Миланската Ла Скала одлучи да ѝ врати околу 3 милиони долари на Саудиска Арабија, под притисок на жестоки критики на јавноста против планот што можеше да резултира со седнување на саудискиот министер за култура во бордот на престижната оперска куќа.

Планот договорен од италијанска страна од извршниот и уметнички директор на Ла Скала, Александер Переира, бордот едногласно го отфрлил по реакциите на организации за човекови права и италијански политичари, во услови на засилен меѓународен надзор врз кралството по убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги во конзулатот во Истанбул во октомври.

„Ќе им ги вратиме парите на Саудијците“, изјави на вчерашната прес-конференција градоначалник на Милано, Џузепе Сала (на сликата), иако не исклучи можност за натамошни разговори со официјален Ријад.

„Ќе се вратиме на почеток … ќе видиме дали има некои други можности за соработка“, додаде Сала.

Во неделата се дозна дека 3 милиони долари веќе биле исплатени, од договорот според кој Саудиска Арабија требало да инвестира 15 милиони долари во оперската куќа во наредните пет години.

Претходно месецов, родениот во Австрија Переира, кој беше назначен на функцијата во 2014 (претходно беше уметнички директор на Салцбуршкиот фестивал) за да ги подобри финансиските перформанси на Ла Скала, тврдеше дека и Сала, а и министерот за култура на Италија, Алберто Бонисоли, биле запознаени со планот за саудиските пари.

Заменик премиерот Матео Салвини, изјави дека Ла Скала е национална „гордост во светот“ и оти треба многу да се внимава кога се размислува за прифаќање пари од „држави кои креирале многу проблеми во минатото“.

„Можете да земете пари, но не од секого. Бизнисот е бизнис, но тука има лимит, било да се работи за Кина или за Саудиска Арабија“, изјави тој.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here