Yorgos Lanthimos, и покрај својата, ќе ја наречеме необична филмска поетика, и претходно добиваше номинации за Оскар. Со „Dogtooth“ (2009) за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, со „The Lobster“ (2015) за оригинално сценарио. Но, неговиот нов филм, „The Favourite“ (Миленичката), толку и омиле на американската Академија за филмски уметности и науки, што в недела, 24 февруари, на 91. Оскари, ќе се натпреварува за победа со дури десет номинации. Стравувавме, пред да го одгледаме филмот, дека грчкиот режисер што нам ни е омилен поради неговата оригиналност, доследност, неспорен талент што се докажа како мајсторство посветено на создавањето филмови по свој вкус – без интерес за освојување широка публика; морало да направи компромис штом го снимил најфаворизираниот филм (заедно со „Roma“ на Alfonso Cuarón, според бројот на номинациите) од страна на Академијата.

Но, Lanthimos и во „The Favourite“ останал 100-осто тоа што е, и иако применил нов рецепт (го нема, на пример, вообичаениот неприроден здрвено-монотон говор на ликовите), одново го испорачал автентичниот вкус што долго ни останува „во устата“ по неговите филмови.

Се работи за историска драма, сместена во раниот 18 век на дворот на Ана (Olivia Colman), кралицата на Велика Британија. Депресивната кралица што е на раб на самоубиство, измачувана од повеќе хронични болести, а најмногу од загубата на сите (дури) 17 свои деца (пометнати, мртво родени, прерано починати), дефинитивно не била во состојба да се посвети колку што треба на државничките работи (во услови и на војна со Франција). А имала очајна нужда некој да ѝ ги разбере и задоволи емотивните потреби; кој во неа нема да гледа само кралица. Тука на историската и, во случајов, на филмската сцена, стапуваат главните носители на дејствието – соперничките за миленичка на кралицата – Сара Черчил (Rachel Weisz), војвотката од Малборо, и Абигејл Месам (Emma Stone). Lanthimos преку овие два лика маестрално покажал дека и кај нездравите амбиции може (и треба) да се разликува имање и немање „усул“.

Сара, во споменатата ситуација на кралицата, е највлијателната личност на дворот. Таа е реалниот владетел, од позиција што ја добила како пријателка од детството на Ана, а подоцна и нејзина љубовна партнерка. Остварувањето на своите амбиции – за лична моќ и за кариерата на нејзиниот сопруг, војводата од Малборо, го плаќа со тоа што наместо да ужива како другите дами на дворот, најголем дел од своето време го троши занимавајќи се (по барање на кралицата) со високата државна политика (иако ја тера „водата на својата воденица“, се труди тоа да не биде на штета на Круната), постојано внимавајќи и во дневните политички соперништва на дворот да не дојде до опасно (за неа и за државата) превривање.

Оваа размена/пазар со кралицата, Сара го прави искрено, во манирот на типичните интриги за кралските дворови, така што Ана знае на што е со војвотката од Малборо. За да нема дилема, Lanthimos јасна илустрација на овој искрен однос дава уште во првата сцена, кога Сара го одбива барањето на Ана да ги поздрави 17-те зајаци (кралицата има по едно зајаче за секое од загубените деца):

„Те сакам. Но, нема да го направам тоа“, одговара Сара на молбата на кралицата да ги поздрави зајаците (и да ја поддржи болната опсесија на монархот), јасно ставајќи до знаење дека нејзината „љубов има граници“.

Но, граници, никакви, нема во амбициите на Абигејл, која доаѓа на дворот за како од своја сродничка, да бара вдомување од Сара, на некое работно место во Кензингтонската палата. Едно од нејзините креда е дека „постојаниот морал е нонсенс поради кој би страдала секојдневно“. И ако нездравоста на амбицијата на Сара е типична за кралските дворови, онаа на Абигејл е карактеристична особено за нашиве транзициско-пост-транзициски простори. Абигејл, во согласност со нејзиното споменато кредо, ги смета за глупави сите дворјани кои „не ги гледаат“ можностите да стигнат до клучно влијание кај кралицата. Нивното достоинство и критериуми (што колку и да се лабави, кај сите други двојрани сепак постојат како некакви морални граници) Абигејл ги смета за глупавост. Сара предоцна сфаќа дека нејзината штитеничка додека изгледала бескрајно благодарна за дадената шанса, само ја искористувала како скалило за да се пикне во спалната на кралицата, позицијата од која и ќе ја отруе војвотката, а подоцна (зашто Сара сепак ќе преживее) ќе издејствува и нејзино протерување.

На фонот на оваа смртоносна женска битка, Lanthimos дава и еден феминистички поттекст – судбините на сите мажи во филмот, вклучително и на војводата од Малборо кој е на фронтот како предводник на англиската војска во војната со Франција, целосно зависат од стихијата на судирот Сара-Абигејл, а за ова да се илустрира исклучително податлив е историскиот период во кој жените изгледале многу поприродно од пренакитените, напудредни мажи со перики во стилот на Луј XIV. На ова конто совршено легнува еден типичен (бизарен) лантимовски момент (од повеќето во филмот, при што сите се во функција), што кога се случува кулминацијата на битката – кога Абигејл ќе ја отруе Сара, што е потег од кој ќе произлезе целосен пресврт на внатрешната и надворешната политика на кралството, режисерот ни покажува како се забавуваат мажите на дворот – а имено, гаѓајќи гол двојранин со портокали – човекот не го мачат – тој се смее заедно со другите учесници во играта – единствено се труди со рацете да си ги заштити гениталиите (со сето метафорично значење што последново го има).

Што се однесува до уметничко-техничките елементи на филмската продукција, „The Favourite“ и тука е вистински фаворит – извонредно е напишан од Deborah Davis и Tony McNamara; дијалозите се совршени (новина е и што Lanthimos првпат на сценарио не соработува со Efthymis Filippou); атрактивно е снимен и со наменска употреба на широкоаголен објектив – комплименти и за директорот на фотографија, Robbie Ryan; за костимите на Sandy Powell, кои компетентниот куратор на Кензингтонската палата, Matthew Storey, ги нарече „одличен пример за филмски пристап кон историјата“, со „еден многу модерен поглед на модата од 18 век“ …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here