„Salvator Mundi“ (Спасителот на светот) на Леонардо да Винчи во 2017 година на аукција на Christie’s стана најскапо продадена слика кога и да е, со цена од 450 милиони долари. Ја купи саудиски принц во името на Канцеларијата за култура и туризам на Абу Даби. Две недели пред најавеното изложување на сликата во музејот Louvre Abu Dhabi, што требаше да се случи на 18 септември 2018, споменатата Канцеларија на Twitter објави дека тоа ќе биде одложено на неодредено време, без објаснување. Оттогаш се појавија и шпекулациите дека најскапо продадената слика на светот исчезнала.

А сега, британскиот уметник Simon Fujiwara има проект со кој повикува јавноста да ги истражи последиците од феноменот – масовниот, популистички интерес за делото поврзан со неговата рекордна цена и понатамошна судбина, а предизвикан од медиумската фама.

Salvator Mundi

Fujiwara, заедно со неговиот сонародник, архитектот David Kohn, креирал минијатурен музеј посветен на „Salvator Mundi“, во кој посетителите можат да влезат само еден по еден.

„Salvator Mundi Experience“ модел-музејот, е еден од десетте експериментални мултимедијални проекти на изложбата „Is This Tomorrow?“, отворена денеска во лондонската Whitechapel галерија, што нуди „шпекулативни визии за иднината“.

Целта на проектот на Fujiwara и Kohn, што содржи намалени репродукции на „Спасителот на светот“ од да Винчи, е да се соголи сликата до она што е, надвор од сите контроверзи, од фамата, од мистиката поврзани со неа.

„Најиритантниот дел од целата приказна е хистеријата околу продажбата и следните настани поврзани со „Salvator Mundi“, што беше резултат на осмислена маркетинг стратегија за да се создаде хистерија. Се работеше за приказна од голем јавен интерес, дизајнирана да привлече максимално внимание, но во суштина беше тотално празна. Овој проект (мини музејот) бара на ваквите феномени да гледаме сериозно – навистина да ги согледаме на едно филозофско ниво“, изјавил Fujiwara за Art Newspaper.

На минијатурно ниво, како што вели, односот на гледачот кон сликата и со неа поврзаната приказна значајно се менува: „Она што прво беше приказна за „големи фаци“ и глобална политика, станува мало и под контрола на поединецот (посетител на минијатурниот музеј)“.

Fujiwara со проектот ги опфаќа и параметрите на изложбата „Is This Tomorrow?“, објаснувајќи дека покрај приказната за делото на да Винчи, го рефлектира и генералното менување на музејските искуства, кои стануваат посеопфатни, поинтерактивни, попопуларни.

Simon Fujiwara (1982), кој самиот студирал архитектура на Кембриџ, работи на полето на перформансот, сликарството, скулптурата, видеото, инсталацијата. Во неговите дела луѓето, предметите, технологијата, се алатки што ги употребува за да го портретира 21 век.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here