскажал едноставното, добро сценарио (на Billy Ray и Mark L. Smith), дозирајќи „тајните“ на предвидливата приказна да се откриваат така што ќе приредат и моменти на изненадување, во напнатиот, интензивен филм од почеток до крај, што, јасно, се одгледува во еден здив.

Имено, часови пред да почне Денот Д или Операцијата „Оверлорд“ во 1944 година, американска падобранска единица е испратена да изведе тајна мисија без која инвазијата на Нормандија не би успеала. Единствената цел на мисијата е да се уништи радио-комуникациска кула на територија под контрола на нацистичка Германија.

Во првата, исклучително атрактивно снимена сцена, режисерот покажува дека се работи за 99% невозможна мисија, откако од погодениот американски авион, падобранскиот скок, односно слетувањето на земја, го преживуваат само неколку војници, меѓу кои и на прв поглед најнекорисниот Boyce (Jovan Adepo), кој не можел да убие ниту стаорец што ја „унередувал“ нивната касарна …

Boyce со серумот од „древен“ катран

Но, се покажува дека со врелиот (хорор) дочек што им го приредуваат, нацистите кријат/штитат нешто многу поважно од радио кулата, а имено лабораторија (сместена во црква под радио кулата) во која се изведуваат експерименти со серум развиен врз база на „древен“ катран (што го има само во земјата под црквата), а чија цел е создавање на хитлеровиот натчовек, Übermensch.

Тоа што во случајов натчовекот, биолошки супериорниот Ариевец кој треба ултимативно да победи во војната и да владее со инфериорните раси, е всушност зомби – со експериментите се оживуваат и мртовци кои добиваат натчовечка сила и се речиси неранливи; неспорно е коментар/став на авторите на филмот, а дека е така потврдува и изборот споменатиот војник Boyce, кој се покажува клучен за успехот на мисијата, да биде афроамериканец (соодветно, меѓу само неколкуте американски војници што успеваат да ги уништат нацистичките планови за надлуѓе-војници-зомбија, има и Евреин).

Chloe, локална поддршка

Топло го препорачуваме „Overlord“, при што треба да се знае дека во филмот сцените се брутални колку што бараат блиските средби со зомбијата, и тоа не обични, туку наци, па, и американските војници, и покрај големината на нивниот триумф, одлучуваат истиот да не го споделат со нивната команда, за да ја поштедат од ужаснување … и затоа случајот го нема во историјата : )

Целата актерска екипа на филмот е на нивото на задачата, а ќе го издвоиме перформансот на Pilou Asbæk (Euron Greyjoy од „Game of Thrones“), кој го игра протагонистот од нацистичката страна, СС офицерот Wafner.

Протагонистот од темната страна, СС офицерот Wafner

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here