Роберт Крамб (Robert Crumb) е легенда и неприкосновен авторитет во светот на стрипот, и веројатно не му треба претставување пред да преминеме на актуелното за него, но, сепак, еве едно кратко потсетување:

Како еден од клучните автори во формирањето на андерграунд стрип сцената во шеесеттите и седумдесеттите од минатиот век, Крамб одработил за преиспитувањето, и следствено, за проширувањето на границите на графичката уметност; за редефинирањето на стрипот како контракултурна уметничка форма. Во стриповите како Fritz the Cat (од 1965), Mr. Natural (од 1967) и Keep on Truckin’ (од 1968), како никој ја врамил субверзивната културна реакција на шеесеттите, преку зајадлива сатирична критика на тогашното, модерно општество, адресирајќи на политичките потфрлања/разочарувања, на расните и родовите стереотипи, сексуалните фантазии и фетиши, апсурдите на социјалните конвенции и конформизмот. Сето презентирано со вознемирувачко, но смешно, без себе-штедење себе-карикатурирање во силно препознатлив цртачки стил, драматизирајќи ги случувањата од неговиот живот и опкружување.

Неговата „The Book of Genesis“, објавена во 2009 година, во која ги илустрира педесетте поглавја од Првата книга мојсеева – Битие, критичарите не можеа да ја доиспофалат додека истовремено се искачуваше на врвот на листите бестселери. Негови дела се дел од големи музејски колекции низ светот, вклучително на Бруклинскиот музеј (Њујорк), Карнеги музејот на уметност (Питсбург), Лудвиг (Келн), MoMA (Њујорк) …

До 13 април ќе трае неговата изложба во њујоршката галерија David Zwirner, насловена „Drawing for Print: Mind Fucks, Kultur Klashes, Pulp Fiction & Pulp Fact by the Illustrious R. Crumb“, отворена на 21 февруари, а амбицирана да понуди толку широк поглед, колку што бара неговата застрашувачки респектабилна кариера.

Sketchbook, 1979–1981

По поводот, ARTnews направиле интервју со Крамб, сега 75-годишен, во кое тој ги коментира обвинувањата дека е расист, сексист, женомразец …; своите дела/гревови на младоста; влезот во „високото“ уметничко општество …

Р. Крамб вели дека му пречи што некои луѓе и натаму гледаат во она што го работел расизам, сексизам, антисемитизам …, и што ваквите предрасуди отуѓиле од неговото творештво многу жени, па читателите му се главно мажи – „зашто никогаш не сум нацртал ниту една линија со намера да поттикнам кој и да е од овие ставови“.

„Кога сега, од перспективата на мојата 75-годишна возраст се осврнувам на моите стари дела, водени од либидото, одвај ја гледам врската со таа личност што ги правела. Да се биде млад човек на силен сексуален погон, е како да си врзан со синџир за луд човек. Кога хормоните опаѓаат, твојата перспектива длабоко се менува – светот го гледаш поинаку. Веќе не ги проценуваш жените низ перспективата на потенцијални партнерки за секс. Се чувствуваш татковски и заштитнички кон младите жени и братски кон повозрасните. Почисто ги гледаш како луѓе“, вели Крамб, кој стои зад делата што ги создал во младоста, во смисла дека претставуваат „прилично искрена рефлексија на тоа што бев во тоа време, и можеби рефлексија на целото општество во кое израснав“.

Self Portrait with Third Eye, 2001

Кога од ARTnews го прашуваат како е кога „аутсајдерот“ во поголем дел од кариерата сега изложува кај Дејвид Цвирнер, „еден од најголемите инсајдери меѓу галеристите“, Крамб одговара дека интересот на дотичниот го предизвикало тоа што многу млади уметници го цитирале токму Р. Крамб како влијание.

„Необично е што Robert Storr (кураторот на тековната изложба) влезе во ова, кое целосно го почитува, додека е длабоко фокусиран на модерната „фина“ уметност. Тој може да ме легитимира кај тие богаташи од „фината уметност“. Јас не сум од овој свет (на „фината“ уметност), никогаш немав аспирации да бидам дел од него, и не разбирам што правам овде. Но, тие се многу фини со мене – морам да кажам – не можам да се жалам. Секако, сакам да добијам големи пари за мојата оригинална уметност, што е убава работа, иако ја носи својата комплицирана карма.“

На прашањето за разликата меѓу неговиот начин на работа сега, и оној кога почнувал, Крамб одговара дека сѐ уште се плаши од луѓето, но ако некогаш се криел од нив зад блокот за цртање што постојано го носел, сега параванот е неговото укулеле.

„Цртањето беше единствена работа што можев да ја правам со компетенција. Се плашев од луѓето. Се криев зад мојот блок за цртање. Сега не цртам цело време. Денеска се кријам зад моето укулеле. Претпоставувам, уште се плашам од луѓето. Го носам укулелето секаде наместо „скечбукот“. Славата ме направи поинхибиран и посамосвесен во однос на цртањето. Престанав да го уживам. Свирењето (на укулеле) на тие убави акорди на мелодиите од старите времиња ме релаксира.“, вели Р. Крамб во интервјуто.

Sketchbook, 1979–1981 (2)

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here