Пазарот за уметност во Кина има извонреден раст во текот на последниве 40 години и стигна до втор по вредноста на продажбата во светот (според новиот извештај „The Art Market 2019“ на Art Basel, во 2018 бил трет). Двете најголеми кинески аукциски куќи, Poly Auctions (основан 2005) и China Guardian (1993), се рангирани како трета, односно четврта глобално, после Christie’s и Sotheby’s.

Новиот TEFAF Art Market Report (презентиран на овогодинешниот TEFAF саем во Мастрихт, Холандија; отворен во петокот, а ќе трае до 24 март) посветен на кинескиот пазар за уметност, цели да ја подрасветли феноменологијата на истиот, давајќи продлабочен историски преглед на развојот на трговијата со уметнички дела во Кина во модерната ера.

„Како пазарот за уметност во Кина постигна толку рапиден раст? Беше ли тоа органски процес? Или шпекулативен меур? За многумина кои гледаат од надвор, драстичните промени што се случија последниве 40 години остануваат мистифицирани“, пишува во воведот на извештајот неговата авторка, Kejia Wu (на насловната слика), професорка на њујоршкиот институт на Sotheby’s.

Некои од највлијателните приватни колекционери од Кина, во извештајот поделен на пет поглавја, откриваат колку потрошиле и какви им се плановите.

И ако првото поглавје се занимава со потеклото на кинескиот арт маркет, второто објаснува што се случувало на пазарот по Културната револуција (1966-1976) и како тој еволуирал низ декадите поминувајќи низ различни фази. Третиот дел е посветен на споменатата анкета меѓу колекционерите и сопствениците на приватни музеи; за нивните афинитети, практики и планови, а четвртиот дава преглед на пазарот низ призмата на инвеститорите и дилерите. Петтото, базирано на интервјуа со клучните играчи на пазарот, споделува согледувања за неговиот раст последниве четири декади, како и за идните перспективи.

Во овој, последен дел од анализата именуван како „Поглед кон иднината“, се подвлекува дека сѐ повеќе од најбогатите припадници на помладата генерација Кинези ќе почнат да колекционираат уметност.

„Тие ќе бидат поактивни на примарниот, отколку на секундарниот пазар. Купувањето западна уметност ќе продолжи да се шири“, заклучува Wu.

Шефицата на одделот на Christie’s за азиска дваесеттовековна и современа уметност, Evelyn Lin, во извештајот вели дека се формирала група колекционери родени во осумдесеттите кои имаат многу различен интерес во споредба со нивните колеги родени во седумдесеттите.

„Неколкумина од родените во осумдесеттите, на пример, колекционираат дела од KAWS (Brian Donnelly) … Oваа генерација нема јазична бариера, па можe да се поврзe со меѓународниот пазар и лесно да дојдe до информации“.

Еден од најголемите предизвици е „тешкиот даночен товар“ за донесување во Кина на уметнички дела креирани во странство.

Кина има околу 5.000 музеи, од кои приближно 1.500 се приватни. На прашањето – колку троши на годишно ниво, основачот на шангајскиот How Art Museum, Zheng Hao, вели меѓу 4 и 6 милиони долари. Основачот, пак, на Long Museum од истиот град, Liu Yiqian, вели дека ангажира „десетици обезбедувачи“ и волонтери на кои им плаќа за трудот, а вкупно, заедно и со организациите на изложбите, има годишни трошоци од околу 6 милиони долари.

„Иако пазарот во Кина е втор во светот, сѐ уште ни се лимитирани можностите да го разбереме. Историскиот преглед и интервјуата со колекционерите и останатите луѓе од индустријата го даваат контекстот на овој пазар што брзо созрева“, е изјава на извршниот директор на TEFAF, Patrick van Maris, дадена на презентирањето на извештајот.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here