Во Франција се отвори можност фановите на Star Wars повеќе од кога и да е да си ги остварат фантазиите. Тамошната Федерација за мечување (Fédération française d’escrime – FFE) официјално ги призна дуелите со лајтсејбери како натпреварувачки спорт, односно, лајтсејберите добија ист статус како флоретот, мечот и сабјата, оружјата со кои традиционално се натпреваруваат мечувалците на олимписките игри. Лајтсејбер (ightsaber) е оружјето на џедаите, ситовите и останатите „форс“-сензитивни жители на Star Wars универзумот, кое има сечиво од плазма, напојувано од посебниот, „кајбер“ кристал.

„Имајќи ги предвид денешните млади луѓе, ова е вистинско прашање на јавното здравје. Тие не се занимаваат со ниту еден спорт, а вежбаат само со палците“, е објаснувачката за потегот изјава на генералниот секретар на FFE, Serge Aubailly.

„Затоа се обидуваме да ја создадеме оваа врска меѓу нашата дисциплина и модерните технологии, за на младите спортувањето да им дојде природно.“

Порано, ако Зоро, Робин Худ и Тројцата мускетари привлекувале нови деца за спортот, тоа се сега Лук Скајвокер, Оби-Ван Кеноби и Дарт Вејдер.

„Филмовите со мечување секогаш имале големо влијание на нашата Федерација и на нејзиното растење. Филмовите со лајтсејбери го имаат истото влијание – ги привлекуваат младите да го пробаат мечувањето“, вели Aubailly.

Градејќи го спортот од почетокот, Французите создале натпреварувачки правила што ќе ја направат новата мечувалска дисциплина компетитивна и атрактивна за гледање.

„Сакаме визуелно да изгледа како во филмовите, зашто тоа е тоа што луѓето го очекуваат“, вели организаторот на националниот лајтсејбер турнир, Michel Ortiz.

А правилата се: натпреварувачите се борат во означен круг; ударите во главата и во телото на противникот се бодуваат со пет поени; во рацете и во нозете со три; во дланките со еден. Првиот кој ќе стигне до 15 поени е победник, а ако мечувалците не можат брзо да дојдат до ваков резултат, борецот со повеќе поени по одмечувани три минути ја носи победата. Ако, пак, двајцата стигнат до 10 поени, влегуваат во фазата „брза смрт“, во која првиот кој ќе ја погоди главата или телото на противникот е победник.

Очекувањата се дека лајтсејбер мечувањето нема да ја добие доволно брзо потребната масовност за да се најде на Олимпијадата во Париз во 2024 година, но може да се покаже дека заинтересирани да станат мајстори во мечување со иконичното оружје на Star Wars ќе има повеќе од претпоставуваното, па, сѐ може да се очекува …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here