Пишува Александра Ристески

Илустрираната книга „Боуви – Една биографија“ (Bowie – Una biografía), на илустраторката María Hesse и текстописецот Fran Ruis, ме маѓепса уште уште при првиот поглед на нејзината корица.

Раскажана во стилот на детска сликовница – лесна, наивна и непретенциозна, проткаена со разиграна фантазија, истата ја проголтав во еден здив како дете на кое му се открива еден нов свет пред спиење и не може да му се препушти на сонот сѐ додека не го впие и последниот збор.

Но, оваа „Una Biografia“, истовремено е длабока, остроумна; вешто ги вади на површина главните поенти, „свичови“: за егзистенцијалистичката борба, за шизофренијата; заводливиот смртоносен бакнеж на белата девојка, изневерените идеали на човекот кој го продаде светот, барањето себеси во будизмот, езотеријата, христијанството; на хероите за еден ден – кои се издигнуваат над општествените случувања; пријателствата кои што спасуваат од пропаст, со Иги Поп, Џон Ленон, Коко … ; Љубовта = Иман, пред која ја симнува и последната маска; немата девојка која го сака и на крајот го зема во својата прегратка вивнувајќи го во Бесконечноста …

Целото вткаено во линеарно раскажаниот престој на Земјата на еден од најголемите уметници на сите времиња – Вонземјанинот David Robert Haywood Jones, и тоа преку сликовито одбраните поднаслови:

– Апсолутни почетници

– Полетуваме

– Космички шепот

– Пропратни ефекти на кокаинот

– Стави ми куршум во челото и ќе излезеш на насловните страници

– Танц со крупни ѕверки

– Едно срце за лимениот човек

– World Wide Bowie

– Немој никогаш да остариш

– Не можам баш сѐ да ти откријам.

Тука се Ziggy Stardust, Aladdin Sane, The Man Who Sold the World, The Thin White Duke, David Bowie, Lazarus, Blackstar, … сите форми во кои се метаморфозираше овој Вонземјанин, и уметноста што ја креираше и допре толку многу луѓе во светот, помагајќи им немилосрдно да копаат по своето битие, да се пронајдат себеси и да го прифатат своето Јас.

Книгата, освен што е вистинско уживање во едно волшебно патување на магичниот килим од генијална илустрација, претставува уште едно сведоштво зошто толку многу го сакаме овој Вонземјанин, незапирлив во својата креативна моќ – создавајќи уметност со иновативен и „месијански“ карактер; кој секогаш одново нѐ изненадува, па на крајот авторите мудро заклучуваат дека Лазарус, откако ќе се вивне во Вселената и ќе се спои со вечното ништавило, ќе погледне пред себе (и зад себе), ќе се насмее и ќе порача:

„Што гледам пред себе, не можам да ти откријам“ ;).

На крајот на книгата благодарност до Дејвид Боуви што ги повикал од зад виножитото овие млади уметници да ја пренесат приказната, и посебна благодарност до Terry Burns, братот кој страдал од шизофренија, но и кој го вовел Боуви во бит музиката, џезот, книжевноста, духовноста, и кој го посеал семето на сѐ она што значи иконата Bowie.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here