Првпат уапсен на 15-годишна возраст, во полициска рација во неговиот дом во Неапол, додека се обидувал да се ослободи од два пиштоли, Emanuele Sibillo следните години повеќепати влегувал и излегувал од затвор каде стекнал репутација на момче кое знае да си обезбеди почит, а кое и доста чита.

Станувајќи полнолетен во 2013, станал и симбол на бунтот против старите Камора кланови (Camorra) на неаполската мафија, но две години подоцна, ова „дете“ кум на форчелскиот (Forcella) Камора клан, е убиено од членови на ривалска банда.

Сега е предмет на култ со широко распространети портрети на социјалните мрежи, видеа на YouTube, маици и фризури со избричено „E.S.17“ на тилот.

Emanuele Sibillo, убиен во 2015, е симбол на „paranza“ – Камора клановите водени од млади криминалци

Услови за овој феномен на „бејби“ мафијашки босови во Неапол почнале да се создаваат во раните двеилјадити, од кога италијанските власти уапсиле стотици Камора челници, па со старите мафијаши зад решетки или убиени, деца и млади како Sibillo почнале да ги заземаат нивните места.

Со овој феномен се занимава и италијанскиот писател кој се прослави пишувајќи за Камора, Roberto Saviano (по неговиот бестселер „Gomorra“ Matteo Garrone го сними извонредниот истоимен филм во 2008, а Saviano е креатор и на одличната ТВ-серија со исто име од 2014 година, која имаше три сезони, а четвртата излегува на 29 март годинава), во својата новела од 2016, „La paranza dei bambini“. Стекнатата слава на сметка на Камора, Saviano ја плаќа со тоа што живее и работи под строга полициска заштита поради постојани закани од мафијата.

Paranza (од насловот на споменатата новела) се преведува како мало рибарско бротче, но во Камора жаргонот значи криминална група водена од млад лидер, односно од „ситна риба“. Saviano овие деца, кои веќе на 15-16 годишна возраст носат пиштоли, ги нарекува пирани, како што е и името на новиот филм, „Piranhas“ (снимен по новелата „La Paranza dei Bambini“) во режија на Claudio Giovannesi, што со нетрпение чекаме да го одгледаме, а кој освои Сребрена мечка за најдобро сценарио на неодамна одржаното Берлинале (7-17 февруари).

„Криминалот (во одредени населби на Неапол) станува единствен начин да направиш нешто, единствен начин да дојдеш до пари, до моќ, до почит. Не се работи за тоа дека (овие деца) се нетрпеливи да го дочекаат нивниот момент. Овие момчиња знаат дека ако не преземат нешто веднаш, нивниот момент никогаш нема да дојде“, се зборови на Saviano.

За жал, како што вели тој, „криминалните организации се чини се единствени кои приметуваат дека постојат овие деца, и ги регрутираат“.

И ако постарите челници на мафијата се труделе да оперираат што подалеку од очите на јавноста, во согласност со кодот на молчење – omertà, денешните млади криминалци своите „подвизи“ ги објавуваат на социјалните мрежи. Карактеристично е што по углед на Emanuele Sibillo носат бради во хипстерски или ИСИС стил (како сакате), креваат „џева“ тркајќи се низ Неапол на скутери, и секако, пукаат …

Во 2014 стрелале во човек само зашто им побарал цигара, а Индиец добил куршум во гради во 2013 зашто две момчиња мафијаши си ги испробувале пиштолите. Минатото лето, апелацискиот суд во Неапол осуди 42 члена на два „paranza“ клана на вкупна казна од 500 години затвор.

Според Saviano, масовноста на децата и младинците во Камора клановите е производ на лоши социјални политики и на потфрлањето на државните институции, вклучувајќи ги и училиштата. А главниот неаполски обвинител, Giovanni Melillo, се надоврзува велејќи дека бандите ја искористуваат ситуацијата за да регрутираат млади луѓе врз база на сколоноста кон насилство.

„Ним им го даваат бизнисот со дилање дрога и рекетирање, што е загрижувачки феномен, но маргинален ако се спореди со традиционалните операции на клановите што се инфилтрираат во јавната администрација и на финансиските пазари“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here