Данскиот уметник Kristian von Hornsleth купува бездомни луѓе, кои спијат на отворено на улиците низ Лондон, и ги продава како уметнички дела на приватни колекционери. Ова е неговиот нов контроверзен проект, „Hornsleth Homeless Tracker project“, почнат во 2017, а уметничкиот материјал настанат во рамките ќе биде изложен во родната му Данска подоцна годинава.

„Секој бездомник е опремен со уред за следење, што овозможува неговиот сопственик да го следи 24/7 преку приватна апликација, ефективно претворајќи го (бездомникот) во Pokémon Go од вистинскиот живот или во човек-Tamagotchi (тамагочи – дигиталниот миленик што беше популарен во деведесеттите). Сопствениците ќе добијат златен портрет на нивните бездомници“, стои на веб-сајтот на проектот.

Во однос на споменатите портрети, von Hornsleth фотографирал десетмина од учесниците/бездомниците во проектот, создавајќи ја колекцијата „The Gold Homeless“ (портрети испечатени на златна плоча), со цена од 10.000 фунти по парче.

„Општеството те оставило сам. Не прават ништо за тебе …“, може да се чуе како ги мотивира уметникот бездомниците во иницијалното видео од проектот, за да го добие изразот на нивните лица што сака да го прикаже на златните портрети.

На сајтот на „The Hornsleth Homeless Tracker“ (HHT) може да се прочита дека со проектот свесно се кршат етичките граници, а истиот ги фузира проблемите на бездомништвото, инвазијата на приватноста, нееднаквоста и „риалити“ телевизијата, со културната декаденција на денешницата и интерактивната концептуална уметност.

HHT цинично ги слави апсурдноста, нееднаквоста, површноста и декаденцијата на современата култура … Уметноста го разоткрива општеството; јавноста може да покаже вистинско сочувство, или да докаже дека само сака да гледа, наместо да преземе нешто. Или можеби се покажува дека на некои луѓе сѐ што им треба е Tramp-agotchi.“

Меѓу изворите на инспирација за проектот, Данецот ги набројува The Kardashians, Pokémon Go, брендирањето, NSA (National Security Agency).

Договорот со учесниците/бездомници е сите приходи да се поделат 50:50 (со уметникот), откако ќе бидат одбиени трошоците. Два од „The Gold Homeless“ портретите се веќе купени, а двајцата портретирани што успеале да се „продадат“, сега живеат во стан и се на третман за лекување зависност, додека повеќето се сѐ уште на улица. Бездомниците од проектот одлучиле да ја поделат вкупната евентуална заработка подеднакво меѓусебе, наместо да заработат од нивната индивидуална продажба. Дански колекционер, кој купил едно од делата од серијата „The Gold Homeless“, вели дека со тоа само сакал да помогне, и не го користел тракерот, ниту го земал златниот портрет.

Секако, проектот предизвикува критики, како таа од лондонска добротворна организација што им помага на бездомните луѓе, која го обвинува von Hornsleth дека ги продава „ранливите бездомници како стока за широка потрошувачка на некоја непозната личност“.

Kristian von Hornsleth, претходно, во 2006 година, реализираше уште еден контроверзен проект, „The Hornsleth Village Project“, во кој натера стотици сиромашни жители на Уганда, официјално да ги сменат имињата на селата во кои живеат – да се викаат по него – Hornsleth, во замена за добиток.

Со овој проект, целта на данскиот уметник била „манично славење на сите зла на маркетингот, на адвертајзингот, на брендирањето и на западната политика за финансиска помош“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here