Извонредно искуство беше да се доживее оживеаната уметност на Винсент ван Гог во филмот „Loving Vincent“ (2017), што е во целост рачно, вангоговски насликан, со дури 65 илјади кадри/масла на платно сработени од 125 сликари селектирани низ светот (меѓу кои и нашиот Гоце Илиевски) според способноста да го копираат стилот на Големиот Холанѓанец.

Но, иако не отидовме во Париз, во тамошниот прв дигитален музеј на уметноста – L’Atelier des Lumières, доволно беше што ги видовме видеата од изложбата отворена на 22 февруари, за да сфатиме дека поживо и поцелосно искуство на ван Гог досега немало.

Дигиталната изложба „Van Gogh, Starry Night“ ги „потопува“ (на англиски ова искуство се вика immersive, и во контекстот значи користење на технологија, главно екрани со широк агол на гледање, за корисниците да бидат што поцелосно вовлечени во активноста во која учествуваат) посетителите во сликите на Винсент ван Гог, генијот кој останал непрепознаен во тек на својот живот, а чие дело е во основите на модерната уметност.

Проектирана на сите површини од L’Atelier des Lumières – на ѕидовите, на подот, на таванот, на разместени низ просторот екрани со 360 степени – визуелно-музичката продукција го евоцира и интензивниот живот на ван Гог, „длабоко емоционален, хаотичен и поетски, акцентирајќи ја постојаната интеракција на светлината и сенката“, како што стои на официјалната презентација на изложбата.

За вакво искусување се трансформирани многу од платната на ван Гог, кои радикално еволуирале низ годините, од „Јадачите на компир“, „Сончогледите“ и „Ѕвездената ноќ“, до „Спалната во Арл“. Впечатокот од видеата од изложбата во L’Atelier des Lumières ни е дека експресивните, моќни потези на четката на ван Гог, таму може и тактилно да се доживеат; просторот е осветлен од силните бои на неговата уникатна палета; водата од „Ѕвездената ноќ над Рона“ е „оживеана“ и со резервоар со вода поставен зад екранот, а сето е придружено со музика и звучни ефекти стручно избрани од продуцентите Culturespaces (специјализирани за „имерсивни“ екрани).

Изложбата трае до 31 декември, а ако не одите во Париз дотогаш, L’Atelier des Lumières нуди (слабо) утешно искуство преку апликација (засега само за Android) со аудио коментари на 50 слики на Винсент ван Гог.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here