HBO вчера на Twitter објави 20 нови постери со ликовите од „Game of Thrones“, под прашањето „Кој ќе го освои Железниот престол еднаш засекогаш?“ во претстојната осма, последна сезона од серијата што е адаптација на Џорџ Р. Р. Мартиновата „Песна за мраз и оган“.

Под секој од постерите, што ни се видоа и згоден потсетник за претендентите на Престолот кои се сѐ уште во „Играта (на троновите)“, е поместен цитат што дава извесен простор за толкување како ќе се развива финалната сезона, а нам најмногу ни се допадна оној од омилениот ни Тирион (Tyrion Lannister), кој порачува: „Никогаш не заборавај кој си. Зашто остатокот на светот нема да заборави“.

За поголема непредвидливост, HBO, меѓу можните запоседнувачи на Железниот престол ги додава и Белите шетачи (White Walkers); конкретно Ноќниот крал (Night King). Меѓу дваесетмината на постерите има и ликови кои немаат интерес да владеат, како Арја (Arya) или сер Давос, и се најверојатно вклучени како битни фактори во корист или против нечие изборување за престолот. Фановите извлекуваат и заклучоци врз база на претпоставени скриени пораки во постерите, како, на пример, дека Санса, чија облека како да е украсена со змејски крлушки, ќе биде значајна поддршка за планот на алијансата на нејзиниот полубрат, Џон Сноу, и „Мајката на змејовите“, Денерис. Џон Сноу е фаворит на публиката, ако се заклучува според бројот на лајкови и ретвитувања на неговиот постер.

Првата епизода од осмата сезона излегува на 14 април, а во меѓувреме погледнете ја галеријата со дваесетте постери и потсетете се кој сѐ остана во „Играта“ …

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here