Од дома работат 83% од илустраторите низ светот, најмногу исплати добиваат од САД и Канада, а одвај 27% заработуваат доволно за да можат да живеат само од илустрација. Ова го покажала новата, втора по ред анкета, спроведена врз 1.443 илустратори низ светот, од страна на добро етаблираниот Ben the Illustrator (во чие портфолио е работа и за The Guardian, Greenpeace, Yohji Yamamoto …).

Поделено во четири секции, ова независно истражување на илустраторскиот бизнис (Illustrator’s Survey 2018/2019) прво се осврнува на тоа кој работи во индустријата во моментов. Открива дека 57% од илустраторите кои одговориле на прашањата од анкетата се жени, 42% се на возраст меѓу 18-30 години, а 83% работат од дома. Токму за илустрација на факултет се обучиле 38%, додека 43% студирале друго креативно поле.

Втората секција е фокусирана на работата на илустраторите, и 48% од нив (од анкетираните) го работат само тоа (full-time), додека 29% се ангажирани на некоја друга креативна работна позиција, а повремено се занимаваат со илустрација. Истражувањето покажало дека нешто над половина од илустраторите, или 52%, имале повеќе работа во 2018 во споредба со 2017. Најголем дел заработиле од објави за клиенти (27%), следат добиените приватни нарачки (18%), па работата на илустрации за весници и магазини (15%) и за адвертајзинг потреби (12%). Најмногу од клиентите им се од САД и Канада (44%), а на трето место се Обединетото Кралство (35%) и другите европски држави (14%). 71% од илустраторите опфатени во истражувањето работат за клиенти во државата каде што живеат, а 82% моментално не работат со агент-застапник. 53% одговориле дека претходно работеле и бесплатно, и оти никогаш повторно не би прифатиле ангажман за „беспари“.

Во третата секција, истражувањето дава корисни информации за професионалците од областа, во однос на парите во бизнисот. Зашто, дури 57% од илустраторите се чувствуваат несигурно кога треба да одредат цена за нивниот труд. Најалармантен во оваа секција е податокот дека одвај 27% од нив заработуваат доволно за да можат да живеат само од илустрација. За најголем дел од поединечните нарачки/илустрации наплаќаат по цена под 275 евра (39%) и од 275 до 550 евра (28%).

Последната секција се однесува на балансот меѓу работата и другите аспекти на животот (work–life balance) на илустраторите. На прашањето: „Што би донело бенефит за тебе/за твојата работа?“, 64% одговориле повеќе вежбање/телесна активност, 46% повеќе релаксација, 41% повеќе сон, 41% повеќе обука од областа на уметноста, 40% повеќе време за социјализација … Во контекст на последново, 28% редовно комуницираат/се среќаваат со колеги илустратори, додека 60% не го прават тоа, но би сакале. Дури 74% од луѓето во оваа креативна дејност чувствуваат анксиозност или несигурност што влијае на нивната кариера, а 59% би сакале повеќе да се зборува во нивната заедница за поддршка во однос на менталното здравје, особено во делот на проблемот со самодовербата. Добро е што дури 96% се чувствуваат мотивирани да бидат подобри уметници, а 89% да се подобрат во делот на бизнисот.

Според Ben the Illustrator, ова истражување, во најмала рака им нуди корисни информации на илустраторите во која и да се фаза од нивната кариера, а него го радува што големо мнозинство од нив стремат кон подобрување на двете страни на нивната работа, „и со мотивацијата при рака можат да создадат подобар, покреативен и попрофитабилен бизнис“.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here