Њујоршкото The Armory Show е водечки саем – културна дестинација на која организаторите, откако ќе ја откријат, ја покажуваат најважната уметност од тековниот и претходниот век. Вклучува презентации на водечки меѓународни галерии и иновативни уметници. Од своето основање во 1994 година, со идеја да биде платформа за презентирање и промовирање на новите гласови во визуелните уметности, The Armory Show е еден од јазлите на светот на уметноста, што инспирира дијалог, откривање и покровителства во областа.

Во рамките на годинешново издание (7-10 март), јубилејно 25-то, на кое се претставуваат 198 галерии од 33 држави, њујоршката галерија Castelli прави реконструкција на делото што е битен претходник/најавувач на „имерсивните“ (за што поцелосно вовлекување/учествување на публиката во делото) видео инсталации што се етаблираа како медиум за авангардна уметност во тек на седумдесеттите.

Се работи за „Finch College Project“ од 1969 на Robert Morris, американскиот скулптор, концептуален уметник и теоретичар, кој е клучна фигура во етаблирањето на минимализмот, процесната уметност и ленд артот.

Finch College Project

„Finch College Project“ е инсталација што вклучува филм проектиран на истото место каде што е креиран/снимен. Проектот е продолжение на претходните креативни интереси на Morris за инсталации што создаваат тотално/целосно опкружување, како во неговото дело од 1961 година, „Untitled (Passageway)“.

Untitled (Passageway)

Реализиран е во две фази, од кои во првата, филмска камера била поставена на ротирачки статив во изложбен простор, која, додека се вртела, ја снимала екипата ангажирана да постави на еден од ѕидовите голема фотографија на публика во кино. На ѕидот отспротива било поставено огледало со исти димензии како фотографијата. Веднаш по завршувањето на нивната инсталација, огледалото и фотографијата биле отстранети, оставајќи на ѕидовите зад себе гребнатини и остатоци од лепилото.

Во втората фаза, на ротирачки статив бил поставен проектор, и филмот на кој била снимена екипата додека ги поставува огледалото и фотографијата, бил проектиран на ѕидовите од изложбениот простор.

Проектот ја кани публиката да ја контемплира комплексната мрежа од перформанс и воајеризам во која и самата (публика) е „фатена“/потоната. Константа на овие различни гледања/опсервации, и тела/луѓе во цик-цак и низ времето и низ просторот, се трагите на ѕидовите. Публиката во моментот/„сега“, е со историјата на просторот преку физичките траги оставени на ѕидовите, а одозгора, одново „сега“, и врз неа, е проектиран филмот од „предисторијата“ на трагите.

Во Castelli галеријата филмот се проектира од „старо-школска“ машина; сепак, способна да го „лупува“ (да го врти во круг), а поради реалната опасност вака старата опрема да се расипе, набавени се два примерока.

„Robert Morris, кој неодамна почина, е една фантастична елоквентна приказна – да ти се замрзне крвта читајќи ги неговите епитафи за феноменологијата на создавањето“, не можевме да не се сетиме на зборовите на скулпторот Гоце Наневски, кој неодамна ни гостуваше во рубриката „Ликови“.

Наневски, секако мисли на влијателните есеи што го помогнале создавањето на теориите за минимализмот и другите движења, настанати како резултат на истражувањата на Robert Morris, кој почина лани (1931-2018).

Robert Morris

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here