Стигна првиот официјален трејлер за последната, осма сезона од „Играта на троновите“, и она што стана јасно (и) од него е дека сите (речиси) се подготвуваат за битката на нивните животи, против армијата на Белите Шетачи, сфаќајќи оти моментумот не остава простор за какви и да се калкулации за тоа што потоа. Зимата конечно доаѓа, носејќи го апокалиптичниот непријател чија закана не пропушта никаква мисла јужно од Винтерфел, а камоли амбиција за Железниот престол.

Надежта на целиот Север предводен од Џон Сноу и Денерис Таргариен ја открива појавувањето во трејлерот на релативно небитниот лик, ковачот Гендри, кој очигледно треба да ги научи своите колеги од Северот да произведат доволно сечива од Валеријански челик – едната од двете познати, ултра-раритетни супстанции што можат да убијат Бел Шетач. А Арја во трејлерот држи сечиво од Змејско стакло (Dragonglass) – втората супстанција ефективна против „немртвите“ – порачувајќи, со својот познат јуначки став: „Ја познавам смртта. Има многу лица. Чекам да ја видам оваа“. Секако, мисли на смртта на „Шетачите“, на непријателот „што не се изморува, не запира, не чувствува“, како што го слушаме Џон Сноу во трејлерот за финалната сезона.

Серси Ланистер се чини е единствена која во целата ситуација смета дека има простор за калкулации, кои очекува да одат во нејзин интерес. Таа уште изгледа дека е главно фокусирана на нејзините соперници за Железниот престол – алијансата околу Џон Сноу и Денерис, за која се надева оти „Шетачите“ ќе ја збришат. Познавајќи ја Серси, таа проблемот што ќе прави после, откако „немртвите“, ако победат, ќе се свртат кон југот, веројатно нема да го решава по принципот „еден по еден проблем“ – секако има некаков план, а има и теории дека нејзиниот ментален склоп е погоден материјал и останувањето на Железниот трон да си го обезбеди со тоа што ќе стане Ноќна кралица – сопруга и совладетелка на Ноќниот крал, предводникот на Белите Шетачи …

Осмата, последна сезона од „Играта на троновите“ ќе содржи шест епизоди – од кои во едната, посветена на нападот/одбраната на Винтерфел, според најавите ќе ја видиме најдолгата и најскапата сцена на битка кога и да е прикажана на филм.

Во интервју за Entertainment Weekly, креаторите на серијата, David Benioff и Dan Weiss, изјавија дека се надеваат оти гледачите ќе уживаат во начинот на кој серијата ќе заврши, но додадоа дека се подготвени на некои да им „омрзне“ крајот на „Играта“.

„Нема верзија за која сите ќе речат: Морам да признаам, се сложувам со секој друг човек на планетава дека ова е перфектниот начин да се направи тоа“, рече Weiss.

Осмата сезона почнува на 14 април и завршува на 19 мај.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here