Римскиот император Нерон е познат како исклучително свиреп – го наредил дури и убиството на мајка му, а врвот на неговиот терор бил достигнат со големиот пожар во Рим (64 година), за чие подметнување јавното мислење го обвинило императорот, а тој христијаните, по што почналe крвавите прогони на истите.

За повеќето од нас ова е историја, и помалку-повеќе нѐ интересира како таква, но за шпанскиот уметник Césares de Roma е животна опсесија, поради која, како што вели, одлучил да не запре на границите на имагинацијата, на замислувањето на настаните, и особено на ликовите како Нерон со неограничена моќ, кои од чист каприц можеле да нарачаат сечие убиство; туку да ги донесе денеска, колку што може пореално; да овозможи нивно доживување „како да се пред тебе“.

Césares de Roma деновиве го привлече вниманието на интернет јавноста со хиперреалната скулптура на Нерон, во реална големина, изработена од силикон, со вметната и природна коса. За верна реконструкција на ликот на императорот, de Roma темелно ги проучил неговите постоечки бисти, релјефи, нумизматички прикази и извори во класичната литература, како римскиот историчар Светониј. Резултатот е токму таков како што може да се очекува врз база на биографијата на Нерон – од скулптурата на de Roma лесно може да се замисли дека нѐ гледа модерна верзија на тиранот кој умрел пред речиси 2000 години, а кој денеска, фрустрациите од „демократските“ ограничувања на самоволието, ги лекува жестоко „тролувајќи“ на интернет.

Во приложеното видео можете да го погледнете целиот процес на изработка на скулптурата на Нерон:

Следен своето „оживување“ од Césares de Roma го чека Калигула, а во портфолиото од проектот веќе ги има Јулиј Цезар и Октавијан Август. Уметникот вели дека има две пасии – уметноста и историјата на стариот Рим; последнава родена додека како дете го читал „Астерикс“, пред да му дојде в раце текстот „Белешки за Галската војна“ на Гај Јулиј Цезар, од кога му почнала животна опсесија да чита и учи за римската цивилизација.

Césares de Roma и Октавијан Август

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here