Знаевме дека е играчка произведена од целосно природни материјали, 100% биоразградлива и толку безопасна што нема проблем и ако детето ја изеде. PlayMais нѐ привлече со разнобојниот мега-смоки изглед, а на допир ни остави таков впечаток што моравме да ја набавиме (во книготеката Икона), за да видиме како ќе се покаже како материјал преку кој ќе се изразат уметници, во случајов младите Ева Петковска и Мишо Стојановски, кои веќе ги претставивме на patem.mk.

Тие имаа целосна слобода да одлучат што ќе „извајаат“, инспирирани од карактеристиките на материјалот и од моменталното расположение. И го добивме Сунѓерот Боб со квадратни панталони, меѓу другото и поради тоа што Ева и Мишо сакале да му оддадат почит на креаторот на извонредната цртана серија, неодамна починатиот морски биолог и аниматор, Стивен Хиленбург. Искуството од играњето со PlayMais тие ни го сумираа како интуитивно, инспиративно и забавно, а на увид ни го дадоа и приложеново видео:

PlayMais се направени од пченка/пченкарно брашно, малку вода и прехранбени бои.

Овие „смоки“ може да се обликуваат со сецкање, гмечење и лепење една за друга, при што можат да се сложат во креации ограничени само од вашата имагинација, уметнички талент/вештина, и време/внимание кои сте подготвени да ги одвоите. Јасно е дека играњето со PlayMais ја поттикнува креативноста кај децата и ја подобрува фината моторика.

За да се поврзе едно парче со друго, точките на контакт треба само да се навлажнат со малку вода (од производителот препорачуваат да се допрат до влажна крпа), а „смоките“ може да се аплицираат и на хартија, картон, стакло и други материјали, за изработка на дводимензионални дела.

Германската компанија, наспроти глобалните трендови, го развива и произведува PlayMais дома, во Германија, што е реткост ако се погледне што стои после „made in“ на играчките на пазарот.

Компанијата за производство користи органска пченка, а целиот органски материјал што нема да се употреби за PlayMais, станува гориво за биогасната централа од која производителот добива струја. Остатоците, пак, и од биогасната централа се користат, како ѓубриво за полињата, односно за пченката за следната сезона, со што еко-циклусот се рестартира.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here