Глобалниот пазар на уметност и во 2018 година останал доминантно концентриран во САД, Обединетото Кралство и Кина, кај кои заедно е остварена 84% од вкупната светска продажба; богатите „милениумци“ лани биле најактивна генерација купувачи на пазарот; помалите галерии си го ризикуваат опстанокот потпирајќи се во однос на приходите на само еден нивни најпродаван уметник; кинескиот сликар Zao Wou-Ki бил лидер во 2018 според продажбата на аукции – негови дела комбинирано се продадени за 310 милиони долари …

Ова се некои од наодите во денеска објавениот извештај „The Art Market 2019“ на Art Basel и UBS, што ги покрива сите аспекти на меѓународниот пазар на уметност и ги истакнува најважните трендови во претходната година.

Ова, трето издание на извештајот (првиот беше објавен во 2017), подготвено од основачката на Arts Economics, Clare McAndrew, се базира на податоци обезбедени и анализирани од страна на Arts Economics, а кои потекнуваат од трговци, аукциски куќи, колекционери, саеми за уметност, финансиски бази на податоци, експерти за индустријата и останати инволвирани во трговијата со уметнички дела.

Dr. Clare McAndrew

Како важно ново откритие во извештајот се наведува степенот до кој (особено) помалите галерии се потпираат на нивните уметници чии дела најдобро се продаваат – скоро две третини од вкупната продажба во 2018 им дошла од нивните топ три уметници, а дури 42% од приходите се должат на дела на само еден водечки уметник.

„Многу е несигурна позицијата во која се наоѓаат многу од галериите од примарниот пазар, во ситуација кога нивниот приход зависи од мал број уметници, а ова особено важи за помалите галерии. Ако овие уметници си заминат или ако ги преземат поголеми галерии, помалите ќе се најдат во многу опасна позиција“, е изјава на McAndrew.

Во 2018 година продажбите на глобалниот арт маркет достигнале 67,4 милијарди долари, што е раст за 6% во однос на 2017 – втор највисок во последниве 10 години.

Пазарот е силно концентриран во САД, Обединетото Кралство и Кина, кај кои лани, заедно била направена 84% од вкупната продажба во светот, според вредноста. Америка води, со удел од околу 44% и продажба што достигнала 29,9 милијарди, што, според McAndrew, е највисоко ниво досега. Изненадувачки, и покрај заканата од крајниот рок за излегување на Британците од Европската унија, „островот“ се вратил на второто место со вкупна продажба од речиси 14 милијарди, што е раст за 8%. Претходно незапирливиот раст на Кина подзагубил здив, па таа завршила трета, со пад на продажбите од 3%, кои во 2018 изнесувале 12,9 милијарди долари.

Онлајн аукциите достигнале нов врв од 6 милијарди долари (раст од 11%), растејќи двојно повеќе од остатокот на пазарот. Овој раст се должи на зголеменото расположение на богатите колекционери кои според возраста им припаѓаат на „милениумците“ (или на Генерацијата Y), да купуваат онлајн – во анкетата на McAndrew и USB спроведена врз 600 вакви колекционери, 93% од нив рекле дека купиле уметнички дела од онлајн платформи.

Милениумците се, исто така, најактивна генерација на купувачи на пазарот на уметност, вели извештајот, и прават скоро половина од колекционерите кои во контекстот вообичаено трошат милион долари или повеќе.

Најголем дел од анкетираните колекционери, или 66%, рекле дека купуваат со стратегија за колекционирање, за разлика од 11%, кои купиле уметничко дело главно со инвестициска цел.

Во секторот повоена и современа уметност, кинескиот уметник Zao Wou-Ki (1920-2013) е лидер, како најпродаван на аукции во 2018. Неговите дела генерирале продажби од 310 милиони долари, вклучително и „Juin-Octobre 1985“, која е продадена за 65,2 милиони на аукција на Sotheby’s Hong Kong, поставувајќи нов рекорд за азиско масло на платно, и станувајќи најскапо продадено уметничко дело во Хонгконг кога и да е. Забележан е и новиот рекорд за најскапо продадено дело на жив уметник – „Portrait of an Artist (Pool with Two Figures)“ (1972) на David Hockney, за 90,3 милиони долари. Во САД уделот на приходите од продажба на дела на живи уметници во 2018 најмногу пораснал, до 42%, што е за 10% повеќе отколку во 2017. Кина останува пазар со најголем удел од продажба на дела на живи уметници, со 55%, и покрај падот од 2% во однос на 2017.

„22.07.64“ (1964), Zao Wou-Ki

Особен фокус во извештајот е ставен на родовиот дел, при што се покажало дека колекционерите и натаму воглавно се мажи, а најголема застапеност на жени уметници има во галериите од Африка и од Блискиот Исток. Меѓу уметниците претставени во галериите во 2018, 36% биле жени, заслужни за просечно 32% од продажбите, и, според анкета спроведена на 82 настани, само 24% од 27.000 уметници чии дела биле изложени на саеми за уметност, биле жени. Во топ 100 аукциските цени за слики, во 2018 се пробиле само две дела на жени уметници. А жените, вели извештајот, доминираат во трговскиот сектор (за продажба на уметнички дела), со застапеност од скоро две третини во работната сила.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here