The Royal College of Art од Лондон е на врвот на листата на QS World University Rankings by Subject 2019, во категоријата уметност и дизајн, петта година по ред. Рангирањето на универзитетите во светот, во случајов поделено по академски полиња, е годишна публикација на QS (Quacquarelli Symonds), една од глобално водечките компании од образовната сфера.

Во истражувањето од кое произлегло рангирањето за 2019 година, опфатени се 1.200 универзитети, а анкетирани се над 83.000 професори. За да се направи рангирањето во однос на 48 академски полиња/дисциплини, земени се предвид репутацијата на високошколските институции во секое од полињата, како и импактот на нивните истражувања.

И второто место на овогодинешната листа во категоријата уметност и дизајн оди во англиската престолнина, кај University of the Arts London, кој во однос на лани се искачил за четири места. На трето место е Parsons School of Design од Њујорк, а на четврто Rhode Island School of Design (RISD). Петти е MIT – Massachusetts Institute of Technology, па следат: Politecnico di Milano, Aalto University (Хелсинки), The Glasgow School of Art, School of the Art Institute of Chicago (SAIC), Pratt Institute (Њујорк).

Првото место за The Royal College of Art доаѓа само месец по објавата на неговиот петгодишен план за „радикално нова визија“, чиј дел се и новите најнапредни курсеви во кои се миксаат научни и креативни дисциплини, како машинско учење и „мека“ роботика (soft robotics, подрачјето на роботиката во кое се цели компонентите на роботите да бидат „меки“, флексибилни, слично како кај живите организми).

Инаку, во овогодинешното рангирање, „предвидливо“, како што се вели во придружниот текст на QS, „САД и Обединетото Кралство се двете најдоминантни дестинации за студирање, со 28, односно 13 број еден рангирања“.

Целите листи, со рангирања во сите академски полиња, можете да ги погледнете овде.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here