На 30-годишницата од World Wide Web или „светската мрежа“, нејзиниот креатор, Тим Бернерс-Ли, се осврнува на тоа како неговиот изум го промени светот последниве три децении, но и сериозно предупредува на опасностите што ги донесе.

„Вебот стана јавен плоштад, библиотека, амбуланта, продавница, школо, дизајнерско студио, канцеларија, кино, банка, и што уште не“, пишува Бернерс-Ли во отвореното писмо објавено на мрежното место на WWW Фондацијата.

„И додека создаде можност“, вели тој, „давајќи им глас на маргинализираните групи и правејќи ги полесни нашите секојдневни животи, вебот исто така создаде можност и за измамниците, давајќи им глас на тие што шират омраза, и олеснувајќи го правењето на секаков вид криминал.“

Бернерс-Ли ги разбира луѓето кои поради злоупотребите преку интернет се сомневаат дали навистина „светската мрежа“ е сила на доброто, но имајќи предвид каква и колкава промена направи истата во последниве три децении, смета дека би било дефетистички и неимагинативно да се прифати оти вебот каков што го знаеме не може да се смени кон подобро во следните 30 години.

Актуелните проблеми – што од замислата за иновативна алатка за едукација и поврзување, вебот влезе во лавиринтот од лажни вести, тролови, злоупотреби на приватноста … , Бернерс-Ли ги идентификува делејќи ги во три категории.

Првата е злонамерноста, вклучувајќи го онлајн вознемирувањето, како и хакирањето под покровителство на државата. Втората е кога корисничкото искуство, односно вредноста за корисникот се жртвува со „первертирани побуди“, што во основа значи „кликбејт“ (мамка за кликови) = пари, а третиот проблем се несаканите негативни консеквенции, односно што и покрај добронамерноста на одредени сервиси, се произведува навредлив и поларизиран тон и квалитет на онлајн дебатите.

„Таткото“ на вебот е уверен дека за ова не треба да се обвинува „една влада“ или „една социјална мрежа“, и предлага решение со создавање нов „Договор за Вебот“, со кој би се воспоставил сет од закони и стандарди, со соработка од владите, компаниите и граѓаните.

Во контекст на неговата изјава од 2017, дека „ја загубивме контролата врз нашите лични податоци“, Бернерс-Ли порачува оти „платформите и продуктите (за на веб) мора да бидат дизајнирани со приватноста, диверзитетот и безбедноста на ум“.

„Вебот е за секого и колективно ја имаме моќта да го промениме. Нема да биде лесно. Но, ако малку посонуваме и многу работиме, можеме да добиеме веб каков што сакаме“, заклучува тој, сметајќи дека „борбата за Вебот е една најважните каузи на нашето време“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here