На изјавата на Стивен Спилберг, дадена на деновиве одржаната церемонија за доделување на наградите на Cinema Audio Society (CAS), дека се залага за кино-базирано филмско искуство, „цврсто верувајќи дека кината треба да останат засекогаш“, не може да ѝ се приговори. Примајќи ја својата награда Спилберг рече: „Се надевам сите ние продолжуваме да веруваме дека најголемиот придонес што можеме да го дадеме како филмаџии е да ѝ овозможиме на публиката филмско кино искуство“.

И, како што кажавме, нема ништо спорно во тоа што режисерот кој го направија славен големи холивудски блокбастери се застапува за филмовите правени за да ја „нападнат“ публиката од голем, кино екран, но неговите изјави во контекстот се сфаќаат и како напад врз стриминг платформите како Netflix. Особено зашто доаѓаат во специфично време за индустријата, додека споменатите платформи сѐ поуспешно ги предизвикуваат големите филмски студија во однос на привлекувањето публика и добивањето официјални признанија. Првата трка на Netflix за Оскар за најдобар филм, со оригиналниот филм на платформата, Roma (на Alfonso Cuarón), ја засили дебата дали треба да има иста тежина филм реализиран за стриминг платформа, како оној создаден за прикажување во кино.

Спилберг е меѓу оние кои мислат дека филмовите на стриминг сервисите автоматски не се квалификувани за учество на големи филмски настани/награди, како оскарите.

„Штом филмот е направен за телевизиски формат, тоа е телевизиски филм“, изјави лани Спилберг во интервју за ITV News, додавајќи дека таквиот филм „ако е добар, заслужува Еми, но не и Оскар“:

„Не верувам дека филмовите на кои им е дадена симболична квалификација со прикажување во неколку кино сали за помалку од една недела треба да се квалификуваат за наградите на Академијата за филмски уметности и науки.“

Режисерот на доделувањето на CAS наградите повтори дека колку и да е висок квалитетот на продукцијата на стриминг платформите, и без разлика на квалитетот на опремата/домашното кино со која располага публиката, „ништо не може да го замени одењето во големата затемнета кино сала, со луѓе кои никогаш претходно не сте ги сретнале, за да го доживеете тоа вистинско, длабоко искуство.“

Со ова секој ќе се сложи, но, во 2013, пак, Спилберг стравуваше дека „цел куп навистина интересни, длабоко лични, и дури можеби историски проекти, можат да останат незабележани“ во денешен Холивуд, слепо фокусиран на „големи“ филмови од кои се очекува голема заработка. Режисерот предвиде „имплозија во која три, четири или можеби дури и половина од тие десетици филмови со мега-буџети ќе треснат на земја“.

Значи додека Спилберг е загрижен за иднината на киното, а знае дека неретко „малите“ филмови се тие што со право може да се наречат (седма) уметност, тој се чини дека приговара на признавањето што треба да го добијат алтернативните канали што го овозможуваат создавањето и промоцијата на „малите“ филмови.

Во прилог, а во споменатото интервју за ITV, тој вели дека „многу од филмските студија попрво ќе направат брендирани, tent-pole филмови (чија намена е да ги подобрат финансиските перформанси на филмското студио, односно продажбата на со филмот поврзаните брендирани производи), гарантирани погодоци во однос на кино благајните, отколку да се опробаат со помали филмови. Овие помали филмови што студијата ги правеа редовно, сега одат на Amazon, Hulu и Netflix“. Овде е пригодно да додадеме дека спилберговото бранење на кино филмовите од успесите на остварувањата на стриминг платформите е тотално непотребно, зашто не веруваме дека има некој кој загубил желба да оди во кино зашто гледа филмови, ексклузиви на стриминг платформите.

Заклучокот е дека Спилберг признава оти „ТВ филмовите (ги подразбира продуцираните од стриминг сервисите) вклучуваат некои од најдобрите остварувања во индустријата во моментов“, но и покрај тоа се чини дека големиот режисер ја става презентацијата (местото на прикажување на филмот), пред содржината.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here